Непредупреден малолетник скинат од промаја

30.12.2012 08:12
Непредупреден малолетник скинат од промаја

Скопје, 30 декември 2012 

Синоќа околу полноќ, 17-годишниот В.И. бил примен во Ургентниот центар во Скопје каде што се пожалил на настинка и болки во грбот и рамениците, предизвикани од провевот во неговата соба.

Во текот на целиот ден В.И. се наоѓал дома со неговата баба, 84-годишната С.М., која не го предупредила дека е опасно да се седи покрај отворен прозорец и не ја изговорила славната реченица „сине, ќе те скине промаја“.

„Внукот седел во собата и пушел цигари додека играл видео игри. Самиот го отворил прозорецот, но бабата не направила ништо за да го спречи проветрувањето на собата, иако неколку пати влегла да го повика да јаде. Против неа ќе биде поднесена кривична пријава за предизвикување општа опасност“, изјави портпаролот на МВР, Аргат Аберџиевски.

Според најновите истражувања на институтот Тулум Биврнат, во Македонија во 2012 двојно е зголемен бројот на случаи на малолетници скинати од промаја во однос на минатата година, што се должи на постепеното изумирање на традиоционалните вредности.

Екипата на Пара вести телефонски ја контактираше 84-годишната С.М. која не беше премногу расположена за разговор и сосема кратко изјави: „Заеби традиција. Punk's not dead“.