Неуспех на капиталистичкото производство (2)

24.10.2012 10:19
Неуспех на капиталистичкото производство (2)

Вториот принцип на конвенционалното левичарско објаснување е дека неолибералните политики предизвикаа значајно закрепнување на профитната стапка. Но, она што јас го открив кога го мерев профитот како процент од реалниот износ на пари инвестирани во средства за производство, минус амортизација (дотраеност) – нивното историско чинење – е многу различен. Кога ние го сметаме за профит сиот приход создаден од корпорациите којшто нивните вработени лица не го добиваат, нето додадената вредност минус компензацијата, профитната стапка на корпорациите во САД продолжува да има надолен тренд солидно во текот на неолибералниот период. (Роналд Реган стана претседател во почетокот на 1981.) Ако ние го исклучиме делот од профитот кој е искористен да се платат даноци и камати, имаме неоданочен профит (или профит што му претходи на оданочувањето). Исто така овој профит не успеа да отскокне на одржлив начин во текот на неолибералниот период и во основа беше без тренд.

Мерењето на профитот наспроти реалниот износ на инвестирани пари беше критикувано врз основа на тоа дека профитната стапка тогаш е погодена од инфлација. Тоа е точно; вие можете да видите дека профитните стапки пораснаа во текот на 1970-те, период на економска слабост, поради засилената инфлација. Но, во текот на неолибералниот период, ова не менува многу. Првата профитна стапка овде е црвената линија. А црната линија е истата профитна стапка, но прилагодена така што е отстранет ефектот на инфлацијата. Надолниот тренд на инфлациски прилагодената стапка не е сосема стрмен (нагол), но нема сомнение дека таа има надолен тренд во текот на неолибералниот период.

Профитните стапки што ги покажав се за домашните корпорации; тие ги исклучуваат странските придружници на американските мултинационални корпорации. Но, профитната стапка на американските мултинационални корпорации – оданочениот профит добиен од нивните придружници како процент од странските директни инвестиции во овие придружници – исто така имаше забележливо надолен тренд меѓу 1983, првата година за којашто може да биде пресметана профитна стапка, и 2007. Според тоа, јасно е дека вкупната – домашна плус странска – профитна стапка на американските корпорации не успеа да искуси одржлив отскок во време на неолиберализмот.

Мислам дека овој следен однос е најважниот. Друг клучен принцип на конвенционалното левичарско објаснување е дека стапката на акумулација, или продуктивното инвестирање, опадна макар што профитната стапка порасна. Она што го предизвика падот на стапката на акумулација беше наводно финансијализацијата: одвратување на профитите од производство, кон финансиски намени. Но, реалната стапка на профит – стапката на принос од реално вложените пари – всушност имаше надолен тренд, како што ние видовме, ако го дефинираме профитот широко, и падот на профитната стапка одговара на вкупниот пад на стапката на акумулација на средства на производство од страна на американските корпорации. Од 1970, постоеше многу тесна врска меѓу профитната стапка и стапката на акумулација – R2 вредност е 0.83 – и, она што е важно, движењата на профитната стапка генерално претходеа на движењата на стапката на акумулација, што покажува дека падот на профитната стапка предизвика пад на стапката на акумулација, а не обратно.

Според тоа, зошто некои автори тврдат дека профитот бил пренасочен од производството за време на неолиберализмот, и го користат овој недокажан факт во обид да го објаснат падот на стапката на акумулација? Тие истакнуваат дека делот на профитот што е акумулиран, инвестиран во производство, опадна од 1980-те.

Ова е технички точно, но наведува на крајно погрешно мислење. Во почетокот на 1980-те, имаше остар пад на профитабилноста, но инвестирањето не опадна најпрво. Треба време за да се појават промените во инвестирањето; како што видовме, тие заостануваат зад промените во профитната стапка. Според тоа, во почетокот на 1980-те, делот на профитот што беше инвестиран во производство беше ненормално и неодржливо висок. Тоа беше повеќе од 100% од оданочениот профит. Американските корпорации инвестираа повеќе профит отколку што имаа! Ова не можеше да трае долго време, па инвестирањето потоа опадна како дел од профитот. Но, кога инвестирањето опадна, тоа се врати на нормални нивоа – нивоа слични на оние што постоеја пред појавата на неолиберализмот и финансијализацијата – барем во текот на 2001. Неолиберализмот и финансијализацијата не предизвикаа инвестирањето да падне на субнормални нивоа.

Делот од профитот што беше инвестиран во производство беше всушност поголем во текот на првите дваесет и една година на неолиберализам, од 1981 до 2001 – темните брани – отколку во периодот меѓу 1947 и 1980 – светлосивите брани. Ова е случајот за сите четири различни дефиниции на профит опишани овде. Инвестицискиот дел на профитот потоа опаднал забележливо, почнувајќи во 2002, веројатно како одговор на настаните како што се многу остриот пад на профитната стапка, распрснувањето на интернетскиот меур, рецесијата од 2001, терористичките напади од 9/11, војните во Авганистан и Ирак, и временското заостанување помеѓу закрепнувањето на профитабилноста и закрепнувањето на стапката на акумулација. Во секој случај, речиси сиот пад на стапката на акумулација се случи пред 2002. Неолиберализмот и финансијализацијата, се разбира, не предизвикаа профитот да биде одвратен од продуктивното инвестирање пред 2002. Според тоа, падот на стапката на акумулација не беше предизвикан од неолиберализмот, финансијализацијата или непостоечкото одвраќање на профитот.

Причината зошто некои економисти тврдат дека профитната стапка отскокнала во време на неолиберализмот е што тие го користат изразот „стапка на профит“ за да се повикуваат на нешто што не е стапка на профит во која било нормална смисла. Она што речиси секој – бизнисмени, инвеститори, Маркс – подразбира под „стапка на профит“ е стапката на принос од инвестиција, профит како процент од износот на пари реално инвестирани во средства за производство. Тоа е она за што деловните луѓе се грижат, колку екстра тие добиваат назад споредено со она што всушност го инвестирале во минатото. Но, овие економисти го користат изразот „стапка на профит“ да се повикуваат на нешто многу различно, профит како процент од износот на пари што на бизнисмените би им требале во моментот за да ги заменат сите свои средства за производство.

Ова е тоа што тие го нарекуваат „стапка на профит“, користејќи ја широката дефиниција на профит. Таа отскокна до одреден степен. Но, тоа не е стапка на профит во која било реална смисла, па фактот дека таа пораснала не е релевантен. А фактот дека таа пораснала додека стапката на акумулација опаднала е силен доказ дека таа не функционира како стапка на профит; инвестициските одлуки на бизнисите не се засновани на неа. А всушност, оваа таканаречена „стапка на профит“ исто така престана да расте по 1984; таа закрепна од рецесијата од 1982-83 и потоа беше без тренд. Според тоа, приказната за неолиберализмот кој ја обновил профитната стапка на американските корпорации со помош на зголемена експлоатација е погрешна дури ако ние ја користиме оваа таканаречена „стапка на профит“.

Последниот принцип на конвенционалното левичарско објаснување е претпоставената стагнација на работничката плата и опаѓањето на нејзиниот удел во приходот. Но, овој график, којшто е заснован целосно на статистиката на владата на САД – јас не ги „прилагодувам“ бројките на ниеден начин – покажува дека профитот опадна скромно како дел од аутпутот на американските корпорации помеѓу 1947 и 1970, а оттогаш тој бил без тренд. Ова подразбира дека делот на аутпутот, или приходот, што вработените лица во корпорациите го добиваат исто така бил без тренд од 1970.


(Продолжува)

Кон првиот дел