Правно регулирање на истополовите бракови

18.02.2011 14:48
gay_marriage.jpg

На оваа куса мисловна вежба за истополовите бракови ме поттикна дефиницијата на бракот која се наоѓа во четвртата верзија на „Социологијата“ од Ентони Гиденс, која гласи: „Бракот може да се дефинира како општествено признаена и дозволена врска меѓу две возрасни личности од спротивен пол“. Во многу нешта оваа дефиниција не ја одразува стварноста и евидентна е потребата за ревидирање; но, мене особено ме интересира последниот дел кој се однесува на одредницата личности од спротивен пол.

Денес ни се познати правно регулираните истополови бракови, што беше последната пречка која го спречуваше ревидирањето на наведената дефиниција. Како што е познато, не е голем бројот на државите во кои се признаени овие права, а тоа е и причината за настанувањето на оваа вежба – да се пронајде причината/причините за спречувањето на правното регулирање на оваа појава.

Нема да ги разгледувам традиционалните причини зашто иако се присутни и особено силни и општо прифатени, сепак не се научно релевантни, а ќе се обидам овие размислувања да ги изведам од социолошка гледна точка.

Противприродноста се зема како прва причина која ја дисквалификува секоја расправа за ова прашање. Пред сè, од научна гледна точка, тоа и не е толку противприродна појава зашто се забележани низа животински видови кои стапуваат во хомосексуални односи. Од социолошка гледна точка, дури и тоа да е противприродно, тоа не значи дека по автоматизам мора да биде и забрането. Човекот за разлика од животните живее не само во природата, туку и во културата, а културата и културните достигнувања можат да бидат противприродни. На пример: немам слушното масовни барања за уништување на патиштата и забрана за производство на чевли, а познато е дека анатомијата на човековата нога е така обликувана да се движи боса по нерамен природен терен. Толку за противприродноста.

Понатаму, во поголемиот број расправи се споменува грижата за децата кои би биле негувани во истополовите бракови, т.е. нивното психофизичко здравје. Не можам да најдам ни една причина заради која децата во истополовите бракови би биле оштетени, ако кон нив членовите на заедницата се однесуваат според правната регулатива која важи и за децата кои ги одгледуваат хетеросексуалците, т.е. за децата воопшто. Сè додека не се наметнува сексуалната ориентација и додека ги ужива сите слободи кои му се загарантирани како на дете, не гледам причина за каква било опасност.

Кога зборува за хетеросексуалните бракови и врз нив заснованите семејства, Гиденс вели: „Куќата или домот, всушност, во модерното општество е опасно место. Во статистичка смисла, личноста од која било возраст или кој било пол е изложена на многу поголема можност за физички напад во куќата отколку ноќе на улица. Едно на секои четири убиства во Британија ги извршува еден член на семејството против друг член на семејството“. Ова ни укажува дека предрасуда е да се смета дека семејството што го познаваме и најчесто го среќаваме е сигурно и здраво опкружување. Статистичките податоци поврзани со сексуалната злоупотреба на децата исто така се шокантни, иако не изгледа така, зашто таквото однесување е заштитено со силни табуа. Во САД и во Велика Британија, според истражувањата во осумдесеттите години на минатиот век, околу триесет проценти од жените во детството биле жртви на сексуални злоупотреби, и околу десет проценти од мажите (Гиденс).

Репродуктивната функција на семејството во истополовите бракови не е исполнета, но оваа функција денес не ја исполнуваат ни хетеросексуалните партнери кои ќе се одлучат за брак без потомство, како и паровите кои не можат да го имаат. Децата можат да се посвојат како што тоа го прават и партнерите од различен пол и во тој случај сродството не е крвно, туку е правно признаено/регулирано.

Не располагам со статистички податоци, но не можам а да не прашам дали процентуално повеќе социјално девијантни личности биле одгледани во истополови бракови или криминалци или духовно пореметени... Ова останува отворено прашање зашто феноменот на истополовите бракови е мошне редок за да можеме да вршиме научно релевантни воопштувања, а не сакам да се занимавам со гатање.

На крајот, причината која зборува во корист на легализацијата на истополовите бракови е правната регулатива која, таму каде што истополовите бракови се легализирани, решава и некои други правни прашања кои и така се мошне комплицирани. На пример, сопственичкиот однос во рамки на бракот. Таму каде што правото не го познава овој облик на брачно здружување, по смртта на еден од партнерите во истополовата непризнаена брачна заедница, претпоставувам дека е невозможно да се утврдат односите во сопственичката структура на задоволувачки начин.

Да се вратиме на почетокот на оваа вежба. Гиденс, мошне сум сигурен, нема ништо против истополовите бракови, а дефинициите кои ни ги понуди во 2001 година во четвртото издание на својата „социологија“ е, претпоставувам, последица на фактот што првиот истополов брак е легализиран во април 2001 година во Холандија, веројатно кога книгата веќе била во печат. Но, не можам а да не се прашам што е по поплаузибилната дефиниција неколку години постара, попрецизно од третото издание на истата книга, која гласи: „Бракот може да се дефинира како дозволена сексуална врска меѓу двајца возрасни поединци“.

Извор: gayecho.com

Граѓанскиот брак е пред се

Граѓанскиот брак е пред се институција со којашто се регулираат материјалните права на оние коишто стапуваат во него. Бракот сам по себе не дава никакви гаранции за понатамошна среќа, деца, итн. Како таков, не би требало да врши разлика помеѓу половата припадност на оние коишто се решаваат да си ги регулираат односите на таков начин.
Црковниот брак па од друга страна е сосема друга приказна, и сметам дека од таму произлегуваат повеќето нерационални проблеми и дебати... но во самата суштина тој е прилично средновековен и примитивен и нема многу што да се дискутира околу него.
 

se soglasuvam so komentarot

se soglasuvam so komentarot pred mene

Gragjanski brak za homoseksualci = da
Religiozen brak za site e glupost

А дали се залагате и за

А дали се залагате и за полигамија и полиандрија?

ОкоБоли главаВицФото