Кога Коце спасува

26.05.2014 10:41
Кога Коце спасува

Трогателни фотографии се појавија синоќа на провладините портали, кога по силното невреме улиците се претворија во реки и покажаа дека Скопје инфраструктурно не е подготвено да издржи ниту неколку часови посилен дожд. Ситуацијата почна да ја спасува, никој друг, туку градскиот татко, славниот Коце Трајановски.

Во стилот на оној Супермен од соседството, српскиот премиер Александар Вучиќ, Коце излезе на терен, да ја спасува ситуацијата до која не би дошло ако тој си ја вршеше работата како што треба.

Верувам дека сликата од Коце во вода и фекалии до колена им ги стопли срцата на многу граѓани кои се прашуваат зошто одводната и канализациска мрежа на главниот град практично не постои, зошто подрумите им се поплавени, зошто автомобилите им се како венециски гондоли, а оној што е одговорен за нивната безбедност наместо да организира навремено чистење на одводните канали, заменуваше багреми со палми и правеше уште постаро Скопје.

Што се однесува до канализацијата и одводот - фала, Коце, не треба! Се покажа дека според „староста“ може да се мерат со тие од пред милиони години. А можеме само да се молиме постарото и поубаво Скопје насадено веднаш до Вардар да не настрада од природната катастрофа и планерската глупост на Архитектот. Велам, да се молиме, затоа што бројните критики и апели да не се гради во ризични зони очигледно се бескорисни.

Поплавите во Србија, БиХ и Хрватска придонесоа за синоќешната паника која се ширеше по социјалните мрежи. Се зборуваше за „катаклизма“, „катастрофа“ и се употребуваа други несомнено пресилни зборови. Ако ме прашувате мене, нема место за паника. Јас ја преживеав паниката пред повеќе години, кога градски татко стана Коце Трајановски. Катастрофата веќе се случи.

Наивните граѓани се надеваат дека невремето ќе го вклучи алармот кај властите кои конечно ќе преземат нешто за безбедноста на својот народ. Погледнете, веќе преземаат: во строгиот центар на Скопје, се прават нови барокни фасади!

ОкоБоли главаВицФото