Гледајте ги за да поверувате: зошто Kraftwerk е највлијателниот бенд во светот

01.03.2018 16:01
Гледајте ги за да поверувате: зошто Kraftwerk е највлијателниот бенд во светот

 Повлијателни ли се Kraftwerk од Битлси? Тешко е да се одговори прашањево – поради очигледни причини. Битлси биле сјајни, пионерски и влијателни. Но по седум години слава и генијалност, бендот се исцедил – и се распаднал. Kraftwerk, од друга страна, сè уште тераат напред, во 48-та година од своето постоење.

Премотајте назад до 1974 г. При крајот на ноември, таа година, беше издаден четвртиот албум на Kraftwerk, Autobahn. Целата А-страна на плочата беше зафатена од насловната песна, 22-минутна електронска композиција за возење по германскиот автопат. Иако во тоа време албумот беше дочекан без голем интерес во нивната татковина, како што сега знаеме, Autobahn на крајот засекогаш ја смени трасата на популарната музика во 20. век.

По потегот на Елвис, како белец, да ги свири песните на црнечка Америка, Kraftwerk воведоа нов пресврт во популарната музика: се откажаа од тапани и гитари и ги заменија со синтисајзери и музички машини.

Долго време се веруваше дека Autobahn е првото вистинско парче чисто електронска поп-музика. Но ова не е сосема точно – еден од основачите, Флоријан Шнајдер, свири флејта во песната, а ако внимателно слушате, можете по малку да чуете и гитара. Сепак, Германците од Дизелдорф пробија нов пат кон иднината во кој доминира електронската поп-музика. Истата таа иднина сега изразито го бележи музичкото сега-и-тука.

Човек-машина

Кога три-минутната верзија на Autobahn приспособена за радио почна да се качува по топ-листите во САД, бендот ја започна својата уочлива турнеја во САД и искористи многу занимлив плакат за да ги рекламира концертните датуми – во кој највоочлива беше ретро-футуристичката слика од урбано градско поднебје, која многу потсетува на класичниот експресионистички филм на Фриц Ланг – Метрополис, и гордо го претставува бендот, на германски, како “Kraftwerk – Die Mensch Maschine” (човек-машина).

На прв поглед ова се чини само како претскажување на насловот на нивниот албум од 1978 насловен Mensch-Maschine, но исто така претставува доказ дека од самиот момент откако Kraftwerk се преставија одново како пионери на електронската поп-музика, тие истовремено створија една засводена, сеопфатна естетика, поставена врз уметничкиот концепт на човек-машина. Чекор по чекор, албум по албум, Kraftwerk креираат нешто познато на германски како “Gesamtkunstwerk”: целосно парче уметност првпат осмислено од Рихард Вагнер, во обид да се обединат сите аспекти на уметностите во нова фузија.

Еден век по Вагнер, Kraftwerk намерија да го направат истото – како што објаснува еден од основачите, Ралф Хутер во интервју во 2015:

Доаѓаме од доцните 60-ти, од уметничката сцена во Дизелдорф, и секогаш сме биле комбинација на визуелна уметност, музика, звук, поезија […] Музиката секогаш ни била жив перформанс.

Како се развил артистички Gesamtkunstwerk-от на Вагнер може да се види на годишните фестивалски изведби на оперскиот циклус Ring des Nibelungen во операта во Бајројт. Визијата која го инспирираше футуристичкото сфаќање на Kraftwerk за понесувачки „жив перформанс“ може да се искуси во водечки музеи, опери и филхармонии низ целиот свет, вклучувајќи ги Музејот на современа уметност во Њујорк, Tate Modern во Лондон, Neue Nationalgallerie Berlin или Burgtheater во Виена.

Ретроспектива во 3D

По заминувањето на Флоријан Шнајдер во 2009, Хутер ги води Kraftwerk на очигледно бескрајна турнеја за да претстави ретроспективи на нивниот каталог на албуми од Autobahn па натаму.

Секоја вечер е посветена на еден од нивните осум албуми, а настапите се чудесни и спектакуларни. Музиката, произведена од врвен звучен систем од 40 канали базиран на технологијата на синтетички звучни бранови – WFS (која креира виртуелни извори на звук кои можат слободно да се движат низ аудиториумот), е гласна и јасна, додека најновата 3D технологија ја користат за визуелните ефекти кои се внимателно синхронизирани со музиката.

За време на Autobahn, публиката искусува, меѓу другото, музички ноти кои излегуваат од радио во автомобил, кои навидум летаат право в лице, или го слушаат Трансевропскиот Експрес како тресе низ концертната хала. Кога ја изведуваат Tour de France, се чини како велосипедисти да јурат од левата и десната страна на аудиториумот.

Во меѓувреме, на сцената, 70-годишниот Хутер и трите други униформирани членови на бендот стојат речиси неподвижни зад четирите униформирани конзоли како лабораториски работници – и така ѝ отежнуваат на публиката да разликува кој што свири и на каква електронска опрема. Без оглед на постојаните гласини, Kraftwerk навистина свират во живо, како што докажуваат повремените, и човечки, грешки.

Изведбата на Kraftwerk е прочуена по својот минимализам, иако се појавуваат четири кукли-роботи – идентични со членовите од бендот на сцената – за песната The Robots. Оваа преплавувачка фузија на звук и визуелност преставена пред публиката е целосно развиеното отелотворение на концептот за човек-машина од средината на 1970-тите.

Не се залажувајте – мора да ги видите (и чуете) Kraftwerk на сцена за да поверувате дека се бендот со најдобар звук на земјава.

Извор: theconversation

 

 

ОкоБоли главаВицФото