Промоција на книга од Франко Касано

28.10.2011 17:24
Промоција на книга од Франко Касано

Издавачката куќа Темплум Ве поканува на промоцијата на книгата „Медитеранската мисла“ од Франко Касано. Промоцијата ќе се одржи во Клубот ГЕМ, на 31 октомври (понеделник) со почеток во 18 часот.

 

Воведната реч е на професорот Онофрио Романо (Бари), а промотор ќе биде проф. Ивица Џепароски. На промоцијата ќе присуствува и авторот.

„Медитеранската мисла“ ја содржи идејата дека Југот не треба само да учи од Северот, од таканаречените „развиени земји“, туку дека и другите можат да учат од него. Значи, неговата судбина не е да исчезне за да стане Север. Треба да се зачува гласот на Југот, критиката што му ја упатува на нашиот ограничен начин на живот, условен од централната позиција што Северот и Западот ја заземаат во светот. Сметам дека Југот треба да ја зачува способноста да имитира, но исто така треба да се избори да заземе критички став кон еден свет кој своите суштински параметри ги изградил врз опсесијата на профитот и на брзината. Ние мислиме дека земјите во светот се поделени на развиени земји и земји во развој и дека вториве треба да станат како првите, што е невозможно во општи рамки, затоа што секоја земја има своја историја преку која го толкува развојот и врз таа основа ги гради своите потреби и својот глас. Погрешно е да се зборува со гласот на другите. Треба да се зборува со сопствениот глас. Пред сè на Југот треба да му се вратат некои особини што му припаѓаат. Јас во основа и‘ давам голема важност на бавноста. Не е вистина дека светот станува посовршен со брзината. Постојат неколку димензии на искуството кои можат да се остварат само низ бавноста. Такви се љубовта и спознанието. Мислата дека сè може да се збие, да се направи да биде побрзо е илузија која раѓа патологии. Југот би можел да ни помогне да ги видиме патологиите што се раѓаат од еден модел во кој развојот и разумот излегле надвор од мерката, станале разуздани, без никаква можност да се владее со нив.

Франко Касано е роден 1943 година во Анкона, Италија. Од 1981 година е редовен професор по Социологија на културата на Факултетот за политички науки при Универзитетот во Бари. Автор е на делата: Автокритика на современата социологија (1971), Марксизмот и филозофијата (1973), Хегел и Вебер во коавторство со Р.Бодеи, (1997), Демохристијанска теорема (1979), Незаснована сигурност (1983), Апроксимации (1989), Двоен натпревар (1993), Медитеранска мисла (1996), Болката на Истокот (1997), Модернизацијата заморува (2001), Отаде ништото (2003), Homo civicus (2004), Медитеранска алтернатива во коавторство со Д.Ѕоло, (2007), Paeninsula (2008), Три начини да се промисли Југот (2009) и Понизност на злото (2011). Објавува есеи и статии во италијански и странски весници и списанија. Бил уредник на списанието за социолошки студии Rassegna italiana di sociologia, директор на Интердисциплинарниот центар за проучување на мирот при Универзитетот во Бари, како и претседател на Здружението за преродба на активното граѓанство Città plurale. Неговата Медитеранска мисла е досега преведена на француски (1998), шпански (2003) и јапонски јазик (2006), а наскоро излегува и на англиски (декември 2011).