Макартиевско шоу

16.12.2013 11:57
Макартиевско шоу

Причината поради кој Владимир Милчин и јас бевме повикани од страна на ВМРО-ДПМНЕ на надзорната расправа во парламентот е провидна. Груевци се обидуваат својата огромна, историска вина за затворањето политичари и новинари и за загрозувањето на слободата на изразувањето, да ја отфрли со замена на тези.

Имено, идејата е да се докаже дека во Македонија, всушност, не станува збор за недемократски режим, туку имаме поларизација и борба на мислења меѓу две рамноправни групи новинари, интелектуалци и истакнати јавни личности, при што власта, демек, е неутрална. И бидејќи вината на еден Латас, на пример, се подразбира, потребно е сега да конституира вина и на другата страна, за да се добие некаква симетрија.

Глупо ко ноќ, другари вмровци! Предолго време се возевте на таа теза. На лажните симетрии многумина наседнуваа во она време кога се мислеше дека проблем со оваа власт имаме само ние, Милчин, јас и можеби уште дваесеттина луѓе во Македонија. Од „неутралците“ бевме дури и обвинувани дека го „узурпираме“ просторот за јавна критика. За жал, тогаш се уште многумина беа спремни да поверуваат дека виновни се и Хитлер и Евреите.

Денес таа приказна веќе не врви. Откако им здодеавме веќе и откако од предлога употреба се истрошија етикетите скроени само за нас, тие, кучињата на пропагандата, мораа да си побараат и нови жртви. Еден по еден, кој од вакви кој од онакви причини, „неутралциве“ се најдоа на удар. Сега мислам дека сите знаат дека еден ден и на нив ќе им дојде редот. Оти, логиката на овој режим е едноставна – кој не е експлицитно со нас, против нас е!

Не знам за Милчин, но мојата лична причина поради која прифатив да учествувам во оваа макартиевско шоу на вмровските пратеници, не е она што имав намера да го кажам. Не. Едноставно, сакав оние идиоти, кои цели седум години ја инспирираат и ја оркестрираат оваа хајка против мене и против моите пријатели и соборци, да ги погледнам со еден пркосен поглед, кој немо ќе им каже - ма кој ве е.., будали едни!


ПС. Оваа колумна, објавена во „Слободен печат“, е напишана пред мојот настап во парламентот. Поради тоа таа не го регистрира и не го коментира настапот на новата „најсјајна ѕвезда“ на нашето „демократско небо“. Јас, се разбира, немам намера да го коментирам сопствениот, а уште помалку тој знаменит настап. Еве зошто. Според моето мислење, ниту содржината, ниту импактот, а ниту храброста не се она што го прават неговиот настап единствен и неповторлив - вистински уникатна е само „естетиката“ на тој говор. А за тоа е бесмислено да се каже било што. За вкусовите, нели, не се расправа.

Слика: Свирачиња
Извор: Слободен Печат / Плусинфо

ОкоБоли главаВицФото