Жените сакаат практично сè

25.07.2013 09:34
Жените сакаат практично сè

...И ни требаше книга да ни го каже ова?

Можеби и го пропуштивте повикот со кој кон средината на 1990-те жените ширум светот беа охрабрени смело да изјават што навистина сакаат. Но, што навистина, навистина сакаат. (Мора да се каже дека Spice Girls никогаш официјално не го дефинираа терминот „ziggazig-ahh“, иако некои од изворите веруваат дека неговото значење всушност е „уживање со самата себеси“.

Но за среќа на жените, а и на мажите кои сакаат да ги задоволат своите партнерки или пак подобро да ги разберат, новинарот Даниел Бергнер го има одговорот.

Или барем му се приближува. И откако ќе ги прочитате сите 197 страници од последната книга на Бергнер „Што сакаат жените?“, сепак сте соочени со впечатокот дека не постои одговор на прашањето за тоа што ги возбудува жените. Но во една работа сме сигурни: повеќето од нас (сè уште) не се осмелуваат да се впуштат во истражување на оваа огромна територија. И во првото поглавје, Бергнер наведува дел од историските, политичките, културните, па дури и психолошките причини за ваквата воздржаност.

Неподготвеноста да се размислува за женските сексуални нагони на нивото кое е резервирано за машките потекнува од моментот на „просветлувачкото откритие“ во ерата на просветителството кога сите дознавме дека оргазмот на жените не е значаен за актот на зачнувањето. (Сепак, некои научници сметаат дека оргазмичните цервикални контракции го поттикнуваат движењето на сперматозоидите кон целта, односно кон матката). „Никогаш откриената тајна за женското либидо привлекувала сè помало внимание“, пишува Бергнер. „Веќе немала никакво значење“.

Протестантските етички правила за сексот и бракот, социјалните норми од викторијанската епоха, индустриската револуција која ја преферира продуктивноста во однос на промискуитетот, ставот на Фројд дека сублимацијата бара канализирање на сексуалниот нагон во подостојни активности, како и претпоставката од почетокот на XX век според која женските сексуални нагони се навистина инфериорни во однос на оние на мажите – сето ова довело кон потиснување на женската желба.

Па дури и феминизмот си ја одиграл својата улога во потиснувањето на сексуалните нагони на жените. (На пример: ставовите на Ема Вилард и Елиза Фарнхам дека жените треба да останат чисти како начин за нивно разликување од мажите.)

А потоа да се префрлиме на денешното традиционално сценарио за секс: мажите се иницијаторите, жените се „чувари на портите“, кои понекогаш се согласуваат да ги задоволат нивните желби. И измамата која е промовирана од страна на сите претставници на еволутивната психологија: бидејќи жените поседуваат ограничен број јајце-клетки, тие се програмирани да бидат многу помалку заинтересирани за сексот во однос на мажите.

„Погрешно!“ – вели науката. Според студиите на Мередит Чиверс, Марта Мена, Ким Вален и Џим Фаус (дел од многуте извори на Бергнер), ако на жените им е дозволено да ги искажат нивните вистински желби, тие се исто толку сексуални колку и нивните партнери од спротивниот пол.

А и за читателите кои повеќе сакаат анегдотски илустарции, Бергнер нуди завидно мноштво. Едно посебно интересно поглавје насловено „Патеката“, отворено и без никакви затскривања ги претставува сексуалните фантазии на повеќе од триесет хомосексуални, хетеросексуални и бисексуални жени. (Верувам дека кажаното говори доволно самото за себе.)

Преку забавните илустрации од мајмуните макаки-резус и „стратегиите за заведување“ на лабораторските глувчиња, Бергнер ја доловува својата главна порака: можеби често погрешната родова поделба на сексуалниот нагон е исто толку голем мит колку и привлечната приказна за вагиналниот оргазам. (Кој Бергнер го анализира при крајот на книгата). Всушност, она што го дознаваме од животинското царство е дека и жените можат да бидат оние кои ќе го разбудат сексуалниот нагон. И тоа не само кај еден, туку и кај повеќе машки партнери.

Но, „Што сакаат жените?“ не укажува само дека жените би можеле да се однесуваат како глодачи, мајмуни, па и како мажите, само кога не би биле изложени на (сè уште) силниот притисок да бидат женствени. (Па што и да значи тоа во дешениот речник.) Додадете ги кон ова несаканите дејства на (некои од) контрацептивните апчиња, (некои) антидепресиви, па и на (некои) крајно моногамни врски кои го „убиваат“ либидото, и можеме слободно да се вратиме во тишината на сексуалноста на „поседувачите на вагините“ од она што наводно го нарекуваме „просветителска“ ера.

Бергнер пишува на елоквентен, суптилен, но крајно возбудлив начин, навлегувајќи во суштината на нештата кои ги истражува. Само обидете се да ја оставите неговата книга. Уште повеќе, се работи за навистина информативна книга. Која можеби ќе ги поттикне сексуално незаинтересираните омажени жени да побараат нешто повеќе од нивните сопрузи.

Или од нивните психијатри. Покрај тоа што го објаснува начинот на кој сексуалниот нагон кај жените се чини дека многу повеќе се намалува во рамки на моногамните односи во споредба со оној на мажите, Бергнер зборува и за ризичната потрага на фармацевтската индустрија по женската верзија на вијагра.

Но можеби главната поента на книгата е најдобро прикажана преку зборовите на Ким Вален, невроендокринолог и истражувач на животинската сексуалност, кој во поглавјето насловено „Мајмуни и глувци“ му објаснува на Бергнер: „Кога сте сведок на сексуалната интеракција, лесно е да се забележи што прави мажјакот, тој „се пробива“. Но треба навистина да се фокусирате на целиот однос за да го видите сето она кое женката го прави – а кога еднаш ќе го видите тоа, веќе никогаш нема да можете да го игнорирате.“

Може јас да добијам малку „ziggazig-ahh“?

Извор: psychologytomorrowmagazine.com
Слики: Боби Зеик

ОкоБоли главаВицФото