Остварено уште едно предвидување на научниците: Амазонија станува јаглеродно позитивна

10.05.2021 00:53
Остварено уште едно предвидување на научниците: Амазонија станува јаглеродно позитивна

Се чини дека преминавме уште еден психолошки праг во поглед на оптимизмот во однос на санацијата на климатските промени. Постојат поголем број такви прагови кои ги игнориравме во последниве десет години, а потоа ги преминувавме еден по еден. Првиот беше важноста на договорот од Кјото (престана да важи во 2012 година), вториот беше зголемувањето на глобалното затоплување над просечните два степени целзиусови годишно. Третиот беше Парискиот договор чии обврски впрочем не нè обврзаа на ништо, а четвртиот беше моментот кога тропските шуми - таканаречените бели дробови на светот - престанаа да впиваат повеќе јаглерод диоксид отколку што емитуваат. И штотуку го преминавме и овој праг, барем во бразилскиот (најголемиот) дел од Амазонија. Следниот праг ќе биде оној кога океаните ќе престанат да ги складираат гасовите од стаклената градина, но за тоа потоа.

Според статијата на група научници објавена неодамна во научното списание Nature, бразилскиот дел од Амазонската шума (60 проценти од целата површина), во последнава деценија емитувал повеќе јаглерод диоксид во атмосферата отколку што апсорбирал. Научниците со помош на сателитска технологија пресметаа дека Амазонија во последниве десет години емитувала дури 20 проценти повеќе јаглерод диоксид отколку што апсорбирала: од 2010 до 2019 година, бразилскиот слив на Амазонија во атмосферата испуштил 16,6 милијарди тони јаглерод диоксид, додека од неа апсорбирал само 13,9 милијарди тони. Заради споредба, емисиите на гасови од стаклената градина во 2019 година (пред короната) изнесувале 40 милијарди тони. Растенијата и тлото апсорбирале 50 проценти од овие емисии, во последниот половина век, додека океаните апсорбирале уште минимум 20 проценти. Патем, само да споменеме дека Амазонија е толку голема што сите останати светски тропски шуми заедно се подеднакво големи колку и Амазонија.

Иако губењето на способноста на шумите да складираат јаглерод диоксид беше очекуван исход од климатската негрижа, статијата предизвика запрепастување кај струката и заинтересираната јавност зашто со најзакоравените и најконзервативни проценки сметавме дека до тој момент имаме уште доволно време - да ги насочиме политиките и да ги увериме политичарите во сериозноста на ситуацијата.

Меѓутоа, сега се покажува дека задоцнивме и на овој праг. Истовремено, научниците кои го проучуваат топењето на мразот на Антарктикот, единствениот замрзнат континент во светoт, се згрозуваат од новите податоци кои покажуваат дека мразот наречен Глечер на судниот ден се движи значително побрзо од предвидувањата. Се работи за најголемиот светски глечер кој само со својот мраз во истиот период придонел за вкупно зголемување на нивото на морињата со 4 проценти. Заради споредба, во тој глечер сега се наоѓаат шуплини со големина која е приближно половина од американскиот Голем Кањон. Новите предвидувања покажуваат дека се забрзува и процесот на топење на овој глечер.

Дали правиме доволно?

Но, додека за запирање на зголемувањето на нивото на морињата е доцна, Амазонија сè уште не е неповратно јаглеродно позитивна. Научниците теоретизираат дека цела Амазонија сè уште е „океј“, односно дека сè уште апсорбира повеќе јаглерод диоксид отколку што емитува. Студијата ја набљудувала количината апсорбиран и складиран јаглерод диоксид, следејќи ја временската димензија на растот на шумите, споредувајќи го тоа со количината јаглерод диоксид вратена во атмосферата за време на дефорестацијата (на пример, пожарите и тоталното уништување) и девастацијата (постапно уништување). Студијата исто така покажа дека уништувањето на шумите - со пожари и сеча - се зголемило речиси четири пати во 2019 година во споредба со која било од претходните две години, од околу 1 милион хектари (2,5 милиони хектари) на 3,9 милиони хектари (9,6 хектари).

Најинтересниот дел од студијата покажува дека причината за амазонската јаглеродна позитивност не е примарно чистата дефорестација - процес кој глобално го следевме преку снимките и фотографиите од масовните пожари (случајни и намерни) кои ги уништуваат живеалиштата и бројни животински единки - туку шумската деградација, постапното сечење на шумите заради земјоделството и слични човечки потреби. Ситуацијата е толку опасна што истите процеси се случуваат во деловите на Амазонија кои лежат во другите земји. Значи, сечењето се забрзува, а сушите истовремено стануваат сè поинтензивни.

Непосредно пред објавувањето на статијата во Nature, Climate Change News, објави текст за приватната иницијатива на три земји - САД, Велика Британија и Норвешка - со која почнуваат иницијатива за спас на тропските шуми, вредна милијарда долари, кои планираат да ги соберат преку јавни и приватни финансии кои би придонеле за намалување на сечењето шуми и со самото тоа за подобра способност на шумите и натаму да впиваат јаглерод диоксид. Иницијативата е резултат на состанокот на американскиот врв на тема климатски промени. Планот е средствата да им се дадат на државите, провинциите и општините кои ги штитат своите тропски шуми од пропаѓање, но не оние во кои се случува сечењето. При изработката на условите за финансирање, наводно ќе учествуваат и локалните и автохтони заедници. Некои од компаниите кои изразија подготвеност за финансирање на овие климатски шеми се Амазон, Аирбнб, Мекинси, Нестле и Унилевер - компании кои се најодговорни за уништувањето на Амазонија. И иако секоја заштита на шумите е добредојдена, треба да се постави прашањето дали овие фирми со овие потези впрочем купуваат амнестија од кривично гонење за климатските промени, зашто иако идејата за кривично гоење сè уште звучи радикално, со влошување на ситуацијата, ќе дојде момент кога казнениот прогон ќе стане нужност, а не авангардна или смешна идеја. И покрај намерите на компаниите, позитивен исчекор е што санацијата на климатските промени почнува да се финансира со приватен капитал но под услови на локалните заедници. Значи, иако ситуацијата е остра и сериозна, факт е дека долгогодишните планирани промени најпосле се воведуваат. Прашање е само дали тоа се прави доволно брзо, дали почнавме предоцна и дали правиме доволно?

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://www.bilten.org/