Полската загатка

24.07.2017 11:11
Полската загатка

Доналд Трамп како да беше изнервиран неколку секунди. Претседателот на САД во својот говор во Варшава – кој беше проследен со овации – во еден момент го спомена присутниот Лех Валенса, по што се слушна гласно негодување од редовите на припадниците на партијата ПиС. Валенса и во Америка, како и на други места во светот, можеби е единствениот Полјак за кој знаат сите, симбол на инаетливата полска самодоверба, кого Трамп го спомена пофално. Но, очигледно никој не му објаснил на Трамп дека тој човек можел да стане омразена фигура за полските десничари. Претседателот на САД застана за момент, и како да сакаше да каже нешто, но потоа продолжи со пофалба на полскиот дух на отпорот.

А, каде е тој отпор денес, сега се прашуваат оние што малку подобро ја познаваат Полска. Зошто земјата на синдикатите „Солидарносшч“, која пред четвртина век придонесе за распадот на Исочниот блок, речиси без отпор упадна во ново еднопартиско владеење? Точно е дека повторно се протестира секојдневно, во Варшава, Познан и некои други места, но зошто само за време на последната седница на Долниот дом пред летната пауза? Зошто во пет минути до дванаесет?

Ако ги прашате оние што не протестираат, ќе добиете цел спектар одговори кои сепак личат еден на друг. Докторката Дорота од Катовице гледа дека нејзината земја е во опасност, но не протестира. „Тоа не носи ништо“, вели одмавнувајќи со раката. „Освен тоа, се плашам дека ќе се најдам на некоја листа и потоа ќе имам проблеми на работното место. Генерално, расте бројот на луѓе кои стравуваат од последици, казни или некаков друг вид последици. „Одгледуваме туѓо дете и мора да се држиме до законот“, вели преведувачката Магдалена, „инаку ќе ни го одземат детето“.

Многу извори на гнев

Но, во Полска, пред сè, огромен е бројот на луѓето кои сосема им го завртеле грбот на политиката, медиумите и јавната дискусија. Сезонскиот работник Марек вели дека изгубил секаква доверба во медиумите кои, како што вели, ги следат само сопствените интереси. „Сето тоа е само големо шоу“, вели тој. Не ѝ верува на ниедна страна во дебатата за правосудството.

Во Полска завладеа сеопшта заситеност од политиката. Тоа го чувствува и Марчелина Зависа, лидерката на младата левичарска партија Разем („Заедно“), партија создадена од невладини организации. Разем сака да ги разбие зацементираните политички блокови. „Дваесет и пет години чекаме проблемите конечно да се решат“, вели. „Тешко е да се стекне доверба“, признава Зависа. Според нејзините зборови, довербата во политиката во Полска е еднаква на нула. Ни правосудството не успеа да ја врати довербата откако падна Железната завеса. Нема никакви пресуди, маркантни сигнали на политичарите, сигнали од кои јасно може да се види дека правосудството има самодоверба. Некои би сакале да слушнат и некоја остра пресуда за некој од поранешните комунистички функционери. Тоа што земјата сè уште е во рацете на посткомунистичките структури, како што тврди ПиС, според мислењето на преведувачката Магдалена не е главен проблем: „Проблем се лошите искуства со прависудството, па и оние малите“. Судските постапки траат бесконечно долго, однесувањето на службениците е арогантно.

Но, околу 20 проценти од полските граѓани генерално ги демонизираат судиите и се радуваат што „на оние горе конечно им се покажа каде им е местото“. Таквите граѓани се погласни од останатите – и лојални се. „ПиС има многу лојални следбеници“, вели варшавскиот политиколог Јацек Кухарчик, и додава дека различните опозициски групи мораат да се борат за сопствениот кредибилитет. „На последните избори, 18,6 проценти од гласачите гласаа за ПиС“, потсетува Кухарчик. Но, тоа беше доволно, зашто мнозинството умерени гласачи беа демобилизирани.

Повторно е откриен „малиот човек“

Партиите каква што е Пис беа поттикнати и обединети од протестите. Качински придоби многу гласачи од левичарските партии зашто ветуваше дека неговата партија ќе ги штити интересите на малите луѓе. А, тоа им се допаѓа на луѓето како што е пензионерот Лудвик, кој вели дека имал дистанциран однос спрема сите партии, но дека потоа дошла ПиС: „Луѓето сакаат нешто да се промени. Да не ни се зборува повеќе дека сме луѓе од втора категорија. Секој човек сака да биде вреднуван“. И, затоа, вели, задоволен е од најновиот развој на настаните.

Сите Полјаци ни оддалеку не мислат дека Качински навистина се грижи за „малиот човек“. Но, бројот на оние кои сериозно се противат на неговата политика е мал. Но, летото ќе покаже дали можеби повторно ќе се достигне критична маса на оние кои се свесни дека сè е на коцка.

Извор: http://www.dw.com

ОкоБоли главаВицФото