Неверница

22.08.2011 10:57
Ајан Хирси Али

Со години наназад со друштвото силно се забавуваме гледајќи ги клиповите на Пет Кондел (Pat Condell) на Јутјуб. Тој е нешто како интернет трибун, со елементи на стенд ап комедија, политичка сатира и сериозна општествена критика.

Драматургијата и реализацијата изгледаат вака: замислете ги оние видео клипови кои ги снимаше Бин Ладен; значи, човекот стои пред (лоша) камера, ве гледа во „очи“ и го искажува својот проглас, само наместо „Убиј го неверникот и ќе одиш во рајот“ на Осама кај Кондел имаме едно чиченце без брада кој, со насмевка и сјаен британски акцент, праќа цинични пораки во кои ја исмева затапеноста и фанатизмот од сите бои, национализмот и сл. Но главниот фокус отсекогаш му е критика на религијата, што беше дополнителна причина да го засакам неговото one-man шоу.

Како што минуваше времето, неговите клипови почнаа да се менуваат. Стануваше погруб, поогорчен, што исто така ми беше интересно – орди лудаци му праќаа е-пошта со омраза, му велеа дека ќе гори во пеколот, му го навредуваа семејството триесет колена наназад и нанапред, и ги правеа сите оние нешта кои верските фанатици со интернет приклучок и вишок слободно време ги прават. Пет во својата лутина кон лицемерието, лагите, заплашувањето, омразата и насилството кои ги шират и со кои се служат најголемите вероисповести ги насочи кон нивниот денешен најагресивен претставник – исламот. Почна да раскажува за западњачкото попуштање пред насилството во име на „толеранцијата“, ѕверствата над жените кои се случуваат дури и во Британија, саудискиот капитал кој се вложува во Англија, а кој често е причина за попустливоста на британските власти кон верските екстремисти, и, што е најбитно, за лицемерното однесување на европската левица кон сите овие проблеми.

Проблемот на срамно кукавичкиот однос на левицата и либерално настроените интелектуалци кон исламските обичаи кои се во директна спротивност со тешко освоените човекови права и слободи, а сето тоа под изговорот за заштита на „верските слободи“, постепено станува еден од најакутните проблеми на современа Европа, и Кондел тоа многу добро го артикулирал. Драстичните примери за тој кукавичлак се видливи сè почесто – веќе легендарно млаката реакција на заканите на новинарите на Jyllands-Posten по објавувањето на карикатурите со пророкот Мухамед, давањето легитимитет на идиотскиот поим „исламофобија“ или недостатокот на гласна поддршка на дисидентката Ајан Хирси Али.

Your browser is not able to display this multimedia content.

Да потсетиме, Хирси Али е родена во Сомалија, каде што во детството доживеала обрежување (касапење и зашивање на женскиот полов орган со цел зачувување на „девственоста“), потоа живеела во Саудиска Арабија и Кенија, каде што е индоктринирана со радикална варијанта на исламот и каде што верскиот учител ѝ го пукнал черепот од ќотек кој едвај го преживеала, додека не побегнала од договорениот брак во Холандија, каде што го продолжила образованието, па дури и станала пратеник во собранието. Како огнен заговорник на човековите права и атеистка, Хирси Али учествувала во снимањето на филмот „Потчинување“ (Submission), кој раскажува за теророт над жените во исламските општества. Режисерот Тео ван Гог набрзо по прикажувањето на филмот на монструозен начин во Амстердам беше убиен од страна на Мохамед Бојери, член на исламистичката група Хофстад – беше застрелан, прободен со еден нож во вратот, а со друг Бојери за телото му закачи смртна закана кон Хирси Али.

Во интеврјуто за лондонскиот весник Evening Standard таа го спореди исламот со нов фашизам: „Како што нацизмот започна со Хитлеровата визија на светот, исламската визија на светот е калифат – општество со кое владее шеријатското право – во кое жените кои имаат секс пред бракот се каменувани до смрт, хомосексуалците се претепувани, а ’предавниците’ како мене се убивани без размислување. Државата устроена според шеријатските закони е инкомпатибилна со демократијата исто колку и нацистичката држава“. Според неа, не е точно тврдењето дека проблемот е во „мала група фанатици кои фрлаат дамка на исламот, додека повеќето муслимани се умерени. Насилството е длабоко вкоренето во оваа вера – се работи за деструктивен, нихилистички култ кон смртта, кој му дава легитимитет на убиството. Значи, не само радикалниот ислам туку и исламот како таков мора да биде победен, а штом еднаш биде победен, можеби ќе мутира во нешто мирољубиво. Тешко е денес да се разговара со нив за мирот, бидејќи не се заинтересирани за нешто такво“.

Предвидливо, левичарите веднаш ги нападнаа нејзините ставови како „радикални“ и ја прогласија за „марионета на десничарските расисти“, или во најдобар случај рекоа дека „нејзиниот екстремизам е подеднакво опасен како и исламскиот“. Мал број храбри луѓе (вклучувајќи ги Кристофер Хиченс, Ричард Докинс, Салман Ружди и уште неколкумина други) ја поддржаа, и ги отфрлија таквите обвинувања како кукавичко и бесмислено изедначување на жртвата со злосторникот. Посебно зашто е апсолутно јасно дека Хирси Али никогаш не зборувала од некоја десничарска популистичка позиција – значи, нејзе исламот не ѝ е проблематичен „зашто го загрозува христијанството и илјадалетната европска култура“, туку се работи за хуманистичка, атеистичка критика на еден тоталитарен светоглед и систем на вредности кој не дозволува критика и поинакво размислување, а во спротивно се заканува со насилство и убиство. Се разбира дека сево ова важи и за останатите религии, или барем оние најголемите, како сите верзии на христијанството и јудаизмот; но оваа жена одбрала да зборува за исламот, бидејќи најмногу знае за него, и го поминала патот од верничка до отпадничка.

Your browser is not able to display this multimedia content.

Ваквата реакција на „либералните интелектуаци“ не е ништо ново, поради што голем дел од нив не заслужуваат ниедна од овие две одредници. Уште Чеслав Милош пишуваше за француските левичари кои, од удобноста на своите салони, сè до доцните 1960-ти се колнеа во Сталин и го убедувале дека зад Железната завеса има вистински мал рај. Истата ситуација денес е видлива во лицемерниот однос кон исламот и концептот за верски слободи воопшто, кој станува крајно проблематичен кога тие „слободи“ почнуваат да се судираат со основните човекови права загарантирани со уставите и законите на тие европски земји. Или, како што Хирси Алчи убаво го кажа тоа: „На родителите и децата треба да им се даде правото да бираат – или верска настава во училиштата, или холандски устав. Бидејќи не може и едното и другото“.

Дополнителниот проблем е во тоа што целата ситуација сепак не е толку едноставна – имено, каде точно се повлекува границата? Секогаш мислев дека е легитимно сето она што не им штети на другите луѓе, но што ќе правиме ако тие други луѓе или систем на вредности ви штетат вам? Не можам да замислам дека некој при здрав мозок ќе рече дека на нацистите би требало да им се даде правото на глас и јавно делување во име на слободата на говорот, а ми се чини дека овде токму тоа се случува. Да не споменувам дека овие нови „нацисти“ без проблеми си дозволуваат да се жалат како „не ја почитуваш нивната култура и верување“, максимално злоупотребувајќи ја онаа реторика и оние вредности кои најмногу ги презираат. Ви се смејат в лице додека тоа го прават, и што е најлошо – тоа одлично им успева! Примери за тоа колку сакате – од српските националисти кои им се закануваат на луѓето со тужби до исламистите кои во европските судови поднесуваат буквално стотици тужби против луѓе како Ајан Хирси Али.

Меѓутоа, постои и другата страна на медалот. Да се навратиме на Пет Кондел, кој од оваа, неоспорно храбра позиција, почна и самиот да забегува во крајности. Во новите клипови раскажува како целиот мултикултурен модел е промашување, дека ЕУ е глупост, дека „сите нив треба...“ и сл. Е па сега, мислам дека токму овде се наоѓа границата – неопходно е бескомпромисно да се бориме против идеологиите на омраза и нетолеранција, но кога ќе почнете да ја гледате целата вселена од еден агол, и да ги ставате сите луѓе во фиктивни групи и да им лепите етикети, без уважување на идејата за милион можни индивидуални разлики во рамки на истите групи, сакале или не, станувате она против кое мислите дека цело време сте се бореле.

Извор: Peščanik.net

Слични содржини

Општество / Теорија
Општество / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото