Неуспех на капиталистичкото производство (3)

27.10.2012 10:11
Неуспех на капиталистичкото производство (3)

Во 2008, Џон Белами Фостер и Фред Мегдоф објавија статија во Monthly Review којашто покажа дека платите опаднаа од 53% од бруто домашниот производ во 1970 до околу 46% во 2007. Тоа е најниската линија на графикот. Постои сличен пад на платите како процент од националниот доход. Овде повторно, ние имаме статистики кои се технички точни, но кои крајно наведуваат на погрешно мислење. Платите се само дел, отсекогаш помал дел, од вкупната компензација на вработените лица. Освен тоа, тие добиваат неплатежна компензација – здравствени и пензиски надоместоци кои многу од нив ги добиваат од своите работодавачи, и даноците кои сите работодавачи ги плаќаат во име на работниците. Овие даноци ги финансираат владините здравствени и пензиски надоместоци кои работниците ги добиваат кога тие се пензионираат. Откога американското население остарува и живее подолго после пензионирање, и откога здравствените трошоци растат посебно бргу, овие дополнителни компоненти на вкупната компензација се зголемија побргу од работничките плати.

Кога ние ја разгледуваме вкупната компензација, платите плус неплатежната компензација, гледаме дека уделот на работниците во националниот доход бил повисок во 2007 отколку во 1960, и опаднал само незначително по 1970. Но, освен тоа, владата им плаќа на работниците многу „социјални надоместоци“: осигурување во случај на невработеност, социјална грижа и надоместоци за ветерани, здравствени и пензиски надоместоци, итн. Нето социјалните надоместоци – надоместоци минус даночните придонеси кои делумно се плаќаат за нив – се зголемиле многу побргу отколку работничките плати. Според тоа, вкупниот доход на работните луѓе, вкупна компензација плус нето социјални надоместоци, беше неизменет како дел од националниот доход помеѓу 1970 и 2007, и беше многу повисок отколку во 1960.

Сега, можно е, во основа, дека уделот на редовните работници можеше да опадне драстично, но дека делот од приходот што вработените го добиваат останал постојан бидејќи вработените менаџери уживале огромни зголемувања на платите.

Меѓутоа, доказите кои се на располагање сугерираат дека ова не се случи. Помеѓу 1985 и 2007, компензацијата од час за сите работници во приватниот сектор, прилагодена на инфлација, порасна до 24%. Луѓето со „менаџерски, деловни и финансиски“ професии уживале пораст од 29%. Според тоа, имаше одредено зголемување на нееднаквоста, но тоа не беше огромно зголемување. Јас пресметав дека уделот на редовните работници во корпорацискиот приход веројатно опаднал за околу една половина процентуална точка поради тоа зголемување на нееднаквоста.

Не мислам да претполагам дека американските работници живеат добро. Напротив. Но, причината поради која тие не живеат добро не мора да има врска со претпоставеното, но непостоечко опаѓање, на уделот во националниот доход што тие го добиваат. Тоа има врска со релативната стагнација на стопанството. Падот на растот на компензацијата за вработените од корпорациите беше скоро точно истиот како падот на растот на корпорацискиот аутпут.

Според тоа, борбите за „поделба на богатството“ се соочуваат со строги граници. Немало богатство за делење, а најпоследната криза се разбира го влоши овој проблем. Ова не значи дека борбите да се заштити и наголеми стандардот на живеење на работниците се залудни. Мислам дека тие можат да имаат успешен исход. Но, ние мораме да разбереме дека добивките освоени во овие борби се концесии, а не решенија за економската криза. Тие нема да го постават капиталистичкиот систем на нов експанзионистички пат. Напротив, тие ќе ја снижат профитабилноста уште повеќе, правејќи го системот помалку стабилен и склон кон сериозни кризи и рецесии. Тие не можат да ја одбегнат оваа дилема – постои спротивставеност помеѓу она што е добро за капиталистичката економија и она што е добро за големото мнозинство – сè додека ние остануваме во границите на овој систем.

На крајот, јас сакам да зборувам кратко околу изгледите за иднината. Една веројатност е дека она што ќе се случи е целосно уништување на вредноста на капиталот, како тоа што се случи во текот на Големата депресија. Навистина, нема политичари во било која држава кои го сакаат ова, но тоа сепак би можело да се случи. Нивниот капацитет да ја менаџираат кризата има граници. Ако се случи вистинска катастрофа, таа би можела да доведе, на крајот, до нов економски процут, како тој што следеше по Големата депресија и Втората светска војна. Но, наместо тоа, целосното уништување на вредноста на капиталот би можело да доведе до целосен слом пред да се случи нов економски процут. Или револуција пред да се случи новиот економски процут.

Она што ми изгледа веројатно, и она што политичарите го претпочитаат, е повеќе одложување на проблемот маскирајќи го лошиот долг со повеќе долг. Тие го правеа ова со децении, а размерот на којшто тие го правеа ова во текот на последните неколку години е извонреден. Тоа спречува реална длабока депресија, но не ги решава темелните проблеми, како што неодамнешната криза го појасни тоа. Според тоа, ако тие продолжат да го одбегнуваат проблемот, веројатно е дека ние ќе имаме продолжена стопанска тромавост и кризи кои се повторуваат. А оваа стратегија има граници. Како што должничките бремиња се натрупуваат, способноста на американската и другите влади, како германската, да ја обноват довербата на финансиската заедница опаѓа. Целосен слом на американскиот финансиски систем беше спречен во 2008 година бидејќи владата на САД беше способна да ја обнови довербата. Но, способноста на владите да ја обновуваат довербата зависи од довербата на финансиската заедница во овие влади – доверба дека тие ќе бидат способни да ги исплатат своите долгови и просперираат од должничките жиранти. Но, колку што повеќе владиниот долг и должничките жиранти се натрупуваат, толку повеќе довербата на финансиската заедница дека ова ќе се случи опаѓа.

На крајот, тука е социјализмот, како алтернатива на целиот економски хаос. Мислам дека кризата повторно даде вистинска историска можност, а тоа е она за што ние треба да зборуваме како единствен вистински излез од хаосот освен длабока депресија или долг период на економска тромавост, единствениот излез којшто е добар за големото мнозинство на луѓе во светот.

(Крај)

Кон првиот дел

Кон вториот дел

Извор: http://akliman.squarespace.com

Превод: Томислав Захов