Кога Грујо гледа сеништа - подгответе се за избори!

22.07.2013 08:16
Кога Грујо гледа сеништа - подгответе се за избори!

Изјавата на Груевски од минатата недела гласеше дека ДПМНЕ не биле за предвремени избори, но, доколку имало промени во состојбите, ќе биле приморани да ги организираат?!

Види чудо, промените си се случуваат, но, ве молам тоа „промени“ да го земете со голема резерва! Ништо во режимот на Груевски не се менува, само се создава привид дека нешто ново се случува. Таква промена-привид е караницата со ДУИ или нивното несогласување кое трае веќе со години. Промена-привид е мачкањето очи со писма до Самарас и глумењето иницијативност во однос на спорот. Истото важи и за најактуелната промена во состојбите, закочувањето на Комисијата за настаните од „црниот понеделник“, смешните изјави на претседателот на таа комисија во оставка. Ако според Борче Давитковски одговорноста за блокирањето е би-партизан, тогаш, според Груевски виновно е едно - сениште од минатото!

Значи, сè е повторно исто. Ист како и во 2008 година е и нападот на ЕУ. Тогаш Груевски ја обвини Европа дека се однесува спрема Македонија исто како спрема Чехословачка во 1938 година, оставена на милост и немилост на Хитлер по Минхенскиот договор. Само привидот денес е уште посилен! Посилен е привидот дека ЕУ и Грција се виновни за евроинтеграциите, дека имаме план Б за економски развој со Кина, Индија и со Русија, привидот дека власта не преговара за името, а во исто време има генијални иницијативи кои соседот само ги одбива и ги одбива.

И, нормално, кога сме пред избори, ист е привидот кој премиерот го добива со цел да го пере мозок на народот: Груевски гледа сениште, истото сениште кое со години е виновно за сите неуспеси и несреќи на Македонија, дежурниот виновник, Бранко Црвенковски!

Ете, од 2008 година наваму, по цели пет години уназадувања, мизерија, јад и чемер, Груевски повторно сака да ни ја продаде старата приказна дека ние, всушност, одлучуваме за некаква голема и нова промена. Клишето го знаете, Македонија, реформска наспроти транзициска, самостојна и горда наместо со свиткан ‘рбет, нови луѓе наспроти сеништата од минатото, дела на местото на криминал и корупција, итн, итн... Можеби ќе бидеме малку гладни и мизерни, изолирани и задолжени до гуша, но, ќе бидеме свои на своето, идентитетски спасени и горди на македонштината!

Во меѓувреме, нема да изостанат апсењата на новинари, нивни мистериозни загинувања, судењата на политичките противници и затвореници, лустрацијата на интелектуалата, со еден збор: сите тие режимски занимации за вниманието да не се сврти кон сиромаштијата или кон владините неуспеси.

Избори, значи, ќе има. Не само што ќе ги има, туку мислам дека ќе се случат најдоцна во ноември. Повторно предвремени. А како поинаку? Груевски, освен во 2006 година, и тоа благодарение на тетеравењето на Бучковски, нема победено на други регуларни парламентарни избори. А, да не зборувам за демократски избори, односно, за фактот дека од 2006 година не беа организирани ниту едни фер, а ниту демократски избори.

Така, тоа е нашата дисторзија да се гласа на секои две години. Таа дисторзија е смешка, наспроти сите други дисторзии што Груевски и ги направи на некогашната македонска демократија. Тоа е режим, драги луѓе, постојан привид на промени кон нешто подобро, а постојано влошување на сè во државава!

Слика: Свирачиња