Зошто е толку добро чувството да се биде хејтер?

23.09.2022 01:42
Зошто е толку добро чувството да се биде хејтер?

Прониклив дијалог, внимателно пишувани ликови, преубави прикази - сето тоа се нешта кои ги цениме во филмовите и сериите кои гарантираат добра забава. Но исто така има и нешта како што се Emily in Paris, Sharknado и Too Hot to Handle, кои во секоја смисла исто така претставуваат добра забава. Наместо да ги гледаме овие програми за инспирација, поголеми се шансите да ги гледаме заради кринџот.

Тоа се нарекува „гледање од омраза“, што катедрата за јазици од Оксфорд го дефинира како „гледање заради уживање во исмевањето и критикувањето“. Се работи за вистински и популарен тренд. На пример, Emily in Paris вообичаено е предмет на потсмев на социјалните мрежи, но исто така е и една од најгледаните серии на Нетфликс (Повеќе од 58 милиони домаќинства почнале да ја гледаат оваа серија во првите 28 дена од нејзиното прикажување, со трета сезона во подготовка.

Се покажува дека многумина од нас сакаат да мразат. И со популарноста на социјалните мрежи тоа се пренесува и на луѓето кои ги следиме. Не можеш да престанеш да гледаш тиктокер кого го мразиш? Тоа е следење од омраза.

„Отсекогаш постоеле начини за ваквото мразење од далечина“, вели Џеј Ар Илаган, клинички психолог. „Омразата за која зборуваме повеќе е насочена кон јавната содржина, јавните личности и така натаму“.

Илеген објасни дека следењето од омраза е понова фаза од развојот, која јавните личности почесто ги соочува со вистината. Но понекогаш, ова може да се однесува и на пријателите кои заради некоја причина се многу подосадни на интернет. Посматрањето на овие луѓе може да предизвика многу побурни реакции од превртување на очите. Можеби ќе ве натера да им се потсмевате, да се почувствувате непријатно или да извикате: „Што мисли кој е тој???“ Но повторно, продолжуваме да ги следиме.

Тогаш зошто се тераме себеси да се чувствуваме така? И зошто гледањето од омраза и следењето од омраза се толку примамливи? Илеген вели дека сега овие прашања можеме да ги погледнеме од аголот на биопсихологијата, која ни помага да ги разбереме биолошките, психолошките и социолошките фактори на некој феномен.

Ете зошто толку уживаме во омразата.

Од биолошки аспект омразата е добро чувство

„Омразата, љубовта и уживањето се силни емотивни реакции. И понекогаш, кога очекуваме силна емотивна реакција дури и кога нема закана, нашиот мозок создава невротрансмитери“, објаснува Илеген.

Овие невротрансмитери главно се серотонинот, допаминот и окситоцинот, познати и како „среќни хормони“ кои предизвикуваат позитивни чувства. Ова објаснува зошто омразата е толку добро чувство од психолошки аспект. На пример, Нетфликс извести за зголемена популарност на реалните програми во неколку земји за време на карантинот во 2020 година, додека многумина бараа нешто што би им пружило утеха.

Други истражувања покажуваат дека луѓето се посреќни кога се во состојба да почувствуваат емоции, дури иако тие се непријатни. Ако наидете на пост од девојка која „не е како останатите“ и танцува на песната Jiggle Jiggle, подобро би се чувствувале ако го удрите телефонот од ѕид. Тоа е истата причина зошто токсичната позитивност е токсична - затоа што ги потиснуваме чувствата кои мораме да ги почувствуваме. Нема ништо поослободувачко ако речеме: „Па таа навистина танцува добро!“

„Можеме и да кажеме дека повторното доживување на овие чувства може да стане зависност, затоа што тоа е многу добро чувство на емотивно ниво“, вели Илеген.

Од психолошки аспект сакаме да се споредуваме себеси со другите

На психолошко ниво, Илеген вели дека гледањето од омраза и следењето од омраза можат да наведат на споредување со она што го гледаме, што може да направи да се чувствуваме подобро или полошо. Тоа можеме да го правиме со ликови од серии или филмови, но социјалните мрежи станаа главен извор на ова, бидејќи луѓето се природно склони кон воајеризам. Имаме навика да копаме по туѓите животи и со самото тоа меѓусебно да се споредуваме.

Постојат два начини на кои се споредуваме, вели Илеген. Споредувањето во однос на подобро е кога се споредуваме себеси со луѓе на кои очигледно им е подобро во животот. Тоа може да предизвика љубомора, која понатаму предизвикува омраза како метод на самоодбрана. „На оваа личност ѝ оди подобро? Не ми се допаѓа што праваи таа.“

Од друга страна, споредување во однос на полошо е кога се споредуваме себеси со луѓето на кои очигледно им е полошо или чии објави во нас можат да предизвикаат трансфер на срам кој на сите ни е многу добро познат. Како да гледате сообраќајка - непријатно е, но повторно подобро се чувствувате заради себеси. „Барем тоа не сум јас“!

Од социолошки аспект омразата ги зближува луѓето

Колку често после гледање ужасни серии одите на интернет и читате твитови? Можеби дури и искажувате омраза на форум посветен на плукање на таа серија. Или можеби ги повикувате пријателите да гледаат со вас.

„Мислам, забавно е да се мразат луѓето заедно“, вели Илеген. „Може да се каже дека имате заеднички непријател“.

Тоа е една причина заради која луѓето се собираат бесконечно да го гледаат The Room, кој е прогласен за „Граѓанинот Кејн на лошите филмови“, да го рецитираат бесмисленото сценарио и да го гаѓаат екранот со лажици.

Озборувањето, вели Илеген, исто така ги зближува луѓето - искуство кое е неопходно за формирање на заедниците. Антрополозите и историчарите одамна заклучија дека трачарењето е „лепак кој го држи нашето општество заедно“. Некои луѓе ова го сфаќаат многу сериозно и го поврзуваат телефонот со ТВ екранот за да можат заедно со пријателите да гледаат објави на Инстаграм од луѓе кои не ги поднесуваат.

Дали гледањето од омраза или следењето од омраза ме прави лоша личност?

Илеген вели дека тоа зависи. Постојат два вида мразачи во оваа ситуација - оние кои ќе налетаат на лоша содржина и ќе ја замразат и оние кои ќе најдат нешто за да го мразат без оглед на содржината. Доколку сте дел од првата група, не грижете се, „омразата е валидна“, вели Илеген.

Во свет кој ги цени извонредноста и успехот, нормално е да се критикува содржината која во најмала рака е бесрамно под стандардите. Истото не може да се каже за она што го гледате на социјалните мрежи.

„Причината заради која многу луѓе чувствуваат понижување е заради она што понекогаш го прават на интернет и тоа што го проектираат за своето јавно постоење е мошне идиотски“, вели Илеген. „На социјалните мрежи главно постои очекување дека содржината ќе биде самосвесна. Со други зборови, осврнете на својата положба и бидете свесни за ситуацијата во која се наоѓате пред да објавите нешто.“

Илеген вели дека исто така е важно што правите со омразата што ја чувствувате. Дали сте доволно самосвесни да признаете дека се чувствувате лошо заради себеси и ви треба нешто да ве развесели или имате намера да ја уништите кариерата на некоја личност?

Омразата станува нездрава кога ќе станете мразач, кога некои други ви делуваат неискрено иако тоа не е така, или кога неоправдано ќе почнете со коментари на омраза. Доколку е така, тогаш можеби добра идеја е да направите пауза од социјалните мрежи.

Превод: Алек Кузмановски

Карикатури: Ares 

Извор: https://www.vice.com/

ОкоБоли главаВицФото