Порака по повод Меѓународниот ден на танцот

29.04.2021 14:22
Порака по повод Меѓународниот ден на танцот

  Денес, на 29 април, се одбележува Меѓународниот ден на танцот. По тој повод, танцовиот одбор на Македонскиот ИТИ Центар ja избра Биљана Тануровска-Ќулавковски (истражувачка, кураторка и продуцентка) за авторкa на македонската порака. Нејзината порака ја пренесуваме во продолжение:


„Танцот е уметност и социјално вградена пратика која ги артикулира и материјализира односите помеѓу телата, помеѓу телата и предметите, помеѓу просторот и времето. Уметноста се развива во специфични материјални и идеолошки услови, кои истовремено и ја дефинираат. Истите тие услови го дефинираат и 'светот на танцот', кој препознава дела и практики како танци, тела во танц или танцови тела. Свесни за различните перспективи, верувања, претпоставки, односи и идеологии за телото, кои се користат низ времето, го градиме односот кон танцот како уметност и социјална практикана соединување, демаскирање, геометризирање, искуство, поврзување…

Градиме однос кон телото во танц како тело во движење, во мирување; интелигентно, неутрално, минимално, возвишено, вертикално, хоризонтално, метафизичко, канонизирано, родово, квир, импровизирано, спонтано, кореографирано, технички спремно, технички ослободено, експлицитно, невидливо… или многузначно тело во танцот.

Ова многузначно тело во танцот станува сè повидливо, поради големиот влог на многу танцови уметници и работници кои со години работат на развој на едукација, на продукција, формирање на простори, на формални и неформални компании, колективи, организации…

На денот на танцот посакувам, за сите, континуиран развој на подобар „свет на танцот“ кој ќе ни понуди повеќе средби со неговата многузначност. Заедно да го славиме танцот и неговото мноштво на значење и употреба, но и да ги подобруваме условите за развој на танцовата уметност кај нас.

Би сакала во иднина да се сеќаваме на овие пандемиски денови, не само како моменти на криза кои ни одзедоа средби со танцот, но и како моменти во кои го промислуваме 'светот на танцот' во иднина, и посакуваме да сведочиме за: Посебен третман на танцот во полето на културните политики; Бројни и разновидни танцови продукции; Нови простори и институции за танцова уметност; Уште поголема поддршка на независни кореографи, танчерии изведувачи; Фонд за мобилност и регионална и меѓународна соработка, што ќе овозможи нашата танцова уметност да патува и да нè означува насекаде…

Ни посакувам и многу повеќе, додека славиме денес, славејќи го минатото, гледајќи напред кон иднината.

Посакувам и во иднина да танцуваме и да го славиме танцот во сета своја разноликост, разновидност, многузначност и многуслојност…

Да живее танцот!“


Биљана Тануровска-Ќулавковски е културна работничка, истражувачка, кураторка и продуцентка. Таа е ко-основач на „Номад танц академија“, самоорганизирана модел/платформа на регионална соработка во полето на современиот танц и на „Локомотива - Центар за нови иницијативи за уметност и култура“, каде што работи како извршен директор и програмски уредник до денес.



Автор на светската порака за танц е германскиот балетан Фридеман Фогел. 

Mинатата година престижната асоцијација German Dance Prize, за неговата долгогодишна и успешна меѓународна кариера, му го додели на Фогел признанието „Извонреден танчер“. Вогел во изминативе повеќе од две децении ја воодушевувал публиката на сцените во престижните Ла Скала во Милано, во Бољшој театар во Москва, на Светскиот балетски фестивал во Токио. Особено е ценет „поради неговите длабоко трогателни портретирања на ликовите во класичниот балет, а и поради „неговите еклектични изведби во многу современи танцови дела“.

Преводот на светската порака на македонски јазик го направи д-р Иванка Апостолова.

„Како танчери, ние постојано сме во движење; ние тежнееме да ги создадеме овие незаборавни движечки моменти. Независно од танцовиот жанр, всушност тоа секој танчер копнее да го постигне – создавајќи движења. Затоа сега кога ненадејно веќе не ни е дозволено да настапуваме, денес кога театрите и фестивалите се затворени и откажани, нашите светови застанаа. Без физички контакт. Без настапи. Без публика. Во поновата историја, поточно долги децении се нема случено – танцовата заедница да биде пред ваков предизвик на застој, колективно предизвикана да не настапува, но да остане мотивирана, за да ја пронајде и да се држи цврсто до својата raison d’être.

Танчерите обично се слават поради нивната физичка посебност, а всушност многу повеќе се одржуваме поради нашата ментална сила. Верувам дека станува збор за уникатна комбинација помеѓу физичката и психолошката агилност, која ќе ни помогне да ја надминеме кризата и повторно да се оствариме себеси, за да продолжиме да танцуваме и да продолжиме да инспирираме.“



Извор:
Фејсбук страната на Македонскиот центар на ИТИ  

ОкоБоли главаВицФото