Блокада во Струмица на 10 ноември против рудникот Иловица

09.11.2018 01:11
Блокада во Струмица на 10 ноември против рудникот Иловица

Еколошкото здружение „Здрава котлина“ на 10 ноември (сабота) повикува на блокада во Струмица, за да алармира за состојбата со рудникот Иловица-Штука.

„И по 20 месеци континуиран отпор против рудникот на смртта Иловица-Штука и интензивна аргументација од наша страна која ги докажува погубните последици од истиот, надлежните државни институции и натаму не застануваат во наша одбрана и не го раскинуваат договорот со концесионерот Еуромакс Рисорсис, иако имаат полно законско право на тоа. Време е сами да се заштитиме од опасноста, во рамките на заедничка генерална акција под мотото сите против рудникот на смртта!“, велат од „Здрава котлина“.

Од таму потенцираат дека првата активност ќе биде „предупредувачка блокада“ на целокупниот сообраќај на кружниот тек на излезот од Струмица кон Бугарија (кај силосите), а воедно ќе биде блокиран и транзитниот пат. (Местото на тргнување кон локацијата на блокадата накнадно ќе го утврдиме).

Блокадата ќе се одржи со почеток во 11:30 часот и ќе трае 2 часа.

Организацијата потенцира дека целта е на сите надлежни државни институции заеднички да им покажат дека трпението е изминато и дека проблемот мора итно да се реши.

„Немаме никакви политички заднини и дејствуваме исклучиво надполитички и надпартиски, како и досега. Воздухот, водата и почвата немаат партиска определба. Фаталните отрови и болестите предизвикани од нив не бираат според партиска припадност. Единствени барање од оваа блокада ќе бидат: Прво, итно одземање на концесијата на компанијата Еуромакс Рисорсис од страна на Владата на РМ. Второ, итно изгласување на измените во Законот за металични и минерални суровини од страна на Собранието на РМ.

Ова ќе биде прва и Предупредувачка Блокада и ве повикуваме масовно да учествувате и да се приклучите во отпорот против рудникот. Ние немаме намера да се селиме од нашите домови и нема да дозволиме нашите и животите на нашите поколенија да бидат загрозени од бескрупулозна компанија, чија единствена цел е профитот, по цена која сите ние крваво ќе ја платиме. Ќе блокираме и протестираме сѐ додека не се исполни нашата единствена цел. Стоп за рудниците на смртта“, соопштува организацијата.

Слични содржини

Активизам / Графички Дизајн / Екологија

ОкоБоли главаВицФото