Кратка историја на воениот пуч

20.09.2019 00:41
Кратка историја на воениот пуч

Салвадор Аљенде

„Ова е последна прилика да ви се обратам. Военото воздухопловство ги бомбардираше антените на радио станиците Порталес и Корпорасион“, вели на почетокот од својот говор Салвадор Аљенде, социјалист и демократски избран претседател на Чиле кого на 11 септември 1973 година - по ненадејниот воен пуч - во палатата Ла Монеда во Сантјаго го опколија силите на Хунтата.

Моите зборови не се исполнети со огорчување, туку со разочарување. Нека ги стигне моралната казна војниците на Чиле кои дадоа заклетва... Тие ја имаат силата и ќе бидат во можност да нѐ надвладеат, но општествените процеси не можат да бидат запрени ни со злосторство ни со сила. Историјата е наша и народот ја прави историјата“, рече Аљенде најавувајќи дека нема да се предаде, ниту ќе го напушти Чиле. Заробен во палатата, (наводно) ќе изврши самоубиство, а обединетите сили на копнената војска, воздухопловството, морнарицата и карабињерите ќе ја окупираат земјата истиот ден. Пучот во Чиле, како пресвртница во Студената војна, на власт ќе доведе еден од најсуровите воени режими во модерната историја.

Се чини дека во современото доба - кога регуларната војска или некаква друга вооружена група спротивно од волјата на изборите ја презема власта - успева секој втор државен удар. Според податоците од студијата Global instances of coups која ја објавија Клајтон Тин и Џонатан Пауел, во периодот од 1950 до 2010 година во светот се случиле 457 државни удари, од кои успеале 49,7 проценти, а 50,3 проценти биле неуспешни.

Покрај Чиле, воените хунти во минатиот век успеаја да ја преземат власта во цела низа држави, а во некои и да влијаат на историјата или да владејат повеќе години. Меѓу попознатите случаи се: Јужна Кореја (1961-1936), Нигерија (1966-1979), Грција (1967-1974), Перу (1968-1980), Бразил (1969), Боливија (1970-1971), Португалија (1974-1975), Етиопија (1974-1987), Аргентина (1976-1983), Ел Салвадор (1979-1982), Полска (1981-1983), Бурма (1988-2011), Хаити (1991-1994), Тајланд (2006-2008), но и многу други.

Во повеќето јазици за насилно преземање на власта се користи францускиот израз Coup d’Etat кој буквално значи “државен удар“, додека кај нас широко распространет е називот со германско потекло - пуч. И, иако воените удари во значителна мера влијаеја на историјата на Стариот континент, особено во Германија и земјите од централна Европа, од завршувањето на Втората светска војна, европските пучови станаа реткост - најмалку воени удари во современата ера се случија во Европа, само 2,6 проценти. Додека во Азија и на Блискиот исток се случија 28,9 проценти пучови, а најмногу во Африка и Јужна и Средна Америка, 36,5 и 32 проценти.

Аугусто Пиноче

Токму честите државни удари ја обликуваа историјата на Латинска Америка во 20 век, а откако герилските сили на Фидел Кастро на 8 јануари 1959 година ја освоија Хавана и ја преземаа власта на Куба, во екот на Студената војна, пучовите во овој дел од светот станаа лост во глобалната политика. Во меѓувреме, додека останатите држави од Јужна Америка се во постојани превирања, во Чиле кое е богато со бакарна руда нема бунтови и владее релативна благосостојба - од 1925 година на сила е демократски устав, а со земјата помеѓу Андите и Пацификот управуваат претседатели кои се бираат на избори.

Меѓутоа, изборната победа на социјалистите на Салвадор Аљенде во 1970 година ја воведуваат земјата во криза - загрижени заради ширењето на социјализмот, САД отворено вршат притисок на новата влада на Чиле, а конзервативните сили се поттикнати да ѝ се спротивстават - земјата ја потресуваат штрајкови, економска и законодавна криза. По политичките притисоци, САД преминуваат и на воено решение за да го отстранат Аљенде. Документацијата која американските агенции ја направија достапна во деведесеттите години ги потврди сомнежите дека Американците своевремено ги поттикнувале чилеанските генерали на пуч.

После пучот, на плоштадите се палат левичарски книги и списанија, се забрануваат партиите и слободниот печат, а илјадници луѓе - под обвинение дека се комунисти - се апсат, протеруваат од земјата, се носат на злогласниот стадион во Сантјаго, се убиваат или се подложуваат на мачење.

Хунтата е назив за комитет на шпански, но се одомаќини како израз за воена управа после пучот, па дури и синоним за самиот удар. Во Чиле, Хунтата е официјален и највисок орган на власта - ја сочинуваат четири генерали кои ја преземаат сета законодавна и извршна власт, суспендирајќи го уставот од 1925 година. Меѓу генералите се издвојува командантот на копнената војска, Аугусто Пиноче, кој ќе владее со Чиле сѐ до 1990 година. Пиноче паѓа од власт откако две години претходно неочекувано изгуби на плебисцитот со кој требаше да добие статус доживотен претседател.

Иронично, Чиле по 1973 година доживува голем економски раст - земјата под власта на Хунтата ја реформираат економистите од славната Чикашка школа, а нивните резултати беа пофалени ширум светот. Сѐ до денес Чиле останува економски силна држава и една од најотворените економии во светот.

Токму на овој парадокс се темели истражувањето Are coups good for democracy? од јануари 2016 година кое се занимаваше со „позитивната“ страна на државните удари. Иако во таквата (некој би рекол, цинична) анализа, сепак се занемарени човечките жртви, неслободата и неправдата, статистиката констатира дека зголемувањето на вработувањата и растот на економијата не е невообичаено во државите кои преживеале воен пуч. Некои пучови, особено по Студената војна, на крајот доведуваат до препуштање на власта на цивилната управа, воспоставување или обновување на демократијата, а понекогаш и ги прекинуваат граѓанските војни кои им претходеле.

Јоргос Пападопулос

Меѓутоа, во повеќето случаи воените удари ја продлабочуваат нестабилноста, што особено е случај во Африка и на Блискиот исток. Некои државни удари, како што е диктатурата на генералот Франко 1936 година во Шпанија или „Маршот на Рим“ во 1922 година на Мусолини, претставуваат и многу повеќе - тие се дел од мрачните историски процеси кои ги надминуваат рамките на една држава и влијаат на целиот свет. Впрочем, повеќето пучови подразбираат дека вооружените сили кои ја преземаат власта имаат некаков вид поддршка од надворешните фактори.

Истовремено, пучовите најчесто се поттикнати од долгите периоди внатрешни немири. Така во Грција од 1967 до 1973 година на власт беше хунтата позната како Режимот на полковниците која ја предводеше Јоргос Пападопулос, а која беше плод на долгите конфликти произлезени од Граѓанската војна која заврши 1949 година. Со поддршка од Велика Британија и САД, непосредно по Втората светска војна, во Грција се водеше исклучително крвава војна помеѓу ројалистите и комунистите (кои уживаа поддршка од Југославија и СССР).

По завршувањето на војната, со осиромашената и разорена Грција владееја антикомунистички влади, но постојано беа присутни внатрешни конфликти. Кризата ќе ја доживее својата кулминација по уличното убиство на опозицискиот лидер Григорис Ламбракис 1963 година во Солун. По овој настан, на изборите ќе победи лево ориентираната „Унија на центарот“ на Јоргос Папандреу, но кралот и војската, со отворена поддршка од САД, ќе се обидат да ги вратат на власт конзервативните сили, па дури и ќе ја соборат владата. Но, популарноста на „Унијата на центарот“ ќе продолжи да расте.

И тогаш, по серија немири, само неколку недели пред изборите, на 21 април 1967 година доаѓа до воен пуч. Седумте години владеење на десно ориентираната хунта во Грција, со идеја за „национален спас“, слично како и Чиле, претставуваат ера на економски напредок на Грција и голема поддршка од САД.

Истовремено, тоа е ера на неслобода и прогони, без никакви права за повеќето Грци, кога јавното самозапалување беше единствен начин да се испрати порака за нивото на репресијата на воените власти. Во меѓувреме, кралот ќе се обиде да изведе контра-пуч, но полковниците ќе го осуетат, практично прогонети од земјата и подоцна ќе ја укинат монархијата.

Хунтата во Грција ќе ја изгуби власта 1974 година после серија конфликти за превласт меѓу полковниците. Токму овие борби доведоа до турската анексија на Кипар, но и до последното рушење на воениот режим и ослободувањето на Грција. Како и во другите земји, тоа беше проследено со системски промени, но и симболични промени - грчкото знаме ја промени бојата и по војнички строгата темно сина, ја доби својата нежна, светлосина нијанса.

Извор: http://naukakrozprice.rs

Слични содржини

Европа / Историја
Општество / Наука / Историја
Општество / Свет / Историја
Спорт / Историја
Наука / Живот / Историја
Живот / Историја

ОкоБоли главаВицФото