Пандемиите на филм

25.03.2020 13:08
Пандемии на филм

До конечниот пад на човекот – дознавме од целата франшиза „Planet of the Apes“ – нѐ довела не (само) нуклеарната катастрофа и експериментите со генетски унапредени мајмуни, туку и разорен вирус распрснат по светот.

Во филмот на Тим Бартон од 2001, филм што повеќе сакаше да биде re-imagining отколку remake и послободно да го преадаптира оригиналното сценарио на „Planet of the Apes“ од 1968 година, постои една сцена во која првенците на планетата, значи човеколиките мајмуни на позиции, ги критикуваат пониските суштества, луѓето, не само поради тоа што тие се, оние други кои се мера на нашата надреденост, валкани и смрдливи, туку се вели и дека неконтролирано се размножуваат и дека шират опасни заразни болести. „Од каде знаеме кога веднаш ги убиваме“, извикува една мајмунка, која и онака ја обвинуваат дека е „човекољупка“ и која навистина ќе го „предаде“ својот вид помагајќи им на луѓето.

А ако и штом луѓето, овие или оние, ги избегнат погубувањето, изолацијата или карантинот, ништо веќе не може да го спречи развојот, на оваа или онаа епидемија, и ни се подготвува црна иднина. Таквите слики стануваат речиси опсесија на многу „виролошки“ филмови во последната деценија од дваесеттиот век. За ширење на заразата обично е виновна власта која, во намера тајно да ја подготви и вооружа својата војска за бактериолошка војна, поттикнува истражувања во генетиката („Carriers“ на Алекс и Дејвид Пастор од 1998 година), па работата или сама од себе ќе излезе од контрола, или, во подваријанта, вирусот стасува во рацете на терористи кои се закануваат дека ќе уништат сѐ живо на Земјата („Global Effect“ на Тери Канингем од 2002 година). Понекогаш и едното и другото се во игра, како кога терористот, кој се заразил со смртоносен вирус за време на нападот на Светската здравствена организација се најде во воз што патува за Европа („Cassandra Crossing“ на Џорџ Косматос од 1976).

Во некои заплети не сме направиле ние грешка (непосредно или иницијално) туку заканата доаѓа одозгора, да речеме кога американкиот сателит ќе падне на Земјата во близина на Пиедмонт во државата Јута, а двајца тинејџери одлучуваат да го одвезат во блискиот град, па војската која доаѓа по него може само да ги пребројува мртвите додека и самата не подлегне на смртоносниот вирус, додека владата собира тимови научници за да ја запре пандемијата („Virus: Andromeda“на Роберт Вај од 1971, според новелата на Мајкл Крајтон „The Andromeda Strain“ од 1969).

А понекогаш едноставно е виновна овоземната природа: најчесто всушност нашето силување на нејзините ограничени ресурси или неподготвеноста да се соочиме со моќните предизвици кои ни ги упатува.

На нив различно – но секогаш предоцна – се реагира во „карантинскиот“ поджанр на „епидемиолошкиот“ филм: кога заразата ќе избие на лето од Франкфурт до Њујорк, наспроти симпатијата за патниците кои јуначки се борат со неа, државата не сака да го приземји авионот, туку напротив, порадо се одлучува за глобално помалку ризично „конечно решение“ (мини серијата „Pandora’s Clock“ на Ерик Лановил од 1996). На домашен терен, пак, кога косовскиот аџија Хајлилија Фрула кој купувал на некој блискоисточен плоштад заразата големи сипаници ја донесе во Белград („Вариола Вера“ на Горан Марковиќ од 1982), властите сепак се грижат да им помогнат на заразените и не само да ја локализираат туку и да ја задушат епидемијата; но кога јунаците остануваа заробени во тајната биолошка лабораторија после автоматското затворање поради испуштање смртоносен вирус, веќе драматичниот глас на спикерот во најавата на филмот нѐ известува дека мерките и на владата и на војската, кои секако не се без вина, понатаму се излишни, дека веќе ништо не преостанува и дека единствено што уште можеме е да се помолиме: „Молете се за овие луѓе. И молете се никогаш да не излезат надвор!“ („Warning Sign“ на Хал Барвуд од 1985).

По исчезнувањето на секоја надеж, на филмаџиите сепак им преостанува уште да се свртат кон постапокалиптичните престави на осамениот живот после биолошка катастрофа во свет во кој додуша шетаат зомбии, албино мутанти и друго постхумани закани, па на крајот сепак и уште понекој (сомнителен) претставник на човековиот род (според книгата „I am Legend“ на Ричард Матесон од 1954, низ филмовите од „The Last Man on Earth“ од Убалдо Рагоне и Синди Салков од 1964 до „I am Legend“ на Френсис Лоренс од 2007).

Инспирацијата за постхуманото го повикува предхуманото. Тоа обично не биле лилјаците туку – сепак непростливо поблиску до човекот – мајмуните. Тие се покажале најинспиративни за реконструкција на почетоците на болеста. Не без основа. Со оглед на еволутивната близина на луѓето и африканските човеколики мајмуни, имено, праксата на хранење со месо на мајмуните (bushmeat) опасно се приближува до канибализмот и оттаму е сомнителна од морални причини. Но веќе нема прашања кога се работи за влијанието на неговото консумирање врз здравјето на (локалното) население: забележано е дека хеморалгиската грозница ебола – една од најсмртоносните и најзаразните болести кои ги познава современата медицина – избива во непосредна близина на инфицираната популација на африканските човеколики мајмуни. Се претпоставува дека вирусот ебола од нивното контаминирано месо се пренесува на луѓето преку јадење, а веројатно и преку ракување со него.

Но, опасноста можеби станала потполна и неповратна: и оние кои би сакале да го зачуваат диверзитетот и здравјето на екосистемот, и оние кои не јадат месо од диви животни и се грижат за нивниот спас, можеби се поизложени на заразата, и следствено, и другите ги изложуваат на неа.

Во филмот „Outbreak“ на Волфганг Питерсон од 1995, ненадминатиот блокбастер со епидемија во главната улога, цариникот Џимбо, не знаејќи дека мајмунот кој стигнал – секако – од Африка е заразен, го краде, и бидејќи не успева да го продаде на црниот пазар во градчето Сајдер Крик, како што отпрвин имал намера, го пушта на слобода. Претходно меѓутоа веќе се инфицирал и станал „заболен бр. 1“. Заразата брзо се шири, а со неа и загрижувачките извештаи за болеста. Центарот за контрола целото место го става во карантин. Случајот доаѓа да го испита – а кој друг, бидејќи секогаш се некако во здружена игра војската, границата и инфекцијата – воениот стручњак за вируси, доктор Сем Дениелс, кој го игра Дастин Хофман. Неговата екипа открива дека вирусот кој го нарекуваат „мутаба“ убива во рок од дваесет и четири часа разорувајќи ги внатрешните органи.

Секако, филмот не е лишен од речиси обврзните оператори во вакви остварувања: воени завери, нуклеарно оружје подготвено темелно да ја реши работата и побуна на научниците во воената служба. Се испоставува дека, имено, војската не само што е вмешана во настанувањето на вирусот, туку го поседувала и серумот. Вирусот меѓутоа во таа мера мутирал во меѓувреме, што сега единствениот начин за создавање противтела е пронаоѓање на извориштето на заразата – африканското мајмунче.

Епидемијата на вирусот ебола со слични последици какви што се прикажани во филмот „Outbreak“ се одигруваше токму во времето кога тој се снимаше, па „мутаба“ е и проектирана како мутирана ебола или е макар инспирирана од тоа. „Вирусите“ тогаш биле „во воздухот“.

„Во тоа време нѐ плашеа вирусите“, сведочи Тери Гилијам, член на „летечкиот циркус“ на Монти Пајтон и режисер на филмот „Дванаесет мајмуни“, исто така од 1995 година: „Не само што тука беше СИДА-та, туку и вирусот ебола. За чудо, снимањето на “Дванаесет мајмуни“ започна во исто време кога и снимањето на неколку други филмови за вирусот. Тоа поприлично беше во воздухот. И беше опасно: беше во воздухот а пет милијарди луѓе [во филмот] умреа“. Оваа неизвесност околу почетокот и границата на епидемијата се протега не само низ просторот туку и низ времето.

Дејството започнува во 2035 година, кога и остатоците на човештвото се присилени да живеат под земја, бидејќи површината на Земјата е контаминирана од вирусот кој во 1996 и 1997 година го збришал поголемиот дел од популацијата. Се верува дека за ширењето на вирусот е виновна група биотерористи под името Војска на дванаесетте мајмуни. Џејм Кол, кој го глуми Брус Вилис, е осуден и затворен како ситен криминалец, но може да ја одработи казната или да заслужи помилување ако се согласи да патува низ времето во минатото, да го открие изворот на разорната зараза, да собере информации за вирусот пред да се распрсне и да го спречи ширењето на болеста. Дури во третиот обид Кол успева да стигне во вистинското време, времето на божиќните празници во 1996 година и да го пронајде водачот на Војската на дванаесетте мајмуни – за кого се испоставува дека погрешно сметале дека е клучот на загатката. Застрашувачкиот заговор на Војската на дванаесетте мајмуни се состоела единствено во остварување на планот да се ослободат некои животни од зоолошката градина, кои додуша го запираат сообраќајот. Кол ги известува научниците за своето откритие дека Војската на дванаесетте мајмуни не е виновна за ширење на вирусот, дека својата задача ја смета за завршена и дека сака да остане во минатото. Меѓутоа, предоцна е утврдено дека виновен за ширењето на заразата е виновен еден резигниран научник кому му било доста од контролирано истражување. Како и во други филмови на Гилијан, самиот крај сепак останува донекаде неодреден. Во завршната сцена една научница од иднината седи покрај тој научник во авион и се претставува како да е од „осигурување“: дали е тука да го спречи да го распрсне вирусот кој го носи или само да го преземе неговиот примерок за истражување во иднината?

Можеби поважно прашање е дали има добри решенија? Се чини дека сите лоши се веќе излистани и визуелизирани.

Извор: libreto.rs