А сега една вест од куртулата, пардон куртула

09.02.2019 14:44
А сега една вест од куртулата, пардон куртула

Според кои критериуми годинава биле распределени парите за проекти во културата на институциите и на авторите? Кои се приоритетите на Министерството?

Дали може да се свика надзорна комисија во Собранието за да пратениците директно го прашаат министерот Адеми за ова, бидејќи она што е наведено во соопштението од министерството не кажува многу освен дека „ „При одлучувањето за проектите се водеше сметка за соодветно проектирање на приоритетите на Министерството за култура, во насока на поддршка на проекти и активности кои го стимулираат креативниот и уметничкиот потенцијал на сите граѓани на Република Македонија, независно од нивната етничка, верска, идеолошка, политичка, социјална, родова и старосна припадност.“ Министерството за култура на чело со Асаф Адеми за да го запази рокот за објавување на резултатите од конкурсот, на невешти ексел табели, на полноќ ја објави годишната програма со која, меѓудругото, се укинува финансирањето, на пример, на Скопскиот џез фестивал, Оф-фест, Златно славејче, Скопје танцовиот театар на Рисима Рисимкин, а исто така без денар поддршка од Министерството останаа и Викендот на гордоста кој во Скопје се организираше во изминатите 6 години и на кој гостуваа светски познати уметници. Но и Викендот на гордоста во Тетово. На други, пак драстично им се намалени средствата.

Прв, бурно реагираше токму Славчо Димитров од Коалицијата Маргини.

„ Скандализирани сме од одлуката на министерството да не го поддржи овогодинешниот Викенд на гордоста од неколку причини: правата е што новоизготвената национална стратегија за култура јасно се залага за поддршка на културни практики поврзани со сексуалните малцинства и различности, и генерално со маргинализираните групи. Второ, затоа што Викендот на гордоста Скопје се етаблираше како реномирана културна интердисциплинарна манифестација на која настапуваат, а и годинава ќе настапат имиња кои ја испишуваат историјата во КВИР и феминистичката уметност, а и уметноста воопшто. И конечно, поради тоа што ваквата одлука укажува на тоа дека владата нема суштински и конкретни заложби за реализација на вредностите кои што божемно ги застапува, и се уште не може да ја сфати вредноста на културата“, изјави Димитров.

„Националната стратегија за развој на културата на Република МАкедонија во периодот 2018 – 2022 година, страна 12. поглавје 4.4 - јасно и гласно стои за што ќе се застапува оваа стратегија. во претходните поглавја се нагласува дека со оваа стратегија ќе се стимулираат културните политики кои ќе водат од мултикултурализам кон интеркултурализам, и дека во духот на европските практики, ќе се надминува досега доминантнипот концепт на етно-национални идентитети а ќе се стимулираат плурални идентитети. воедно оваа стратегија инсистира на културата како алатка за застапување на човековите права и маргинализираните заедници, како во институционалната, така и преку вонинституционалната култура. за клиентелистичката и партизираната асимилација на културните практики исто има цело поглавје“, потсети Искра Гешоска.

Следеше лавина жестоки реакции на социјалните мрежи. Така, театарската режисерка Зоја Бузалковска со отворено писмо до премиерот Зоран Заев, поднесе оставка од Советот за култура поради Годишната програма на Министерството за култура.

„Вие г-дине Заев, не ја ставивте културата ПОД ТОЧКА РАЗНО, вие ЈА ЖРТВУВАВТЕ! Секогаш кога Ви е потребен „пазар“ за одлуки и гласови, прво посегнувате по КУЛТУРАТА и по ОБРАЗОВАНИЕТО! Тоа само говори за тоа, колку Вие и не го разбирате нивното огромно, суштествено значење за една држава, и посебно за нашава, која претендира да биде дел од едно пошироко европско семејство (бидејќи, сфаќам, тоа Ви е во моментов најважно). Погледнете ја, г-дине Заев, вака попладневно, по дома, на раат, Годишната програма на проекти од културата од национален интерес за Театарска дејност (можете да ги отворите и другите дејности, исто е) – како да немате ништо со неа, како Вас да не ве засега. Не е тешко да забележите, и со букви, и со бројки, за каков национализам и проценување пред сè по критериум „етничка припадност“, а не по квалитет на предложеното, се работи. Кога ова ќе ви го каже некој што веќе повеќе од 15 години се бори на страната на човековите права и разрешувањето меѓуетнички конфликти, а учествува и во програмите на школите за толеранција, тогаш значи дека ептен сте ја закашкале работава! А на од Вас избраниот Министер за култура имам само да му порачам – немам намера да Ви пишувам посебен допис – ДАВАМ ОСТАВКА во Советот за култура, Ваше советодавно тело, кое практично и не постои, бидејќи Вам не Ви требаат совети, Вие сè си знаете и самиот“, стои во писмото на Бузалковска.

Се огласи и актерот, Оливер Митковски, кој бил член на комисијата за театарска дејност, доставил издвоено мислење до Министерството поради несогласувања со изборот.

„И покрај исклучително нискиот буџет одобрен од страна на владата за драмската дејност и генерално потценувачкиот однос кон културата, моите најголеми забелешки се однесуваат на одобрениот износ за работење на националните установи кои во суштина би требало да бидат приоритет на овој ресор.

Ќе наведам само неколку примери во кои сметам дека постои флагрантно отсуство на слух за потребите на институциите и игнорантски однос кон институциите кои квалитетно ја вршеле својата работа и одговорно ги трошеле доделените средства во изминатата година.
Така, МНТ е оштетен за цели четири милиони денари во однос на лани и притоа не се одобрени средства за неопходните материјални трошоци за одржување на објектот, Драмскиот Театар понуди извонредно квалитетна програма но иако е одобрена во целост, не ги доби потребните средства за реализација на истата, Народниот Tеатар од Битола наместо награда за упорноста во одржувањето на високите естетски вредности е казнет со намалување на средствата, одличниот ансамбл на „Марко Цепенков„ од Прилеп е повторно потценет а условно кажано помалите театри покрај рестриктивниот буџет за реализација на проекти, веројатно ќе се соочат и со проблеми во одржувањето на хигиената во објектите.

Поради очигледниот недостаток на законска регулатива во форма на утврдување на критериуми при распределба на средствата а со цел да биде сведен на минимум просторот за „паушално“ доделување на истите, предлагам да се воведе ДЕЛЕГИРАН начин на распределба на буџетот за националните институции. Да се постават јасни критериуми за успешноста, квалитетот и одговорното работење на институциите во текот на една репертоарска година и токму тие да бидат одлучувачки фактор при распределбата на средствата за следната година. Во овој еластичен систем на вреднување, ќе се стимулира квалитетот и одговорноста а во суштина самите театри ќе бидат креатори на сопствената судбина. Директорите ќе имаат поголема слобода но и поголема одговорност во трошењето на народните пари а улогата на стручната комисијата би била сведена на оценување според утврдените критериуми и за проверка на фактите за работата на националните установи. Исто така, предлагам и поголема финансиска стимулација за членовите на комисијата која би значела мотив плус во зачувувањето на сопствениот интегритет наместо досегашното потпирање на нивните морални човечки вредности. Во овој случај сметам дека е неопходно и формирање на внатрешна контрола која би ја следела работата на комисијата и би претставувала пречка за евентуалниот конфликт на интереси на членовите како и за остварување на незаконски профит преку мито и корупција.

Освен горенаведените примери, би сакал да обрнам внимание на уште една нелогичност и тоа во распределбата на буџетот за фестивали од областа на драмската дејност. Имено, сметам дека главниот проблем лежи во новодонесената одлука според која се воведува лимит за финансирање на фестивали во износ од четири милиони денари.

Со оваа одлука која е веројатно ненамерен превид од страна на министерството, му се ускратува можноста на МОТ, единствениот македонски фестивал кој го следи ритамот на модерните светски театарски трендови и е единствен фестивал кој до денар го оправдува своето постоење, да ја добие заслужената поддршка од државата. Уверен сум дека Министерот го дели истото мислење и дека ќе преземе се што е во негова моќ за пронаоѓање начин со кој ќе се корегира оваа неправда.

За крај, неколку забелешки но и предлози за конкурсот на таканаречената „независна“ сцена која во изминатава деценија беше тенденциозно руинирана и претворена во евтин пазар со можност за брза и лесна екстра заработувачка на поединци блиски до партијата на власт.
Ако постои вистинска желба за прекин на злоупотребата и искрена потреба од закрепнување на оваа сцена која е од витално значење за едно демократско општество, ги предлагам следниве чекори:

Поголеми ингеренции на комисијата во однос на соработка со други државни институции со цел утврдување на вистинските носители на проектите.

Воведување на построги критериуми за аплицирање не само во бирократскиот дел туку и во смисла на потенцијал кој понудените проекти треба да го содржат со цел отворање перспектива кон која оваа сцена би требало да се стреми (иновација преку експеримент, потрага по нови театарски изразни средства и тенденција кон сосема нови театарски форми). Измената со новиот начин на бодување и конкретно насочување на средствата за хонорари, костим или сценографија е солидна и ја отежнува злоупотребата но не ја елиминира.

Расплинувањето на малиот буџет во корист на квантитетот не е од ничиј интерес. Неопходно е барем во следните неколку години да бидат финансирани само мал број на проекти од оваа сцена но проекти кои навистина заслужуваат внимание и тоа со одличен буџет“, пишува Митковски.

Куриозитети

Македонската опера и балет (МОБ) за операта „Скендербег“ по вторпат доби пари од Министерството за култура, по 3 милиони денари добиени лани годинава доби уште 3,5 милиони, и со вкупно 6,5 милиони денари е најскап проект кој годинава е поддржан на Годишниот конкурс.

Куриозитет на програмата е што во рамки на интердисциплинарната дејност за Македонската фризерска асоцијација за Фестивал на мода, убавина и фризура добива 250.000 денари.

Додека одржувањето на Скопскиот џез фестивал и други значајни манифестации е доведено под прашање, од музичко сценската дејсност , најмногу пари годинава во овој сегмент има добиено здружението „Артал“ од Тетово, вкупно 3,5 милиони денари или 56 илјади евра за фестивал „Меридианс“ и за концерт „Класик и рок мјузик“.
Само фирмите од Тетово, кои претежно аплицирале за организации на концерти и фестивали на годинешниот конкурс, за кој премиерот Зоран Заев рече дека ќе биде поништен, имаат добиено конкурси од над 8 милиони денари или 133 илјади евра.

Повеќето од фирмите, претежно оние од Тетово што добиле парични средства, според Макфакс биле формирани неколку дена или неколку месеци пред отворањето на конкурсот.
Па, така, продукцијата „Меденица“ ДООЕЛ увоз – извоз Скопје на огласот има добиено 1,7 милион денари. Според податоците од Централниот регистар, продукцијата била формирана лани на 27 септември, а конкурсот на Министерството беше распишан на 29 септември, што значи дека фирмата е основана два дена пред отворањето на конкурсот.

На социјалните мрежи има уште безброј реакции и сведоштва за апсурди и неправилности.

„Ова што се случи со Или-Или во програмата за оваа година е речиси исто со она што ни го направи Бети Канчевска Милевска пред две години. Не велам дека е намерно но резултатот е тој.
Работава е, драги мои, во коверти. Да, во коверти.
Од оваа година пријавата за секоја книга требало да се стави во посебна коверта па таа да се стави во друга коверта и на неа да се напише адресата на министерството. Е ние, види не’ колку сме прости, пријавите за секоја книга посебно сме ги ставиле во посебни проѕирни папки, и сите заедно сме ги ставиле во една коверта а истата сме ја ставиле во друга коверта. И така со таа коверта голема како телевизор отидовме во писарницата на министерството да ги предадеме 10-те пријави за 10-те книги. Со Игор Анѓелков, и самите несигурни околу новата пракса, си рековме дека доколку има проблем ќе купиме 20 коверти, ќе седнеме во некое кафеанче во Дебар мало и како мали деца ќе ставаме, ќе пишуваме, ќе подлизнуваме и ќе лепиме, колку и да изгледа смешно и сулудо. Но не испадна така, во писарницата ни го примија телевизорот без проблем, им кажавме дека внатре имаме 10 пријави, и тоа беше тоа. И да, не се работеше за последниот ден од конкурсот кога има редици, нервози и можни недоразбирања. Не.
И така, комисијата ни одобрува 9 книги, правната служба вели НЕ, тоа никако, не е законски, тие (Или-Или)се водат дека имаат само една пријава...и да не ве замарам“, пишува Ненад Стевовиќ од добро познатата издавачка куќа Или-или.

Чекајќи ја Годишната програма

Министерот Адеми не организираше прес конференција како што е вообичаено при објавувањето на Годишната програма, затоа што заминал во Берлин, на филмскиот фестивал. Тој вчера вечер се огласи преку Фејсбук порача дека со „големо внимание ги следи критиките, реакциите, пофалбите и предлозите и е во постојан контакт со членовите на комисите и со правната служба, а по консултаците, заедно ќе одлучат за следните чекори“.

И конечно, дали со една куса изјава, премиерот Заев пресече околу, според некои најголемиот скандал дека Скопскиот џез фестивал и Офф фестивалот се сосема изоставени од Годишната програма?

„Смешно и трагично е ако ви кажам дека ниеден документ по протокол нема доставено Џез фест, а го молеа. Одлуката ќе се поништи и таа ќе биде објавена. Освен за националните институции каде што нема реакции, тоа се домовите на културата. Но за сите други апликанти, одлуката ќе биде поништена“, рече премиерот Зоран Заев, додавајќи дека со тоа испраќа порака до јавноста дека граѓаните се слушнати.

Потоа, на изјавата на Заев реагираше директорот на Скопскиот џез фестивал, Оливер Белопета, кој тврди дека Заев има неточни информации за апликацијата на фестивалот.

„Секој поединечен искажан збор е неточен! Комплетна лага! Не е мое да претпоставувам кој од неговите најблиски кабинетски соработници му пренесува вакви ‘информации’, иако притоа не би бил далеку од вистината“, напиша на својот фејсбук профил Белопета.

Но, не е сосема точна изјавата на премиерот Заев дека националните институции не реагирале. Актерот Митковски зборува за тоа како бил оштетен најголемиот театар во државата. Тања Мицков, обид да се видат апсурдите во театарската дејност, наведува дека Театар Комедија за три проекти добил 43.902 евра, Театар Тетово за исто толку двојно повеќе или 81.300 евра, а не заостанува ни штотуку формираниот Театар Гостивар со 76.422 евра – се разбира за исто толку претстави.

На ова актерката Јасмина Билаловиќ кажува дека на театарот од Охрид за двата проекти му се одобрени 26.016 евра.

И сега сосема е оравдано стравувањето на културните работници и авторите дека Министерството ќе им го изеде времето потребно да ги реализират проектите. Никој уште не добил решение, врз основа на кое може да поднесе жалба. За која рокот е 15 дена. Значи, речиси до почетокот на март. А доколку се поништи конкурсот, тоа ќе значи дека ќе помине речиси првата половина од годината...

И за крај, писателката Румена Бужаровска ја резимираше ситуацијата: „Со партиското и непрофесионално назначување на Министерот за култура чие име полека ќе го запамтиме по тоа колку е неподобен, Владата на РМ нанесе непоправлива штета на културата, страшно ги понижи сите дејци во ова поле, а нанесе и срам по етничка основа. Имено, таа створи вештачка етничка поделба, иако вистинската поделба е меѓу професионалци и партиски вработени недоветни полтрони. Владата на РМ очајно се зафркнала што срамно го потцени фактот што културните работници се јавни личности коишто имаат огромно влијание врз јавното мислење“, напиша Бужаровска.

Насловна слика: Небојша Гелевски

Слични содржини

Општество / Книжевност / Култура
Општество / Книжевност / Култура
Општество / Култура / Историја
Општество / Живот / Култура
Никола Гелевски
Општество / Графички Дизајн / Книжевност / Култура

ОкоБоли главаВицФото