Кој тоа таму геноцидира?

07.03.2014 09:51
Кој тоа таму геноцидира?

Геноцид? Тоа е кога еден народ според божјата правда одлучува да збрише друг народ од лицето на земјата, да пресели, да уништи... Накратко, да се однесува типично човечки кон луѓето кои ги смета за послаби. Во војната која е зад нас Србите ни го правеа нам тоа. Нѐ нападнаа, убиваа, гранатираа, ни го уништуваа родот и породот. Затоа ние Хрватите ги тужевме Србите во Хаг поради геноцид.

Правдата на крајот секогаш победува, па оние од Хаг праведно ќе пресудат и Србите ќе бидат прогласени за геноцидаши, а Хрватите за светци. Хрватските адвокати по завршувањето на спорот во наша корист на своите курви ќе им купат уште еден ѓердан.

Заборавив да нагласам, иако на секој Хрват и Хрватка му е јасно дека нашиот народ никогаш не може да биде агресор бидејќи секогаш во историјата бил жртва, тоа не му е јасно на ниту еден Србин или Србинка. Затоа Србите, о дрскост, нѐ тужеа нас Хрватите, исто така за геноцид. Ние геноцид? Ние сме палеле, силувале, раселувале... Боже наш кој си на небото, го слушаш ли ти ова?

Белки не си го тргнал погледот од Хаг и си им препуштил сѐ на корумпираните судии на кои знае да им биде сосема сеедно кој прв почнал, кој се бранел а кој нападнал? Ако, не дај боже, некако, а сѐ е можно во овој свет кој мрази сѐ што е хрватско, осамне пресуда дека Хрватите се геноцидаши, тогаш српските адвокати на своите курви ќе им купат златни ланчиња обложени со дијаманти.

Постојат високо квалификувани аналитичари кои новинарите ги прашуваат како ќе заврши овој српско-хрватски „спор“. „Спор“? Дали тоа е вистинскиот збор? Мене баш ми звучи некако стручно. Кога некој прашува некаков „аналитичар“ за мислење на таа тема, тогаш некои од нив велат дека геноцидаши се Хрватите, други дека се Србите, трети дека се пола-пола. Пола-пола? Како некој може да биде полузлосторник?

Во војна во која се знае кој прв почнал, Србите, кој само се бранел, Хрватите, кој силувал, колел, палел, раселувал, и едните и другите, само што ние тоа, нели, го правевме во самоодбрана, а тие напаѓаа. Значи, сѐ е јасно! Не постои злосторство во самоодбрана, секое такво „злосторство“ е изнуден потег. Изнуденото силување не е силување, изнуденото раселување не е раселување, поради нападот изградените хрватски концентрациони логори се згради подигнати во афект, а афектот и во злосторството и во „злосторството“ е секогаш олеснителна околност...

Сфаќате? Секако, кога сте паметни. Сега ќе ви кажам нешто што ќе ве запрепасти. После сѐ што видов овде каде што живеам, ме боли курот што го немам за тоа кој е овде геноциден народ. Со години зборувам и пишувам колку осиромашен ураниум е фрлен на поранешна Југославија. Со години јас и многу малку други во глувите уши врескаме дека НАТО и Србите и Хрватите и Албанците и Босанците и... толку ги збогати со осиромашен ураниум, што е неважно сѐ останато што на овие простори е направено со оган, меч, кол или кур.

Најпосле, деновиве, „официјално“ дознаваме дека Американците на Косово истресле 10.000 тони осиромашен ураниум. Десет илјади тони? А не триесет? И тоа го прочитав некаде. Колку ураниум истресле во Белград? Во Јадранско Море... А Американците во ЈУ приказната воопшто не се споменуваат како „геноцидни“. Затоа што кога ќе те нападнат со ураниум тоа не е ниту силување ниту раселување, тоа е конечно решение.

Да скратам. Ме заболе кој бил геноциден во таа војна. Време е ние локалните кретени да ги закопаме воените секири и да почнеме да ги закопуваме драгите и најдрагите умрени од рак. Тоа е единствената работа која на овие простори ќе цвета во следните неколку десетици илјади години.

Извор: rudan.info

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото