Младите бездомници и нивните верни кучиња

18.08.2014 09:28
Младите бездомници и нивните верни кучиња

Последнава година фотографката Софија Гермер е посветена на документирање на младите бездомници на улиците на Сан Франциско и нивните верни придружници - кучињата. Заинтересирана за односот помеѓу тинејџерите кои живеат на улиците на овој американски град и нивните кучиња кои како по правило ги следат, Гермер ги фотографира овие луѓе и ги слуша нивните животни приказни.

„Тој има дом, само нема четири ѕидови“, му вели Кијана на минувачот кој се понудил да го вдоми нејзиното тримесечно куче.

Гермер вели дека младите кои живеат на улица, а повеќето од нив побегнале од проблематичните родители или бегаат од општествените норми, ги бираат кучињата за свои најдобри пријатели поради желбата за блискост и сигурност. Освен тоа, кучињата не осудуваат: тие им се пријатели на сите луѓе, без оглед на нивниот социјален статус, богатство, сиромаштија, изглед...

Иако често и самите немаат основни услови за живот, овие тинејџери добро се грижат за своите миленици. „Со тек на време сфатив дека овие деца се способни да се грижат за своите кучиња можеби и подобро од некој што има постојана работа. Тие со своите миленици го поминуваат секој момент во денот и многу од тие кучиња се одлично дресирани“, вели Гермер.

Посебно место меѓу фотографиите заземаат Мики и неговиот питбул Буда, за кои фотографката вели дека се „извонреден тим“.

Организацијата Vet SOS им помага на бездомниците во Сан Франциско така што им нуди бесплатна нега или нега по симболична цена за нивните миленици: вакцинација, чипирање, стерилизација...

Фотографиите на Софија Гермер може да се погледнат на нејзиниот блог.

Подолу претставуваме избор од богатата фотоархива на Гермер.

Извор: www.behance.net