Ивана Мирчевска е добитничка на наградата „Денес“ за млада визуелна уметница

25.06.2022 13:04
Ивана Мирчевска е добитничка на наградата „Денес“ за млада визуелна уметница

Oваа година по шеснаесетти пат се одржа доделувањето на наградата „Денес“ која се доделува на млади визуелни уметници до 35 години од земјава.

Наградата ја освои Ивана Мирчевска за нејзиното дело „Медиум пукнатина: Aлтернативен сет на подлоги за искачување“ (2021) година, кое е хибридна инсталација составена од видео снимки, објекти, текст, 3Д анимации и звучен пејзаж.

Годинава, финалисти за наградата беа четворицата уметници Дарко Алексовски, Ивана Мирчевска, Кристина Пулејкова и Зоран Шеќеров. Уметниците своите дела ги претставија во НГРСМ „Мала Станица“ на 22 и 23 јуни. Изложбата на финалистите ќе биде отворена до 14 јули на истата локација.

Мирчевска на изложбата на четирите финалисти која ќе биде отворена до 14 јули во НГРСМ- Мала станица, го претстави делото Медиум пукнатина: Aлтернативен сет на подлоги за искачување од 2021 година кое е хибридна инсталација составена од видео снимки, објекти, текст, 3Д анимации и звучен пејзаж. Медиум пукнатина е спекулативна средина изградена врз остатоци од материјална култура, објекти на меморија, звучни духови и визуелни прогонувања, поместени во времето и просторот. Црпејќи од постоечките пукнатини на планината Водно - траги од постојаното нагризување и пригибување на нејзината материја во корист на економска ефикасност и урбано проширување и во улога на ископувачи и истражувачи, делото испреплетува мрежа од семиотски, материјални и историски релации, халуцинации и ехоа, во кои домуваме заедно со пријатели, хтонски сожители и мноштво други.

Делото на Мирчевска беше избрано од петчлената жири комисија составена од Вивиана Ќеќиа (Лондон), кураторка и истражувачка, Елена Чемерска (Скопје/ Берлин), уметничка и добитничка на наградата „ДЕНЕС“ во 2021 година, Славчо Димитров (Скопје), истражувач, теоретичар, активист и куратор на „Скопje викенд на гордоста“, Нора Халими (Тетово), уметничка и професорка на Факултетот за уметности на Универзитетот во Тетово и Лилиа Куделиа (Киев/ Далас), кураторка, историчарка на уметност и соработничка на Residency Unlimited (RU) во Њујорк.

„По внимателно и повеќеслојно размислување, за овогодишен добитник на наградата ДЕНЕС, жирито ја избра Ивана Мирчевска. Овој избор е направен земајќи ја предвид вешто развиената уметничка продукција на Мирчевска и прецизното истражување што се протега низ подвижни слики, текст и инсталации. Ние цениме како работата на Ивана се однесува, ангажира и критички го преиспитува напредувањето на технологиите на видот и функционира како моќно афективно и хаптичко посредување помеѓу телата и просторите на припадност. Исто така, би сакале да го истакнеме сложениот ангажман во работата на Ивана, од една страна, со современи и политички итни дискурси во трансдисциплинарните области на хуманистичките и општествените науки, и, од друга страна, со различни, но заплеткани и вкрстени проблеми и аспекти на нашата современост, вклучително и антропоцен, екологија, капиталистичка екстракција, урбан развој и трансформација, родови нормативни феноменологии, дихотомии природа/култура и тело/технологија и многу други. Одлуката на жирито беше поттикната од свесноста дека Ивана ќе има бенефит од двомесечната резиденција, врз основа на нејзината решителност и зрелоста на нејзината пракса“, стои во образложението на жирито.

Наградата ДЕНЕС се доделува на исклучителна и истакната тековна уметничка практика која подразбира критичко и естетско размислување и дејствување, како единствена награда за млад/а визуел(е)н/а уметни(к)чка во земјава од овој вид. Оваа значајна и независна награда подразбира двомесечна програма за престој на уметници во Њујорк во Residency Unlimited (RU) во 2023 година, но и овозможува уникатно искуство на уметниците да бидат дел од специјално наменет едукативен процес во визуелната уметност, да имаат средби и презентации со интернационална жири комисија и да продуцираат дело, во рамки на изложба како финалисти на наградата. Добитникот/добитничката на наградата добива двомесечен престој во Њујорк во Residency Unlimited (RU).

Ивана Мирчевска (1992 година) е визуелна уметничка и истражувачка која работи преку слики во движење, текст и инсталација. Нејзиното истражување произлегува од спојот помеѓу технологиите на визуелизација и просторната конфигурација на погледот и телото. Ивана има дипломирано на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек сликарство (2015 година) и магистрирано на Академијата за ликовни уметности Брера во Милано, Италија (2018 година). Нејзините неодамнешни дела и ангажмани вклучуваат: уметничка книга “At an angle of 45 degrees” издадена во соработка со „Приватен принт“, „Медиум Пукнатина: Алтернативен сет на потпори за искачување“ во Галерија Ко-Ра (2021 година), “Notes from surfacing: At an angle of 45 degrees” Студио Приватен Принт (2021 година), како и колаборативните проекти: „Иконографија на ритуалот: Пливање во лепливото езеро“ во Галерија МКЦ (2021 година) и „Ничии прагови конкретно“ Галерија МКЦ (2020 година). Како активна учесничка во локалната независна и експериментална уметничка сцена, преку својата практика таа соработува со колеги од различни дисциплини и контексти.