Истанбул

28.05.2019 11:07
Истанбул

Со години посакував да го посетам Истанбул. Кога тоа конечно се случи, имав само три дена за талкање низ градот. Сепак, тоа беше доволно за куп фотографии и за уште повеќе спомени од овој град кој во себе носи историја на неколку империи.

Набрзина и без многу внимание одбрав сместување во предградието Фатих, еден ден пред да пристигнам. Тоа е предградие во близина на историскиот центар на градот во европскиот дел на Истанбул. Вечерта кога пристигнав таксистот безуспешно се обидуваше да го најде малиот сокак каде што бев сместен. Слегов од таксито некаде во близина на големата џамија во Фатих, па последните стотина метри ги поминав талкајќи по речиси празните улички, прашувајќи за правец до моето сметсување во локалните чајџилници. Утредента рано ме разбуди силниот повикот на мујазинот... И така ненаспан го започнав првиот ден во овој град.

Во Истанбул има повеќе типови на јавен транспорт, од метро до бродски линии со кои се преминува Босфор. Сепак, најчесто пешачев. Пиев чај во локални чајџилници, се хранев во малите ресторани кои ги има на секој чекор. Заталкував во улички каде што автомобили не минуваат, а на нивните калдрми децата ги играат своите игри. Посетив и предградија кои изгледаат многу модерно. Запознав луѓе кои во Истанбул дошле од цела Турција. Сретнав и луѓе од Македонија кои тука се доселиле пред неколку децении, а некои од нив и денес одлично зборуваат македонски. Секаде се чувствував добредојдено.

Немам намера ова да биде уште една патеписна репортажа за Истанбул. Погледнете ги фотографиите кои, се надевам, ќе ви доловат дел од атмосферата на градот полн со контрасти и убавини.



 

Слични содржини

Фотографија / Свет
Фотографија / Уметност
Фотографија / Книжевност / Настан
Општество / Фотографија / Скопје 1963-2013 / Историја
Фотографија / Книжевност / Настан
Фотографија / Живот / Култура / Уметност

ОкоБоли главаВицФото