Недостатокот на чипови влијае и на автомобилите

23.07.2021 02:02
Недостатокот на чипови влијае и на автомобилите

Ширум светот, стивнаа лентите за производство на автомобили. Работниците безработно вртат со прстите, а паркинзите на дилерите се сè попразни. Недостатокот од полупроводници, мали чипови кои се неопхопдни за да се калибрира вбризгувањето гориво во автомобилите, за да се покрене системот за забава или за контрола на темпоматите, влијаеше и на фабриките за автомобили.

Мерцедес-Бенз почна да чува чипови за поскапите модели и привремено ги затвора фабриките кои произведуваат поевтини седани од Ц-класата. Во април, Порше ги предупреди американските дилери дека потрошувачите ќе мора да чекаат дополнителни три месеци за да ги добијат веќе нарачаните и платени автомобили. А францускиот производител Пежо се врати на старите аналогни брзинометри, заменувајќи ги дигиталните покажувачи на некои модели.

Сето ова не можеше да се случи во полошо време. Побарувачката на автомобили се врати после падот за време на пандемијата, а потрошувачите се подготвени и да ги потрошат парите што ги заштедија минатата година, и да тргнат на патувања.

„Веќе имаме огромен проблем со исполнувањето на нарачките, а тоа е исклучиво поврзано со полупроводниците“, вели Ола Калениус, директор на Дајмлер.

Една од причините што фабриките не можат да набават доволно полупроводници е тоа што нивните производители им дадоа приоритет на творците на смартфони, конзоли за играње и останата електроника, кои плаќаат повеќе и подобро. Еден модерен автомобил може да има повеќе од 3 000 чипови, но тие и натаму претставуваат мал удел во побарувачката на чипови.

Тајванската компанија за производство на полупроводници, позната како ТСМЦ, е една од ретките компании кои се од клучно значење за автомобилите, но во 2020 година вкупно три проценти од целата продажба се однесуваа на фабриките за автомобили, се наведува во извештајот на германската консултантска фирма Роланд Бергер.

Нивни најважни клиенти се произведувачите на телефони, кои земаат половина од сите производи. Една година претходно, пред пандемијата да влијае на целата глобална економија, автомобилските фабрики исфрлија 93 милиони возила. Споредете го тоа со 1,4 милијарди телефони.

Вкупно гледано, недостатокот од чипови и бавноста во ланецот на снабдување го намалија производството за околу 1,3 милиони возила само во првите три месеци од оваа година, покажуваат податоците на консултантската фирма ИХС Маркит.

Овој проблем им задава главоболки на политичарите. Петер Алтмаер, германскиот министер за економија, неодамна апелираше кај својот колега од Тајван и молеше да ги обезбеди неопходните чипови за германските фабрики.

Кризата покажа не само колку автомобилската индустрија е зависна од само неколкуте добавувачи, туку и колку е ранлива на сите потреси. Во март ланецот за снабдување речиси се прекина кога изби пожар во фабриката која е во сопственост на компанијата Ренесанс Електроникс во Хитачинаки, Јапонија. Ренесанс е еден од клучните произведувачи на чипови кои го контролираат работењето на сопирачките, го контролираат воланот и извршуваат многу други задачи.

Не се знае колку би можело да трае сето ова. Џенерал Моторс, компанија која од почетокот на годинава неколкупати го запре производството, одлучи да произведе автомобили но да ги паркира сè додека деловите не станат достапни.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: New York Times/International Report

ОкоБоли главаВицФото