Мистериите на гласачкото однесување

15.12.2022 11:35
Мистериите на гласачкото однесување

Нема ден некој да не спомне или бара избори. “Редовни” или “предвремени”, почесто “предвремени”. Тоа не треба да изненадува, бидејќи изборите се сметаат за срцевина на политичкиот процес и најмногу се приближуваат до идеалот за демократско владеење и претставничка демократија.


Денешните генерации, веројатно, најмногу ја познаваат борбата за гласачко право на Афроамериканците во САД, најтесно поврзана со борба против расната дискриминација. Потомците на некогашните црни робови, платија висока цена за правото на глас. Меѓу педесеттите и шеесеттите години, “Движењето за граѓански права” предводено од д-р Мартин Лутер Кинг, помина тежок пат. Неговите активисти трпеа закани, беа игнорирани затворани, понижувани, тепани….Некои, во таа битка ги загубија животите.

На 7 март 1965г. насилството на полицијата го досегна својот врв. Труперите, со бајонети, солзавец и камшици, ги нападнаа учесниците на маршот од Селма до Монгомери во државата Алабама. Телевизискиот пренос на очигледната бруталност го крена на нозе демократското јавно мислење и го принуди претседателот Линдон Џонсон забрзано да ги донесе реформите во изборното законодавство. На свечената церемонија на 6 август 1965, тој и Д-р Мартин Лутер Кинг, го потпишаа Актот за гласачки права, со кој на Афроамериканците им се овозможи ефективно остварување на правото на глас. Само три години потоа, д-р Мартин Лутер Кинг е убиен во атентат, од страна на бел расист, со мотив – омраза!

Кога ја предавав оваа лекција на моите студенти, помислував, колку сме среќни како генерација, што наследивме права за кои други, буквално, платиле со својот живот. Сепак и ние не сме без свој удел во ширење на правото на глас. Како нова демократија, од првите парламентарни избори во 1990 г. до последните во 2020г. поминавме низ сопствена скапа лекција, дека власта се пренесува легитимно од една на друга политичка гарнитура, само и исклучиво преку слободни и чесни избори.

Правилата за избирање на политички претставници во централната и локалната власт и политичките кампањи се регулирани се Уставот, Изборниот законик (2014) и други закони кои се усогласени или се усогласуваат со европските демократски стандарди. Меѓутоа, во пракса искусивме насилство за време на избори, измами, злоупотреби, опструкции, обид за насилна смена на власта, итн.

Долгорочни и краткорочни влијанија кои го обликуваат гласачкото однесување

1. Почетоци: опиени од национализам

Првите слободни парламентарни избори беа организирани на крајот на 1990г. Атмосферата ја паметам: високо запалива смеса од чувства на страв и несигурност и чувства на еуфорични очекувања. Слободата, демократијата и политичкиот плурализам беа за оваа средина релативно нови и прилично апстрактни идеи. Најблиску до срцата на граѓаните беше идејата за независна македонска држава, која “повлече” 19 политички партии со 1 158 кандидати да учествуваат во изборниот натпревар.

Моделот, по углед на најстарата демократија, британската, беше мнозински со 120 изборни единици, колку што имаше пратенички места во Собранието. Излезноста, како што доликува на историскиот момент беше многу висока, меѓу 84,8% и 76.8%. На изборите, победата ја однесе, националистичката партија ВМРО-ДПМНЕ ( 38 мандати наспроти 31 мандат на СДСМ), чија програма содржеше главно, унилатерално одвојување од Југославија, наспроти преговорите на Глигоров за мирно раздружување; анти-комунизам и албанофобија.

Изборната кампања на оваа партија, беше организирана главно преку масовни митинзи, со многу знамиња од Вергина, со карти на Голема Македонија, навредувачки и ксенофобични, антиалбански пароли и графити, кои ќе се повторуваат и на наредните избори. Раководството на партијата дотаму изгуби контакт со реалноста, што вети одржување на својот иден конгрес во Солун. Во согласност со својот национализам, Љупчо Георгиевски, кој ја предводеше партијата, одби да влезе во коалиција со партијата на етничките Албанци, ПДП, и го врати мандатот, политика која подоцна ја оцени како многу погрешна. Популарен дома, национализмот предизвика штета во надворешната политика, влошувајќи ги односите со Грција.

“Од национализам не се живее, ви треба на маса леб и путер”, се обрати на нашата јавност поранешниот генерален секретар на Нато, Џорџ Робертсон, кој во 2001 беше чест гостин во Скопје. Забелешката се покажа мошне остроумна. Најважната околност, по крајот на Студената војна и распаѓањето на Југословенската федерација, која ќе влијае врз исходот на неколку наредни изборни циклуси, беше социјалната несигурност на граѓаните и страв за иднината. Преминот од државна во приватна сопственост, остави многу луѓе без работа и приход и ја осиромаши средната класа, која обично е најсилен поддржувач на умерени политички опции. Општеството се подели на многу сиромашни и малку богати, со тенденција на раст на нееднаквоста, што се покажа и во Извештајот на Светската банка. Во 1998 Џини индексот за земјата изнесуваше 28.1. Десет години подоцна, во 2008, индексот е 44.2., додека понови истражувања покажуваат индекс од 43.9.

2. Вооружениот конфликт од 2001 и неговото влијание врз однесувањето на избирачите

На наредните избори во 1994г. победи СДСМ со висок број мандати(87) бидејќи најголемите опозициски партии, повикувајќи се на изборна измама, го бојкотираа вториот изборен круг. Владејачката партија, не успеа на следните избори во 1998г. да го повтори изборниот успех. Очигледно граѓаните беа разочарани од несправедливата и коруптивна приватизација и гласаа за ВМРО-ДПМНЕ. Со освоени 49 мандати, наспроти 27 на СДСМ, изборниот победник формира коалициска влада, заедно со Демократска алтернатива и Демократска партија на Албанците(ДПА). Коалицијата се задржа на власт само две години, бидејќи во 2001 започна вооружен конфликт меѓу централната власт во Скопје и ОНА(Ослободителна национална армија на Албанците).

“Ова не е можно”, ќе изјави лидерот на ДПА, Мендух Тачи. “По кого пукаат кога градоначалникот на Тетово е Албанец”? Сепак, беше можно. Герилците кои се бореа во Косово, по интервенцијата на НАТО и запирање на непријателствата, преминаа илегално во Mакедонија и подоцна стекнаа поддршка на локалното население, кое бараше поголеми права за етничките Албанци во Македонија.

Територијалните решенија беа одлучно отфрлени од меѓународната заедница. По завршување на вооружениот конфликт, во август 2001 е потпишан мировен договор(т.нар. Охридски рамковен договор), со кој уставниот и политичкиот систем на земјата радикално се сменија. “Пакетот” содржеше: соодветна и праведна застапеност на заедниците во администрацијата, војската и полицијата; висока децентрализација; малцинско вето; пропорционалност во изборниот систем и уставна гаранција за права на малцинствата. Албанскиот јазик стана втор државен јазик.

Следуваше нормализирање на животот и избори во 2002г. на кои победи опозициската партија, СДСМ. Албанците ги дадоа своите гласови на ново формираната партија од поранешните борци на ОНА, Демократската Унија за интеграција(ДУИ). Двете партии формираа коалициска влада и се обврзаа да ја гарантираат безбедноста на граѓаните и да го спроведат потпишаниот мировен договор.

Основна карактеристика на изборната кампања беше жестоко меѓусебното обвинување на партиите од власта и опозицијата, за национално предавство, кој како го разбираше “предавството”. Општеството длабоко се подели а во извештајот на ОБСЕ се регистрирани насилни инциденти, обвинувања и контра-обвинувања. Не е сосема јасно од кои причини граѓаните гласаа за СДСМ но секако голема улога одигра подршката на оваа партија за политичко, наместо воено решавање на конфликтот и драматичните кадровски промени во ВМРО-ДПМНЕ.

3. Самитот на НАТО во Букурешт и неговите последици врз избирачкото однесување

Охридскиот договор и спорот со Грција, остави кај многу етнички Македонци автентично горливо чувство на неправда. Ако тоа чувство се злоупотреби во политички цели и се појави “спасител”, кој ветува исправање на неправдата, ете ја победничката изборна карта. Играта на таа “карта”, му донесе на ВМРО-ДПМНЕ неколку изборни победи по ред (редовни и вонредни, во 2006, 2008, 2011 и 2014 година).

Жестоките обвинувања за национално предавство, меѓу власта и опозицијата ја обележија изборната кампања во 2008 година. Граѓаните на Македонија, на грчкото вето за членство на земјата во НАТО на Самитот во Букурешт, одговорија со масовна поддршка на националистичката политика на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Тој се обрати на граѓаните: “Дајте ми апсолутно мнозинство во Собранието и никој нема да може да ме уценува”. И тие му дадоа. ВМРО-ДПМНЕ на овие избори, освои 63 мандати, 18 повеќе отколку на претходните избори, додека СДСМ падна од 32 на 27 пратеници. ДУИ освои 18 места додека ДПА, 11 места. Коалициската влада, формирана од ВМРО-ДПМНЕ и изборниот победник во албанската заедница, ДУИ, го започна својот мандат.

Изборниот успех ќе се повтори за време на вонредните избори во 2011 и 2014. СДСМ беше “казнета” заради спроведување на непопуларните политики произлезени од Охридскиот договор, како на пример, новата територијална поделба на општините. На овие околности треба да се додаде уште еден важен момент, кој влијаеше врз гласачкото поведение: купените медиуми и ботови инсталирани во социјалните мрежи.

Изборните кампањи во 2011 и 2014, како што е забележано во извештаите на ОБСЕ, беа слични по т.н.р “нееднаков терен” за изборен натпревар. Линијата помеѓу државата и владејачката партија беа речиси наполно избришана. Лидерот на партијата стана олицетворување на државата. Во изборните кампањи се користеа државни пари за промоција на владеачката партија и изборната победа беше загарантирана. Во се ова, определен удел има и пропорционалниот изборен модел, кога граѓаните гласаат за партиската листи кандидати, составена од лидерот.

4. Популизам

Со стабилно двотретинско мнозинство, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во овие десетина години воспоставија завидна контрола врз медиумите, бизнисот, судството и другите државни институции. Да го парафразирам Хуан Линц, доколку еден режим ја третира опозицијата и медиумите како непотребен демократски орнамент кој ја попречува “ефикасноста” на власта а лидерот, наводно, најдобро знае што им треба на граѓаните, тогаш може да се каже дека авторитаризмот влегол на голема врата!

Не беше објаснето до крај, кој и како донел одлука за подигање на провокативниот споменик на Александар Македонски на Градскиот плоштад и сите останати објекти од проектот “Скопје 2014”, но денес овој проект е предмет на преиспитување како заради коруптивните зделки, така и заради неговата сомнителна естетика и општествено-политичка оправданост. БИРН во своето публикувано истражување тврди дека иницијалните 80 милиона евра за проектот “Скопје 2014”, нараснале на 560 милиона и дека парите се доделени на фирми и луѓе блиски до владеачката партија.

5. Отрезнување

На 9 февруари 2015, опозициската партија СДСМ пушти во јавност 36 пакети на аудио снимки на телефонски разговори, вклучувајќи ги оние на премиерот, високи државни функционери, судии, градоначалници, пратеници, опозициски политичари, новинари итн. Публикуваниот материјал достигна 500 страници текст од разговорите. При тоа, СДСМ обелодени дека има пристап кон 20 000 разговори, снимени од разузнавачките служби и дадени на партијата од внатрешни укажувачи.

Од прислушкувањето кое траело околу седум години, меѓу останатото, се разбра за нечесности во претходните изборни циклуси: закани и измама, предвремено отворање на гласачките кутии, стопирање на лифтови за да не можат повозрасните граѓани да гласаат, корупција итн. масовно кршење на Вакво масовно кршење на човековите права не можеше да остане без одговор. Груевски беше изложен на силен притисок на домашната јавност и странските партнери, да се повлече од власта а виновниците да одговараат пред суд.

Со посредување на ЕУ и САД лидерите на четирите најголеми парламентарни партии се собраа во Пржино и потпишаа договор со кој ги сменија предизборните правила по принципот “ секој секого контролира” и се согласија да се формира Специјално јавно обвинителство. Дел од истрагите завршија успешно, но самото СЈО се компромитира заради корупција на првиот човек на институцијата. Во април 2016, претседателот на државата Ѓорѓе Иванов подржан од владејачката коалиција потпиша аболиција и предизвика масовен револт, т.нар. Шарена револуција.

По седуммесечни постојани протести, власта беше принудена, во декември 2016, да распише предвремени парламентарни избори. И покрај скандалот со масовно кршење на човекови права, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги доби изборите со тесно мнозинство од 51 пратеник во Собранието. СДСМ освои 49 места. Груевски го доби мандатот да формира влада, но не успеа, бидејќи ДУИ одби да учествува во влада, со партнер кој ја компромитира партијата.

Мандатот, по невообичаено долго време, заради опструкција на тогашниот претседател на државата, е предаден на втората партија по изборен резултат, СДСМ, која успеа да формира владејачка коалиција, заедно со ДУИ. На 24 април 2017, толпа граѓани, со маски на лицата или без нив, некои вооружани со палки, камења и друго оружје насилно влегоа во зградата на Собранието. Подоцна истрагата покажа дека се тоа членови или симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ кои се обиделе насилно да ја сменат власта. Обидот пропадна, Груевски илегално ја напушти земјата а водачите на државниот удар се најдоа пред суд.

Новата коалициска влада на СДСМ и ДУИ во 2017 и 2018 потпишува два договори кои се пресудни за остварување на стратешките цели на земјата, но се крајно непопуларни: Преспанскиот договор и Договорот за пријателство со Бугарија. И покрај тоа, владата, не успеа да добие датум за отпочнување преговори со ЕУ. Незадоволството и разочарувањето доведе до предвремени парламентарни избори во април 2020. Предизборната мултиетничка коалиција “Можеме”(СДСМ, Беса) освои 46 мандати, додека коалицијата Обнова на Македонија(ВМРО и останатите) освои 42 мандати. Коалициската влада составена од СДСМ и ДУИ, во соработка со ЕУ ги подобри односите со Бугарија и така успеа да добие(усовно) датум за преговори со ЕУ.

6. Мистериите на гласачкото однесување како заклучок

Бихејвиористичката гранка во политичката наука, смета дека во изборите лежи клучот за дешифрирање на политичкиот процес…Дури и да не е така, однесувањето на гласачите е некој вид мистерија. На когу граѓаните ќе го пренесат своето суверено право да одлучуваат и зошто? Кои се краткорочните и долгорочните влијанија кои го обликуваат гласачкото однесување?

Овој краток пресек на изборите кај нас, покажува дека гласачкото тело е главно поделено според моделот на “партиска идентификација” или психолошка приврзаност. Имено, членовите на партиите и симпатизерите гласаат за “својата партија” без претерано да си ја чукаат главата околу нејзината идеологија или програма, очекувајќи да добијат дел од “победничкиот плен”. Тие гласаат за “својата партија” кога води добри, но и кога води лоши политики, па дури и кога ќе се обелодени дека лидерите се корумпирани или недозволено ги прислушуваат граѓаните.

Обичниот гласач повеќе се грижи отколку што мисли. Вредностите како демократија, слобода, човекови права итн. веројатно не му се доволно познати, блиски или пак не му е грижа за нив. Грижите се други: може да биде растечката нееднаквост, сиромаштијата, невработеноста, високите давачки за здравство и образование, лошиот превоз, високата инфлација итн. Болните одлуки за промена на името на државата или преиспитување на историското минато ја разнишаа неговата самодоверба.

Ако не е во состојба да напредува на социјалната скала, вината за тоа обично ја бара кај оној еднаков или послаб од него, обично е тоа некое социјално, етничко или родово малцинство. Неговата природна потреба за самопотврдување – и јас нешто значам- ја задоволува со она што во моментот му е при рака на политичкиот пазар и што најдобро се продава: великиот патриотизам и национализам.

Но, околностите кои го обликуваат гласачкото однесување се менуваат. Изборите во 2020 се интересен повод за размислување. Гласачите ја дадоа довербата на политиките кои се инаку многу непопуларни во земјата. Врз ваквиот исход од гласањето секако имаше влијание прочистениот избирачки список и зголемената одговорност на институциите што ги организираа изборите.

Сепак, се чини, дека нов феномен е на повидок. Гласање според “моделот на рационален избор”, кој уште се нарекува “гласање за одредено прашање”. Европската иднина на Македонија, на пример, под претпоставка дека граѓаните, до редовните избори во 2024, ќе почувствуваат видливи позитивни промени. Владата е во трка со времето, но сè уште е можно изборно изненадување, спротивно на анкетите кои во овој момент и даваат предност на опозицијата.

(авторката е универзитетски професор по политички науки)

Слики: Џејкоб Лоренс
Извор:
smk.mk

ОкоБоли главаВицФото