Секоја вечер

12.02.2024 16:58

Секоја вечер во зафрлена кафеана
Неколку пејачки наизменично
Пееја за љубовта и смртта.

Зборовите едвај се распознаваа
Низ чадот, џагорот и храната
И тешкиот воздух.

Понекогаш некоја сакаше
Да објасни по секоја цена
Дека стварно станува збор за љубов и смрт
За вистинска судбина
Која изискува артикулиран стих
И остар мелодиски став
Неможен во тутканицава.

Понекогаш некоја губеше надеж
Дека во страшниот кикот
Воопшто нешто може да се разбере
И не им даваше значај на зборовите
Тие се редеа, кутрите зборови
Несреќно најдени, грдо нагласени
Загубени и клапнати
И случајни.

Во замелушeнaта кафеана
Сепак, по некој ќе се свестеше
И со ненадејна трезна смисла
Ќе ја сфатеше врската меѓу поимот и слогот

И нивниот расчекор
И ќе разбереше дека овде
Животот низ песна го носи
Оној пореметен тек
Она хмурно озарување
Поради кое и личи
На големо и матно сонце
Запрено од облаците

Превод: П. В.

Станислав Винавер (1891‒1955) ‒ српски поет, литературен критичар, преведувач, дипломат, новинар... Роден е во истакнато еврејско семејство. Таткото Аврам Јосиф Винавер бил доктор, а мајката Ружа пијанистка.

Винавер прв ги превел „Добриот војник Швејк“ на Хашек, „Гаргантуа и Пантагруел“ на Рабле, „Алиса во земјата на чудата“ на Керол, „Авантурите на Том Соер“ од Твен...

Последните десет години од животот ги поминал во Белград работејќи како професионален писател, сатиричар и преведувач од француски, англиски, руски, чешки, полски и германски јазик. Неговите специфични преводи, во кои тој отстапува од оригиналот заради пренесување на подлабокото значење и интерпретација на преведениот текст, понекогаш дури биле отфрлани од издавачите, иако денес остануваат ненадминати, речиси како посебни книжевни дела.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото