Среќа

31.01.2020 18:03

Знаеше дека ќе го направеше среќен да го сакаше, но не го сакаше. Или можеби да, но тоа беше потонало во себе, задоволно претворено во клопче. Опкружена со своите нејасни движења, помислата дека може да го направи среќен ѝ беше многу драга. Ја преместуваше од едно место на друго, како изненадување кое никогаш не го отвораше. Ноќе спиеше сама, со душа на гол свештеник во своето слатко тело. Мали меки раце, леб на копнежот, се подигаа во нејзиниот стомак. Кога ќе легнеше со човекот кого го сакаше и не го сакаше, тој се отвораше и отвораше. Во него, акробатот прескокнуваше преку смртта. И одеше по тенки жици под кои и над кои нема ништо. Таа плачеше зашто тој беше толку убав во своето скарлетно трико и белото лице, не поголемо од паричка.

 

 

За авторката

Џејн Ен Филипс е професорка и писателка на кратки раскази и романи. Уште со нејзината прва збирка раскази „Срценца“ (1976) ја добива наградата Пушкарт. За втората збирка „Броење“ ја освојува наградата Св.Лоренц. Нејзината трета збирка „Црни билети“ (1979), објавена од Рејмонд Карвер, ѝ го донела првиот комерцијален успех и наградата Кауфман на Американската Академија. Следат зборките „Како Мики го стори тоа“, „Тајна земја“. Веднаш по „Црни билети“ го објавува првиот роман „Машински мечти“, за кој нобеловката Гордимер ќе рече: „Стасува до најдлабоките емоции. Ниедна прочитана книга ниту изгледан филм не може да го засени интимниот чин на уметноста со кој оваа чудесна млада авторка пробива до крајното искуство на нејзината генерација“. Во 1994 го објавува вториот роман, „Прибежиште“, кој ја освојува наградата за литература на Американската Академија. За романот „Мајчинство“ (MotherKind) – ја добива книжевната награда Масачусетс. Четвртиот роман, „Чучулигата и Термитот“ (2002) ѝ ја носи Националната книжевна награда, а петтиот „Тивкиот Дел“ ја добива книжевната награда Филаделфија и наградата Хартленд. Таа предава англиски јазик и креативно пишување на повеќе универзитети, вклучувајќи ги Харвард и Бостон.

Превод и белешка: Светлана Камџијаш

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото