Од по виножитото

11.08.2011 13:03
Од по виножитото

Уметникот на светлината и научник кој се занимава со истражувањето на временските промени, данско-исландскиот уметник Олафур Елијасон, уште еднаш ја ангажираше природата која му стана соучесник во најновото дело – Your Rainbow Panorama. Станува збор за импресивна инсталација – застаклен кружен ходник обоен со спектарот на боите на виножитото, поставен на врвот на музејот ARoS во данскиот град Аархус. Проектот на Елијасон на натпреварот Sky Space во 2007 година ги победи идеите на студијата Dominique Perrault, Diller Scofidio +Renfro, како и на May Lin.

Концептот на натпреварот беше да се искористи потенцијалот на кровот на музејот како нов изложбен простор, чија конструкција во текот на градењето била засилен за да може да издржи дело со монументален обем. Бидејќи главниот концепт на музејот е заснован врз „Божествената комедија“ на Данте, при што секој кат претставува одреден сегмент од патувањето на Данте (во кој се вклучени делата на уметниците Бил Виола, Џејмс Тарел, Пипилоти Рист...) така кровот истовремено стана лиминален дел меѓу пеколот и небесниот рај.

Виножитото на Елијасон, односно ауреолата, како што некои критичари ја нарекоа, претставува контраст на самата појавност на музејот, но идеално го продолжува неговиот лабораториски пристап кон уметноста. Неговото дело е насочено кон промените во човековата перцепција како последица на интензивните промени во околината. Користејќи ја чистата боја како своја најосновна материја – во стаклениот ходник, Елијасон го мери нејзиното влијание врз секој посетител, во зависност од неговото движење, можно е секоја боја од спектарот да се доживее како вибрантна, статична, студена, топла... А таков е и погледот на градот Аархус, секогаш поинаков, неочекуван. Понекогаш монохроматски, ако посетителот реши да стои во едно место, или да зачекори над него и да го доживее во спектарот на боите.

Инсталацијата стана нов фокус на панорамата на Аархус, варирајќи во зависност од точката на гледање, но понуди и нова димензија за набљудување на градот од врвот на музејот. Токму така Елијасон настојуваше да ги поврзе градот и музејот со своите граѓани/посетители, нудејќи им нова реалност, нова можност за интерпретација. Конечно, проектот ги сумира основните теми на уметноста – како да се завладее со бојата, движењето, перцепцијата, користејќи ја совршената геометриска форма – кругот.

Фотографии: Geoff Myers; Студио Олафур Елијасон

ОкоБоли главаВицФото