Издржи да си хаос

06.09.2017 12:25
Издржи да си хаос

***

Ах, туѓоста на светот
што луѓето ја прогласуваат
за лична туѓост на светот,
веќе е прилагодување.

Но песот... Песот...

Човек до смртта се вдлабочува
во детската игра „Форт-да“.

Но песот... Песот...

Некој помислил дека ќе излезе од тоа
и тргнал и стрелал
во масата –
а пред тоа напишал:
„(...)
Уништувањето е знаење
болката е прифаќање
одрекувањето е немоќно
(...)
смртта е помилување
животот е казна
луѓето се слични едни на други
јас сум поинаков“.

Но песот... Песот...

Рихард Вагнер ја отсвири
Liebestod на клавирот
се пикна под него
и лаеше.

Но песот... Песот...

Грофот Циано (токму пред избивањето на војната) напиша во својот дневник:
„Се сеќаваш ли кога како момченце
те поздравував во Спезија додека заминуваше,
мавтајќи ти од малата тераса
на нашата куќа што гледаше
кон морето.
Гласот ми запнуваше во грлото,
очите ми беа полни со солзи,
но се совладував дури беше во близина,
зашто на големиот воин
не сакав да му ја покажам мојата слабост.
Но мојот напор
беше залуден.
Ти многу добро знаеше
дека се фрлив на подот
совладан од солзи и самотија,
веднаш штом те снема
зад аголот...“.

Но песот... Песот....

Го галам. Толку го галам.
Дрвјата расцветале во бело.
На рацете ми остануваат
бели влакна.

Но песот.. Песот...



Церемонијал

Сите тие страсни нетрпеливи гестови
на кои не им беше местото,
сите тие лапсуси, прекини,
сето тоа беше Церемонијал.

Сиот Церемонијал – беа
страсно нетрпеливите гестови
на кои не им беше местото,
лапсусите, прекините – сѐ.


Перфектус

Не за несовршеноста, за совршеноста
бараше прошка –
певецот кој во име на пофалбата на најкревкиот
мораше да влезе во најмрачните простори.
Мораше.

Слободен
како куршум
што пролетува
крај телото
во кое
бил истрелан.

Некој рече: „Слободата е во тоа
да немаш свој
живот“.
Тој молчеше.

Слободен
како куршум
што пролетува
крај телото
во кое
бил истрелан!

 


Оска

Издржи
да
си хаос.

Врз мене
падна
семе од дрво,

божем
сум
земја.

Секое тело
е отелотворување
на космичката катастрофа.

А ти
издржи
да си

хаос.
Ситни
дождовни

капки
ја разбиваат
светлината.

Ја разбиваат.
„Боите
не се

ништо друго
туку
крв

на разбиена
светлина“.
А ти

издржи
да си
хаос.


Ка

Нешто
ми падна
од рацете.

Не знаев
дека со тоа
ја фрлив

коцката.
Никаква
слободна

волја
не ме
одвраќа

од тоа
што
го сакам.

Тивка градина
со сечило
ја отвора утробата.

Но јас
од неа
сум роден.

Не можам
да посакам
светот

да експлодира,
кога секој миг
гледам

како
експлодира.
Мачката

си ги лиже
влакната.
Не чекај

на смртта.
Издржи
да си Смрт.



***

Какви мускули се потребни
за бестежност!

Само двојниот агент оди до крајните
консеквенции.

Ама нели се работи за нешто
друго!

Се работи за тоа кој може да оди
по јаже!

Се случи нешто толку
сублимно

што може да го покаже
само циркус.

Какви мускули се потребни за бестежност!
Кој танцува врз скинатото јаже?

Во што ли се врати?
Точно во тоа заминување.

Кој го лиже карминот од огледалото?
Tu, che la vanità conoscesti del mondo.

Ми требаше некој
за да ме убие.

Ама кога сум навистина убиен
тоа не го поднесувам повеќе.

Зошто би било полесно да се задржи смртта
отколку животот?

Какви мускули се потребни
за бестежност!

 

Препев од словенечки: Лидија Димковска

Миклавж Комељ (Крањ, 1973), словенечки поет и историчар на уметност. Важи за едно од најзначајните имиња од новата генерација словенечки поети. Докторирал историја на уметност со дисертација „Значење на природата во тосканското сликарство во првата половина на 14. век“. Објавил девет збирки поезија. За збирката „Rosa“ ја добил наградата „Вероника“, една од најважните книжевни награди во Словенија, а за збирката „Хиподром“ Јенковата награда. Напишал обемна студија за партизанската уметност, „Kako misliti partizansko umetnost?“ (2009). На словенечки ги преведувал Пјер Паоло Пазолини, Сезар Ваљехо, Џун Барнс и др. Поетскиот јазик на Комељ е револуционерен, моќен и навлегува во самото јадро на трауматичната егзистенција на секое одделно битие.

ОкоБоли главаВицФото