Југославија од мојата младост

20.09.2021 02:30
Југославија од мојата младост

Ѝ припаѓам на последната генерација која стана полнолетна во СФРЈ. Последната која го комплетираше целиот пат, од Титовите пионери и младинци до ЈНА. Нам ни е запишано да бидеме последните мохиканци од големата Југославија, последните изворни југоносталгичари, чувари на живата а не фиктивната или книжевна меморија на земјата на сите јужни Словени.

Ние сме последните кои ќе можат да кажат дека живееле во земјата од Гевгелија до Триглав и од Ѓердап до Јадран и нам ни се погоди судбината да ја затвориме вратата и да го изгаснеме светлото на југоносталгијата, еднаш засекогаш. Додека постоиме, Југославија ќе биде дел од нечие сеќавање, ќе биде жива, зашто секој е жив сè додека другите се сеќаваат на него. После нас Југославија ќе стане само историја, лекција на час, поглавје во учебниците и мотив во некоја книга или филм.

Како што ќе поминува времето Југославија ќе биде сè поубава во нашите очи зашто за нас таа не е имагинација, идеологија или апстракција, романсирана приказна за некои минати времиња. Таа е сеќавање на нашата младост, наша нераскинлива врска со првите сознанија, првите љубови, првите победи, првите восхитувања. Во неа проодевме, прозборувавме, таа беше нашата прва идентификација. Ние ја знаевме само Југославија од осумдесеттите, бевме доволно големи за да видиме сè што беше убаво и доволно млади за да не го сфаќаме сериозно сето она што беше грдо. Ние бевме Југословени, а потоа станавме сè останато.

Југославија е нашата прва татковина и како што му рече еден албански бег на Индро Монтанели помеѓу двете светски војни: татковината најмногу се сака кога ќе се изгуби. Секако, и меѓу нас има фалсификатори на сопствените сеќавања и оние кои би сакале да го прилагодуваат минатото на сегашноста. Мојот прадедо стана полнолетен кога е создадена Југославија, односно Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, во годината кога СФРЈ е избришана од географските карти, со излегувањето на Словенија и Хрватска, јас штотуку влегов во светот на возрасните. Помеѓу нашите две полнолетства и четири генерации, протатне „Краткиот век“, како што го дефинираше Ерик Хобсбаум, и со нив Југославија.

Читајќи ги романите на Јозеф Рот и Штефан Цвајг како тинејџер, не ни насетував дека во децениите подоцна ќе се препознавам во Радецкиот марш, Мајмунската гробница или Вчерашниот свет. Таквата поврзаност на тенката нишка на болката и тагата за неповратно изгубените нешта, таквата парадоксална состојба во која со срцето се уште силно го чувствуваме секое отчукување од минатото додека погледот на сеќавањата ни се замаглува со минувањето на годините, ја избледнува некогашната реалност.

На училиште нè учеа дека Австроунгарската монархија била темнина на народите, исто како што веќе триесет години од Љубљана, Загреб, Сараево и Бања Лука до Белград, Подгорица, Приштина и Скопје на учениците им пикаат во глава дека Југославија беше, повеќе или помалку, сличен казамат на нации.

Во доцните осумдесетти се чудев зошто некој со тага раскажува за патувањата на роднините продавачи на костени од Словенија до Галиција (Украина) без ниеден граничен премин и зошто тоа е важно, не сфаќајќи дека тоа беше метафора за ширината и предноста на различноста. Се прашував како некој може да жали за „темнината на народите“ и да има носталгија по неа, не насетувајќи дека и нам, или барем на некои од нас, ќе ни се случи истото, зашто живеевме во заблуда дека на сите, или на повеќето, срцето им чука за сите.

Југоносталгичарите од нашиот ков немаат носталгија за комунизмот, за Јосип Броз, уште помалку за служењето на воениот рок некаде уџум во тмурни касарни, не ни недостасува системот, самоуправувањето, партиските организации и состаноци, работните и куќните совети, шпионите задолжени за секоја зграда или улица, извештачените политичари, досадните ТВ дневници и сивилото на големите градови. За нас Југославија не е идеал, не е идеологија, уште помалку комунизам, таа не е на сите Срби, Хрвати, Словенци, Бошњаци, Црногорци, во една држава, не е политика, не е ни братство ни единство.

Југославија е неповторлив збир на мириси, вкусови и спомени кои ги носиме за луѓето кои веќе не се со нас и за нештата кои веќе ги нема. Историјата се фалсификува, вкусовите и мирисите не можат да се фалсификуваат, затоа Југославија е наш споменар и дневник на растењето. Секој од нас има персонализиран список поврзан со земјата која веќе ја нема.

За мене Југославија е патување во Сараево со баба ми и забавата на Баш чаршија, возење со зелените автобуси во Белград и видео играта „Снупи“ купена во комисион, летувањата во Рафајловиќи, мекиците на Лазо (Стигна Лазе со мекици тазе) и спуштањето на море на Петровац, зимските подготовки во Медулина (место покрај Пула каде југословенските атлетичари се подготвуваа за новата сезона) и „позајменото“ камче од Арената во Пула, патувањето во Велење каде една девојка првпат тивко ми пееше на уво „ти можеш да ми правиш сè“ и гигантските топки сладолед во Цеље, неделниот ручек после саботното забавување кај мајката на мојот најдобар другар во Крижевци, моравецот што го игравме во некое загорско село чие име го заборавив на свадбата на една другарка, мирисот на смола и четинар на Златибор, капењето во Тиса, сирењето и павлката на Калник, првото излегување во Кулушиќ, Кеф и Салун.

Ние сме последните оригинални југоносталгичари, како што Рот и Цвајг беа непоправливи меланхолични чувари на поубавото лице на жолто-црната монархија. Ние сме еден вид модерни Евреи, исто како што се Рот и Цвајг, на кои некој им ја одземал најдобрата можна држава, со таа разлика што ние го немаме Израел, и што „догодина во Јајце“ повеќе звучеше како шега а многу помалку како свечено ветување.

И во иднина ќе има такви кои фолклорно ќе жалат за Југославија, како што и денес има такви кои ламентираат за Австроунгарија, зашто прочитале нешто, гледале некој филм или слушале музика од југословенските времиња. Меѓутоа, тоа ќе биде само имагинација, опсцен момент и плод на склоност да го глорификуваме и разубавуваме минатото кое не сме го живееле.

Ние знаеме каква навистина беше Југославија, ги знаеме нејзините недостатоци и неискажаните вистини, контрадикторностите и ривалствата. Меѓутоа, времето е лековито, нè чува од нас самите и ни ги брише, ублажува или релативизира непријатните сеќшавања а турка и ваја во прв план сè што беше убаво и впечатливо. Југославија е нашата дуња во ормарот што ја чуваме и ни мириса сè поубаво - оној што ја нема, не може да го разбере тоа.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Зоран Кардула

Извор: https://www.vijesti.me/

Слични содржини

Општество / Балкан / Историја
Општество / Балкан / Историја
Балкан / Историја
Европа / Балкан / Историја
Општество / Балкан / Спорт / Историја

ОкоБоли главаВицФото