Субвенции за милијардери

04.05.2022 02:06
Субвенции за милијардери

Се случи на 20 јули 1969 година: 650 милиони луѓе на планетата без здив гледаа како Нил Армстронг конечно ја остварува визијата на претседателот Кенеди. Соединетите држави успешно изведоа потфат кој неколку децении претходно беше незамислив. Испративме човек на Месечината.

Тој историски ден целиот свет беше обединет славејќи го ова огромно достигнување. Од ТВ екранот одѕвонуваше гласот на Армстронг: „Ова е мал чекор за човекот, но голем за човештвото“.

За само 8 години, под водство на тимови со исклучителни научници, инженери и астронаути од Вселенската агенција, Соединетите држави го воведоа човештвото во светот на бескрајните можности. Додека сите се радуваа бевме особено горди на нашата земја, зашто тоа беше американски проект. Нашите заеднички вложувања, нашата политичка волја, нашите научни достигнувања и храброста овозможија остварување на невозможното. Не „победивме“ само во вселенската трка, туку и отворивме нови хоризонти за целото човештво.

Се плашам дека денес, 53 години после слетувањето на човекот на Месечината, Вселенската агенција се претвори во банкомат за финансирање вселенски трки, овојпат не помеѓу САД и другите земји, туку помеѓу двајца од најбогатите луѓе во Америка - Илон Маск и Џеф Безос, луѓе кои заедно располагаат со богатство од над 450 милијарди долари.

После милијарди и милијарди долари вложени во истражување на вселената, американскиот народ се наоѓа пред важна одлука. Ако повторно испраќаме луѓе на Месечината, а потоа можеби и на Марс, кому треба да се даде да управува со тој потфат и каква ќе биде неговата цел? Дали целта ќе биде од корист за жителите на САД и целиот свет? Или тоа и натаму ќе биде богатење на милијардерите и отворање на месечината за корпоративна алчност и експлоатација?

Ако можете да поверувате, Конгресот во моментов разгледува одобрување финансиска помош во износ од 10 милијарди долари за компанијата Блу Оригин на Безос, за развој на лунарно возило. Помошта се одобрува откако во постапката за јавна набавка Блу Оригин на Безос изгуби од компанијата Спејс Екс на Маск.

Богатството на Безос изнесува околу 180 милијарди долари, но тој не плаќа федерален данок на приход. Сопственик е на Амазон, компанија која исто така не плаќа федерален данок на приход кој се мери во милијарди долари. Безос има доволно пари да си дозволи мега-јахта од 500 милиони, куќа во Вашингтон од 23 милиони, имот на Беверли Хилс вреден 165 милиони и имот од 6 хектари на Мауи вреден 78 милиони.

Во момент кога повеќе од половина Американци едвај врзуваат крај со крај, кога 70 милиони луѓе имаат недоволно или никакво здравствено осигурување и кога околу 600 000 луѓе живеат како бездомници, дали парите на даночните обврзници треба да се трошат на финансирање на вселенското хоби на Безос? Не би рекол.

Морам да нагласам дека се работи за проблем кој е многу поголем од еден договор за испраќање на компанијата на Безос на Месечината.

Вселенската економија - со која денес доминираат приватни компании кои практично бесплатно ги користат капацитетите и технологијата на Вселенската агенција - веќе е мошне профитабилна и се очекува нејзината профитабилност во блиска иднина да се зголемува експоненцијално. Bank of America прогнозира дека обемот на вселенската економија во следните 8 години ќе се зголеми трипати и ќе достигне вредност од 1,4 трилиони долари. Да, трилиони.

Во 2018 година приватните компании остварија добивка од 94 милијарди долари продавајќи стоки и услуги кои се користат во вселената. Сигурно би биле профитабилни и без дарежливите субвенции и поддршката на Вселенската агенција и американските даночни обврзници. Бизнисот со сателитите е во процвет. Само Спејс Екс планира следниве две години да лансира десетици илјади комуникациски сателити од системот Старлинк.

Покрај лансирањето сателити, компаниите добро ќе заработуваат и од „вселенскиот туризам“. Неодамна, тројца богаташи платија по 55 милиони долари за посета на Меѓународната вселенска станица. Добра вест е што милијардерите на кои им досадило да летуваат на Карибите сега на располагање имаат возбудливи нови дестинации. Лоша вест е што таквите патувања делумно се субвенционирани со пари од американските даночни обврзници.

Можеби звучи како сценарио од некој лош научно-фантастичен филм, но за неколку децении најголемата добивка во оваа област нема да доаѓа од сателитите и вселенскиот туризам туку од експлоатација на скапите минерали на астероидите.

Голдман Сакс и познатиот астрофизирач Нил де Грасе Тајсон предвидуваат дека прв трилионер на Земјата ќе биде личноста која ќе најде начин да ги експлоатира природните ресурси на астероидите.

Вселенската агенција веќе идентификуваше повеќе од 12 000 астероиди на оддалеченост помала од 45 милиони километри од Земјата на кои има руда од железо, никел, драгоцени метали и минерали. Само еден астероид со пречник од 900 метри може да содржи платина вредна 5 трилиони долари. Ретките метали од некој друг астероид би можеле да вредат 20 трилиони долари. Како што рече претприемачот Питер Диамандис од Силиконската долина: „Околу нас летаат чекови на 20 трилиони долари и чекаат некој да ги уновчи!“

Прашањето што мораме да си го поставиме гласи: кој ќе ги уновчи тие чекови? Кој на крајот ќе извлече најмногу корист од истражувањето на вселената? Дали тоа ќе бидат грст милијардери или жителите на нашата земја и планета?

Како што стојат нештата, пред сè благодарение на Законот за вселена кој беше усвоен во Сенатот практично без дискусија, приватните корпорации се единствени сопственици на сите сировини кои ќе ги пронајдат во вселената. Со други зборови, даночните обврзници кои на приватните корпорации практично им овозможија да патуваат во вселената можат да очекуваат поврат на своите вложувања од нула проценти.

Време е во Конгресот и ширум земјата да се поведе сериозна дискусија за развојот на порационална политика за експлоатација на вселената, која нема да ги социјализира ризиците и да ја приватизира добивката. Без разлика дали е во прашање пристапен брз интернет, телефонски сигнал во оддалечени региони, предупредување за природни катастрофи, следење на климатските промени, основање колонии на Месечината и Марс или рударење на астероиди, од новите научни достигнувања корист мораат да имаат сите, а не само неколкумина богати.

Истражувањето на вселената е возбудлив проект. Потенцијалот за подобрување на квалитетот на животот на Земјата е безграничен. Но постои и сосема реална можност вселенските истражувања богатите да ги направат многу побогати и застрашувачки моќни. Кога ќе го направиме следниот чекор во освојувањето на вселената, да го направиме тоа во корист на човештвото, а не неколку милијардери да ги направиме трилионери.

Превод: Алек Кузмановски

Карикатури: Marian Kamensky

Извор: https://www.theguardian.com/