Драга госпоѓо Шуберт

07.07.2017 14:39
Драга госпоѓо Шуберт

Лавиринт

Драга госпоѓо Шуберт, ве поздравувам
од Лавиринтот, повеќезначното лечилиште
кое ме наведува на правење грешки. Ги барам топлите
извори на нашата љубов, пиечките минерални зборови,
лековитите заеднички часови. Се губам во заплетканите
сеќавања, на патиштата што се вкрстуваат;
упаѓам во клопката на геометријата. Се заплеткувам
во каблите на датумите. Сè што нè сакало, драга
госпоѓо Шуберт, безизлезно е.


Јунак на роман

Драга госпоѓо Шуберт, јунакот на мојот роман
носи куфер. Во куферот има мајка, сестри, семејство,
војна, смрт. Не сум во состојба да му помогнам.
Куферов го носи на двесте педесет страни.
Малаксува. И кога конечно ќе излезе од романот,
сè му е украдено. Ги губи мајката,
сестрите, семејството, војната, смртта. На интернет
сајтот пишува дека така му е добро.
Можеби е Евреин или кепец? Сведоците
тврдат дека ќе молчи во врска со таа тема.


Расеаност

Драга госпоѓо Шуберт, дали забележавте
дека Времето од неодамна е расеано?
Математичарите, пијанисти на бројките, велат дека неговите денови се изброени. Можеби токму затоа на погребот на мојот пријател Времето токму од расеаност ѝ изјавуваше сочувство на зачудената смрт.

Јазик

Драга госпоѓо Шуберт, ви пишувам на полски
јазик. Тоа е необичен јазик. Се лепи
за непцата. Постојано треба да се преведува на странски
јазици. Повремено има одбивен мирис и вкус
на апатичен сенф. Се случува
во љубов да се размрдува.
Се сеќавате ли на онаа лексичка
вртоглавица, кога трчавме по плажата, а дождот
од усните ни ги симнуваше остатоците од говорот?


Продавач на вулкани

Драга госпоѓо Шуберт, дали се сеќавате на продавачот на вулкани во градот Мексико кој од себе исфрлаше лава? Околу нас се згуснуваше облакот прашина, јас ве губев од пред очи. Се соединувавме со лепливиот мрак на магмата. Не ве повикував јас туку викаа искрите, маните на нашата красноречивост. Лаеше огништето на пците. Температурата падна на минус четири Целзиусови степени. Дали тогаш дознавме малку повеќе за себе? Тоа нигде не е запишано, иако зборовите се веќе на пат.


Мртви

Драга госпоѓо Шуберт, сè почесто ги следиме мртвите. Ги снимаме местата во кои веќе ги нема. Ги осигуруваме трагите на зборовите. Со сувата храна Bento Kron Light го поткупуваме Керберот, троглавиот пес. Го набљудуваме смртниот збир на околностите. Отсутноста ја следиме со поглед. И сето време, незабележани, одиме по нив. А од нив допира само студот...

Што има ново

Драга госпоѓо Шуберт, ме прашувате што има ново... Нема ништо ново. Злочините ни се созреани. Веќе си се дојдени на свое. Ист е монологот на бикот што заминува на губилиште. Исти се пикадорите со детски лица. Исти се џелатот, блазираниот денди, тореадорот. Исти се еуфоријата на револуцијата, бучавата наоружана до заби, детонацијата на ждрелото. Ист е уморот. И навредата на гладта, на која пред носот ѝ мавтаме со розикавиот колач.

 

Поезија

Драга госпоѓо Шуберт, добро е што сеуште постои земја која се наоѓа насекаде и се нарекува Поезија.

 

Нашиот свет

Драга госпоѓо Шуберт, нашиот свет е божем лично писмо на Боговите, иако во лош стил...

Фотографии (инспирирани од филмовите на Хичкок): Alex Prager
Избор и превод: П. В.

Ева Липска e родена 1945. во Краков. Завршила Ликовна академија, но се определила за поезија. Пишувала и проза и драми, но и текстови за краковското кабаре Подрумот кај овните и текстови за рок бендови. Не припаѓала на ниедна книжевна група ни правец, иако критичарите ја вредуваат во Новиот бран. Преведувана е на повеќето попознати јазици. Добитник е на најпрестижните полски и светски книжевни награди. Последниве години е и кандидатка за Нобеловата награда.

ОкоБоли главаВицФото