Како јазикот ги обликува предрасудите

02.09.2019 00:50
Како јазикот ги обликува предрасудите

Се наоѓаме среде исцрпувачка дискусија за улогата на говорот во одржувањето на расните предрасуди во нашата култура. Претседателскиот кандидат Џо Бајден го поттикна разговорот кога се присети на својата соработка со озлогласениот расистички демократ од Мисисипи, Џејмс О. Истланд. „Никогаш не ме нарече ’момче’; секогаш ме викаше ’синко’“, се присети Бајден.

Зборуваше за изминатите години како за време на „љубезност“, што ги наведе критичарите да забележат дека расистите како Истланд ’момчиња’ вообичаено ги нарекуваат возрасните црни мажи, што подразбира деградација.

Таквата навредлива реторика е дел од нашиот модус операнди и често дејствува под површината на свесниот избор. Но, оваа прашина која во последно време се крена околу јазикот би можела да има позитивен исход и да го насочи вниманието кон фактот дека говорот исто така може да перпетуира штетни стереотипи. А мажите не се единствените кои го користат говорот за дискриминација.

Уште кога бев девојче ѝ се лутев на мајка ми кога ми кажуваше дека оди на бриџ со „другите девојки“. „Кои девојки?!“, мислев. Тогаш имаше 45 години, а „девојките“ беа нејзините пријателки, исто така во средината на четириесеттите. Тогаш не ѝ реков ништо, не знаејќи дека моето молчење е соучесништво во перпетуирањето на стереотипите дека жените се детинести. Тоа беше тогаш; сега, кога ќе слушнам такво понижуање, не молчам.

Пред неколку години бев со сопругот на офталмолошки преглед. Пред посетата кај докторот, пациентите треба да направат неколку рутински лабораториски испитувања. Сите лабораториски техничарки беа жени. По вадењето крв, шефицата на канцеларијата ни рече да чекаме на шалтерот додека „една од девојките“ не нѐ повика. Повторно се накострешив. Кои девојки?! Прво помислив, ако техничарите беа мажи, дали ќе ни речеше „да почекаме додека не нѐ повика еден од момците“? Наместо да премолчам, претпоставив дека не мислеше ништо лошо, ја викнав настрана и ѝ реков дека сакам да поразговарам со неа насамо. Ѝ кажав што мислам и, после дефанзивниот став на почетокот, ме послуша. Ме праша како поинаку да се изрази и ѝ предложив да им каже на пациентите/ктите дека техничарот/ката ќе ги повика кога докторот/ката ќе биде подготвен/а да ги види.

После тоа не сум била во таа ординација, но сигурна сум дека нашиот разговор ја подигна свеста на шефицата за тоа што го прави несвесно, и ја намали можноста истата грешка да се повтори.

Како што пишува Кармен Риос на интернет страницата Everyday Feminism, „изговарањето ’девојки’ ми доаѓа природно, како и на многумина други. Но, како што нарекувањето цели групи ’момчиња’ е широко распространета и сосема нормализирана практика која ненамерно го минимизира постоењето на жените, тоа се прави и со нарекувањето на жените ’девојки’“.

„Па сепак, користењето на зборот ’девојка“ мошне ретко се смета за сексистичко. Впрочем, тоа и натаму главно поминува незабележано, дури и кога тоа ќе го изговорат личности кои би требало да знаат подобро. Дури и феминистичките медиуми го користат зборот ’девојки“ како категорија за возрасните или приказна за возрасните жени. Присетете се на насловите на сериите Girlfriends, New Girl, Gilmore Girls, па дури и Girls на Лена Данем, филмовите како Girl with The Dragon Tattoo, Girl: interrupted и Dream Girls, и книгата Girlboss.

Нарекувањето на жените „девојки“ е вообичаена појава, а повеќето луѓе не ни трепнуваат кога го прават тоа или кога ќе го слушнат од некој друг. Впрочем, нарекувањето на жените „девојки“ е толку нормално што луѓето се чувствуваат непријатно кога наместо „девојки“ го употребуваат зборот - жени. Сепак, важно е да се соочиме со оваа непријатност. Кога ги нарекуваме жените „девојки“, ја користиме моќта на јазикот за да ги подмладиме. Ја негираме нивната зрелост, нивното возрасно доба и нивната реална моќ. Кога жената ќе ја наречете девојка, впрочем кажувате мошне сериозни нешта за родовата политика и женскоста“.

А тука се и сериозните последици.

Девојката е жена помлада од 18 години, па кога зборот „девојка“ се користи за опишување возрасни жени, тоа значи дека жените се незрели или детинести. Затоа, јазикот го одржува стереотипот за жените како емоционални, ирационални, слаби и беспомошни.

Постојат и други загрижувачки последици. Кога жените се нарекуваат девојчиња, тоа на надредените на работното место им олеснува да ги игнорираат нив и нивниот придонес. Таквиот однос може да се рефлектира и на напредувањето на работното место, зашто на шефовите им е тешко да ги разберат способностите на „девојките“ или нивниот потенцијал за напредување во кариерата. Понатаму, тешко е да се размислува за себеси како способна лидерка и мислителка кога те нарекуваат девојка или, уште полошо, кога мислиш дека си девојка.

Таквото однесување го привлече меѓународното внимание во 2015 година кога британскиот медиум Гардијан извести дека тогашната министерка за образование Ники Морган и министерката за енергетика Ембер Руд пред Даунинг стрит 10 ги дочека фотограф кој ги поздрави со „Добро утро, девојки!“. „Морган има 42 години, а Руд 51. Двете далеку зад себе ги оставиле своите тинејџерски години, кога таквиот поздрав можеби би бил соодветен. Морган, која исто така е министерка за жени - жени! - и рамноправност духовито возврати. „Девојки? Девојки?!“, извика. Фотографот брзо се извини.

За жал, дури ни староста не гарантира заштита од штетното дејствување на стереотипниот јазик. Тоа го доживеав кога пред неколку години ја одведов мајка ми на лекарски преглед - тогаш беше стара приближно колку јас денес. Медицинската сестра имаше неколку прашања, а сите ми ги постави мене. Мајка ми, која тогаш беше сосема способна, како што сум јас денес, потполно ја игнорираше - како воопшто да не беше во ординацијата. Кога го забележав шаблонот на однесување, ја повикав сестрата и инсистирав сите прашања да ѝ ги постави на личноста која ги има одговорите - на мајка ми.

Исто како што ги деградираа црните мажи од сите возрасти така што ги нарекуваа момчиња, жените од сите возрасти ги понижуваат и тривијализираат така што ги нарекуваат девојки.

Се надеваме дека прашината која се крена околу Бајден ќе поттикне смислена дискусија за јазикот и предрасудите, која ќе има позитивно влијание пред американските претседателски избори во 2020 година, и многу подолго.

Илустрации: Sena Kwon

Извор: https://www.libela.org

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото