Скопска боемија

29.04.2013 11:19
Скопска боемија

Боеми, според францускот збор bohèmes означува еден тип (вид) луѓе (обично писатели, уметници, новинари итн.) кои живеат на посебен начин, по некои свои недефинирани правила несообразни со прифатените општествени конвенции. Нивната главна крепост или омилено упориште е кафеаната. Но, ако алкохолот е еден од најстарите човекови пронајдоци, тогаш и кафеаната можеме да ја сметаме за една од најстарите цивилизациски институции. Таму човекот влегува не само да се напие, туку или за да избега од нешто што не му се допаѓа или за да се дружи со некого, со кого може (додека може) да размени некои мислења. Згора на тоа, алкохолот ги урива сите бариери меѓу луѓето. Особено нивната отуѓеност. Некој рекол дека само желбата за алкохол нè разликува од животните. Или: да се умее да се пие, значи да се умее да се живее и со будалите. Оттаму боемите се духовити, главно со своите непредвидливи постапки.

Боемите секогаш пијат за да ја прошират својата слобода и својот суверенитет. Тие имаат неограничена територија на избор за своето непроменливо седиште. Така си ја прошируваат својата позиција на среќни луѓе, така ја заобиколуваат туѓата несреќа. Тие никогаш не прават разлика дали си тука или - не.

Боеми, како што спомнавме, обично се писатели, музичари, новинари, уметници, па дури и лекари. Познавам еден врвен психијатар, кој на некогашната Телевизија Скопје имаше серија предавања за алкохолот и за неговите штетни последици во психата на човекот. А сето тоа го елаборираше многу компетентно: со многу повеќе промили во себе отколку во сето свое едукативно излагање.

Меѓу боемите, за свое угледно место, многу често се изборуваат и чевлари, шивачи, столари, и особено молери. Зошто посебно ги нагласувам молерите? Па, затоа што единствено тие не се срамат да го нагласат „својот тежок уметнички живот“. Верувам дека има уште скопјани кои се сеќаваат на Панче молерот, најголемиот боем со седиште во ресторанот „Победа“. „Победа“ беше недалеку од старата железничка станица каде секогаш имаше повеќе амали отколку патници. Панче ќе тркнеше кај нив и ќе ги праша дали се слободни. А, амалите, мислејќи дека им нуди работа, во еден глас ќе викнеа: - Слободни сме, другар Панче. Па за тоа и се боревме, ќе им одговореше Панче и труимфално, повторно ќе се вратеше во „Победа“.

Иако сè се гледа, тешко е да се влезе во темниот вилает на една уметничка душа и да се запише неговата боемска биографија. Дури ни како апокрифна литература. А тешко е зашто таму сите центри се заменети и никогаш не можеш да дознаеш кога реалноста е само привидение, а јавето само компилација на сонот. А можеби сето тоа се должи на претпоставката дека сите боеми спијат кратко и многу набрзина.

Како и да е, едно е сигурно: сите боеми пијат. Пиењето за нив е нешто како обред, причесна, ритуал. Независно дали пијат од среќа или дека ги напуштила среќата. Или, не дај Боже, жената.

Некои пијат за да ја одржат својата кондиција, други пијат за да го запрат времето или да воскреснат некое ново, само нивно време. Некои пијат и зборуваат, други пијат за да зборуваат, оти само тогаш можат нешто да ти кажат. Некои пијат на екс, некои од ексик. Значи, некои пијат за да ги стасаат другите, а други, пак, со задршка и на долги патеки. Најбезгрижно пијат ексклузивните боеми што ги субвенционира државата.

Ако седнете до некој вистински боем, тој веднаш ќе ве праша:

-Ќе се напиеш нешто?
-Не фала, му велиш ти.
-Ај, прашај ме сега ти мене, вели тој.

Според тоа, има професионални боеми, но поголем е бројот на таканаречените аматери или маргиналци. Познавам маргиналци кои само еднаш влегле во таа најстара „цивилизациска институција“ и тоа го запаметиле како своја највозбудлива авантура која никогаш не можат докрај да ја раскажат. Особено ако делеле иста маса со некој афирмиран боем. Од тој ден тие веќе ја губат својата идентификација. Од тој ден тие се веќе клонирани боеми. Но само во својата вообразба.

Ако е за право, има и боеми, на кои, многупати, не им се отвора падобранот за да можат да се приземјат без потешки последици; има боеми на кои им треба и материјална и физичка поддршка за да ја одржат својата изворна слика во вертикална позиција.

Боемите, вистинските боеми, не сакаат ништо да одложат. Оттаму, си мислам дека се нивни сите оние многу познати сентенци: само еднаш се живее, арен маж на зборот не си стои, јас пијам, ти се пијаниш, тој што вечера ракија, вода поручува, кој пие вересија двапати се опива итн. Да не терам уште подалеку.

Слики: Ендру Џад

Слични содржини

Книжевност
Скопје 1963-2013 / Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото