Борбата против хомосексуализмот

03.06.2009 13:11
1a1.jpg

Забраната за геј парада во Москва се совпаѓа со 75-годишнината од почетокот на репресиите врз хомосексуалците во бившиот СССР.

Секоја револуција вреди само кога ќе успее да ги ослободи масите што ја поддржуваат. Големата француска револуција, на пример, ги укина забраните кои постоеја во сите христијански држави речиси илјада и петстотини години, уште од времето на Анкирскиот собор во 314 година. Тогаш црковните отци најстрого ја забраниле „противприродната“ љубов со закана од екскомуникација. При изборот на казнените мерки, во предвид се земале возраста и семејната положба на грешникот. Доколку виновникот имал помалку од дваесет години, тој бил осудуван на петнаесет години исклучување од црквата, доколку бил постар, па и женет, казната се зголемувала и до дваесет и пет години. За христијаните постари од педесет години исклучувањето станувало доживотно, иако му се овозможувало правото на претсмртно причестување.

Во текот на вековите црквата се обидувала самостојно, без учество на властите, да се справи со грешните начини на задоволување на основниот инстинкт, меѓутоа, не можела да го спречи ширењето на хомосексуалноста дури ни меѓу своето свештенство и монасите. И така, во борбата се вклучиле светските владетели. Казнените мерки се разликувале од држава до држава и од законите што се применувале во секоја од нив. Во германските кнежевства, користејќи го како криминален кодекс „Саксонското огледало“, создадено во првата четвртина на 13 век, власта ги затворала хомосексуалците. Во други германски земји, половина век подоцна се појавува книгата „Швабско огледало“ која за хомосексуалците препорачува да бидат спалени на клади. Сепак, во повеќето случаи начинот на справување со хомосексуалците (како и отсуството на такво нешто) зависело често и од сексуалната ориентација на монархот.

Поголемата шареноликост во законодавствата почнува од периодот на Просветителството. Под влијание на идеите на хуманистите од Австрија, каде хомосексуалците одамна биле безмилосно прогонувани, во 1787 година смртната казна за истополова љубов била заменета со затвор. Во Англија хомосексуалците се казнувале до 1861 година, кога казните била заменети со доживотен затвор. А во Франција во 1791 г. новата револуционерна власт ги укинала сите казни за хомосексуалната „изопаченост“.

Интересно е тоа што со слободата, еднаквоста и братството, сексуалните односи на Французите не биле лишени од казни. Во Криминалниот кодекс на Наполеон од 1810 г. има случаи кога хомосексуалците се признавале за престапници, но само во случај кога својата ориентација ја покажувале во јавност, кога нивната активност вклучувала насилство, или предмет на нивната сексуалност биле малолетници. Но дури и во тие случаи казните не биле толку сурови како во Англија.

Во втората половина на 19 век, државите постепено се поделиле на неколку блока во однос на ова прашање. Во Шкотска и Данска, исто како и во Англија, хомосексуализмот се казнувал со смртна казна која дури подоцна била заменета со долготраен затвор.

Во франкофоните јужни и источни земји законите за хомосексуализмот преставувале варијации на францускиот кодекс. Во Италија се казнувале само „нарушувањата на општествениот углед“ и хомосексуалната проституција. Последното било казниво и во Грција. А во многу други земји законите се разликувале главно по тоа од која возраст се дозволувал истополовиот секс под обострана согласност: во Шпанија, Португалија и Кина - од 12 години, во Турција - од 13.

Третата група ја составувале САД, Швајцарија, Австрија, германските и скандинавските држави, каде што на приврзаниците на истополовата љубов биле казнувани со казни затвор од неколку месеци до десетина години.

А во четвртата група спаѓале земјите во кои „противприродната“ љубов едноставно не се споменувала - Романија и Србија.

Русија се движела по сопствен пат. До ерата на императорот Петар I, борбата против хомосексуализмот се сметала за посебно црковна работа. Дури во петровските војни регименти се појавуваат статии кои за зоофилија и хомосексуализам предлагаат жестоки телесни казни. Иако со ограничена примена, понатамошниот развој на овие петровски закони не се случил повеќе од стотина години, а виновниците во хомосексуалните скандали, кои во руската престолнина постојано се случувале, ги прогонувале од Петербург, лишувајќи ги (или не - во зависност од тежината на престапот) од титулите. Ваквата толерантност се објаснува едноставно. Обично хомосексуалци биле лица кои им биле надредени на други кои зависеле од нив во службата или лица со сопствени закрепостени селани на кои воопшто не им било до морализирање. А во машките прегратки се наоѓале многу важни функционери (на пример, министерот за народно просветување, грофот Сергеј Уваров) кои никој не само што не се осмелувал да ги казни, туку и да ги покаже со прст поради нивните високи положби и влијанието во царскиот двор.

Во 1832 г. императорот Николај I вовел казна камшикување за хомосексуалците, по која осудениот се лишувал од сите права на положбата и се испраќал во прогонство. Доколку делото било сторено со употреба на насилство, прогонството се заменувало со робија.

Кон крајот на 19 век, во обете престолнини на Русија (Санкт Петербург и Москва) постоеле места познати на сите во кои хомосексуалците можеле да си најдат партнер. Во Петербург тоа бил Пасаж, каде гимназистите и студентите барале партнери. Во Москва главно место за средби на хомосексуалците било Бульварное кольцо (дел од центарот на Москва составен од десетина булевари кои се спојуваат во полукруг) каде што шетајќи, луѓето си наоѓале партнер.

По Октомвриската револуција, казните за хомосексуализам, зоофилија и инцест биле укинати заедно со царското криминално законодавство. Претседателот на народниот комитет за просвета, Анатолиј Луначарски, тоа го објаснувал со зборовите дека слободата треба да постои за сите и за сè, вклучувајќи го и изборот на партнер во љубовта.

Оние комунисти кои не биле хомосексуалци, сепак биле апсени и обвинувани за такво нешто во 20-тите години, кога се спроведувале чистки во општеството по граѓанската војна.

Но, без оглед на одделни случаи, некое посебно непријателство кон хомосексуалците во тој период не постоело. Дури и извесни научници биле заинтересирани да ја проучуваат таа појава, обидувајќи се да ја објаснат  нетрадиционалната ориентација. Истражувањата главно ги вршеле психијатри и биолози. Сето тоа се изменило на почетокот на 30-тите години, кога се разгореле внатрепартиските борби со опозиционерите. Како што се покажало, комунистите-хомосексуалци не само што и’ се предавале на истополовата љубов туку и критички се осврнувале кон сопствената партија, а бидејќи доста активно привлекувале млади луѓе во своите кругови, и како сексуално така и идејно ги „преобратувале“, односно, „расипувале“, раководството решило да започне борба со нив. Првиот обид се случил декември 1933 г., но потоа прашањето било одложено. Во вториот обид, март 1934 г., репресивните мерки кон хомосексуалците биле утврдени, а исто така биле воведени и казните, кои и претходно постоеле, но не се применувале.

Извор: Комерсант.ру

ОкоБоли главаВицФото