1 октомври: Ден на неизвесност и насилство во Каталонија

02.10.2017 11:46
1 октомври: Ден на неизвесност и насилство во Каталонија

Автономната зона Каталонија, која се наоѓа на североисточниот дел од Шпанија, на 1 октомври гласаше на неформален референдум кој шпанската влада и Уставниот суд не го признаваат, а притоа светот сведочеше за полициска бруталност која Шпанија ја нема видено уште од времето на диктаторот Франко.

На тензиите им претходеа апсења на официјалните организатори кои се дел од каталонската администрација, со што Мадрид го погази демократското право на глас на Каталонците.

Референдумот за отцепување на Каталонија кој власта во Мадрид однапред го прогласи за нелегален, сепак се одржа на повеќето гласачки места и покрај полициската бруталност и наредбата од Мадрид физички да се спречи неговото одржување. Според последните информации, во судирите со полицијата се повредени околу 800 луѓе. Властите во Мадрид тврдат дека „на 1 октомври не се случил никаков референдум“.

Остатокот од светот гледаше и чекаше што ќе се случи следно, сите ги очекуваа резултатите од референдумот. Очигледно е дека ЕУ не одлучи да им даде поддршка на Каталонците, дури и покрај насилството на полицијата, што некои ги потсети на мрачните денови на диктатурата на Франко.

Мнозинството сепак очекува дека на референдумот ќе надвладее гласот „за“ отцепување од Шпанија, но вистинското прашање е што тоа ќе значи ден потоа. Ако мнозинството Каталонци гласаат за отцепување, тоа е важен, но само прв чекор, следно што ќе им треба е меѓународно признавање, а сега изгледа дека не може премногу да се надеваат на такво нешто. Натаму, се поставува и прашањето на уште колку насилство е подготвен Мадрид. Ако се почне со масовни апсења на каталонските водачи и следбеници на организирањето на референдумот, ситуацијата би можела да ескалира и да прерасен во судири кои би можеле да бидат и поголеми и посериозни од оние што ја шокираа Европа на 1 октомври.

Еве што се случуваше на 1 октомври во Каталонија од час во час:


23:06
Повеќе од 40 синдикални организации и здруженија во Каталонија објавија дека во вторник влегуваат во генерален штрајк заради масовното насилство на полицијата која сакаше да го спречи референдумот за независност на Каталонија. „Ги повикуваме целото општество, работодавачите, организациите, сопствениците на бизниси, синдикатите, работниците, институциите и сите граѓани на Каталонија да ја запрат државата во вторник заради страшната повреда на правата и слободата“, се вели во повикот за генерален штрајк.

22: 19
Лидерот на Каталонците, Карлес Пуигдемонт рече дека денеска е отворена вратата за еднострана декларација за независност. Во телевизиско обраќање тој рече: „Со овој ден на надеж и страдање, Каталонија се избори за правото за независна држава во форма на република. Тој додаде и дека „Европа повеќе не може да затвора очи пред кршењето на човековите права што се случи за време на референдумот“.

21:58
Карлес Пуигдемонт, претседателот на Каталонија изјави дека граѓаните на Каталонија го заслужија правото да имаат своја независна држава. Тој додаде дека резултатите од гласањето на референдумот ќе ги испрати во парламентот за да ги верификува. Обраќајќи се директно до ЕУ, Пуигдемонт рече: „Ние Каталонците го заслужуваме правото да бидеме слушнати од Европа.“

21:05
Во тек е пребројување на гласовите. Се очекува доцна во ноќта да бидат објавени резултатите.

20:30
Шпанскиот премиер Маријано Рахој одржа говор на државната телевизија и рече дека референдумот е нелегален и дека Шпанија е „толерантна демократија“, но по сцените на брутална пресметка на полицијата со граѓаните, многумина не би се согласиле со ова. Истовремено каталонските власти порачуваат дека бројот на повредени достигна 760 луѓе.

19:59
Каталонската власт порача дека насилството на шпанската власт е „срамот на Европа“. Последните официјални информации говорат дека се повредени вкупно 465 луѓе, додека други извори тврдат дека бројката на повредени е повисока од 700 луѓе.

19:42
Наскоро завршува гласањето – жителите на Барселона и ширум Каталонија ги чекаат првите резултати на референдумот кои треба да се познати по 20 часот. Голем број луѓе се собираат на централниот плоштад во Барселона.

17:26
Градоначалничката на Барселона, Ада Колау извести дека до тој момент се повредени 460 луѓе.

17:24
Голем број луѓе продолжуваат да гласаат на гласачките места, тие се отворени до 20 часот.

16:34
Весникот „La Vanguardia“, со седиште во Барселона објави дека до 15 часот полицијата затворила вкупно 221 гласачко место.

16:10
Повредените во Каталонија сега бројат стотици луѓе. Светот е шокиран од нападите на шпанската полиција врз гласачите кои се одзваа на повикот за денешниот референдум.

15:03
Каталонските власти објавија порака дека „96 отсто од гласачките места се отворени и системот е стабилизиран“.

14:43
Многу брзо се зголемува бројката на повредени во судирите – каталонските власти истакнуваат дека се повредени 337 луѓе.

14:37

Полицијата ги напаѓа луѓето пред гласачките места.

14:34

Полицијата пука со гумени куршуми во судирите со гласачите во Каталонија.

13:42
Шпанското министерство за внатрешни работи наведува дека во денешните судири во Каталонија се повредени 11 припадници на полицијата.

13:29
Претставникот на шпанската влада за Каталонија, Енрик Мило изјави дека полицијата „дејствувала професионално“ за време на гласањето, како и „дека немало никаов референдум“.

13:05
Ситуацијата во Каталонија, на Твитер ја коментира и Џулијан Асанж, основачот на Викиликс, тој напиша:
„Драг господине Јункер, дали е ова почитување на човечкото достоинство, слободата и демократијата? Активирајте го членот 7 и суспендирајте ја Шпанија од Европската Унија заради крѓење на членот 2.

12:44
Каталонските власти известуваат дека околу 70 отсто од гласачките места и натаму се отворени. Ги повикуваат жителите на Каталонија да излезат и да го дадат својот глас.

12:25
Според некои извори, додека трае тешкиот референдум во Каталонија, во Мадрид се собираат групи кои излегуваат на улица и протестираат против отцепувањето на Каталонија. Некои од нив ја пејат химната од времето на диктатурата на Франко и поздравуваат со нацистички поздрав.

12:16
Иако на повеќе гласачки места полицијата насилно се обидува да го сопре гласањето, на други места гласањето се одвива нормално.

12:12
Според последните информации најмалку 38 луѓе се повредени во судирите со полицијата.

11:52
Каталонскиот лидер истакнува дека полицијата користи палки и гумени куршуми против гласачите. Тој порачува: „Ова насилство е недопустливо“.

11:31
Шпанската полиција за интервенции утрово насилно упадна на гласачките места во Каталонија, каде денес наспроти острото спротивставување на Мадрид, сепак се одржува референдум за отцепување на Каталонија, но допрва треба да се види колку е тоа технички изводливо, бидејќи денот започна со судири.

Полицијата упадна на гласачкото место и во провинцијата Џирона, само неколку минути пред таму да гласа каталонскиот лидер Карлес Пуигдемонт. Ја искршија предната стаклена врата и се пробија во просторијата. Гласачите кои беа внатре ги дигнаа рацете и почнаа да ја пејат каталонската химна.

Полицијата почна да ги напаѓа гласачите и на други места, како едно училиште во Барселона, каде се обиде да растера неколку стотини гласачи.

Каталонските власти информираат дека утринава во 9 часот, кога и официјално започна референдумот, се отворени 2300 гласачки места.

Извор: advance.hr

 

ОкоБоли главаВицФото