Самоуправната култура

11.05.2015 10:32
Самоуправната култура

Ако за претходните генерации мислители во 20 век вредело целиот живот да морале повеќе да негираат за да го расчистат теренот за некое евентуално и идно афирмативно мислење, колку тоа сè уште вреди за нас, денешните? А, нашата локална ситуација е и уште полоша. Имено, ние мораме да ги критикуваме оние кои под критика ни продале обично критизерство. Дифамација, етикетирање и демонизирање на дофатот на минатото, без дијалектички континуитет, со кои ја нема ни нашата иднина. А, спасувањето на минатото од „заборав“ не е благодарна работа. Па, нели сè она што пропадна – да го кажеме тоа во повторен хегеловски гест – и требаше да пропадне? И, нели токму дисконтинуитетите – кои тогаш можат да бидат токму историски – се оној терен на кој се гради секоја револуционерна политика и култура? Очигледно, ни требаат посуптилни разликувања во дијалектиката на континуитетот и дисконтинуитетот. Во сè, па и во културата. Впрочем, што се случи со самоуправната култура?

Во таа смисла, денес владејачката „култура на сеќавања“ нема да ни биде од голема помош. Забележано е и дека сеќавањето може да биде вид заборав, како што и „борбата против корупцијата“, која едно општество декларативно ја прогласува (а, кое општество не го прави тоа денес), може да биде само последен стадиум на самата корупција. После сè – а тоа станува проблем вреден за посебна и детална обработка – не е ли кај нас и борбата против ревизионизмот во историското сеќавање сега веќе цврсто во рацете на ревизионистите?

Ако се задржиме на проблематизирање на нашето културно минато, најдобар доказ за тоа дека трудот на критиката моментално е слаб и недоволен се самите слаби резултати на тој труд. Бидејќи, без оглед на тоа дали денешната критика е млитава и разводнета или вжарена и пцуечка, таа не раѓа некакви особено вредни плодови. Дали заради тоа што критичарите (успешно) се маргинализирани до таа мера што од нив негираното никогаш не е заменето со нешто правилно и добро? Или затоа што „кое било се надоместува со што било“, па разновидниот еклектицизам се претставува како плурализам (Матвејевиќ, уште во 1975 година.)?

Денес кога повторно ја негираме своевремената критикантска објава за крајот на историјата, сепак немаме сила да бараме обнова на некои „општоважечки“, на ист начин задолжителни за сите, ставови во културата. Никој денес не нуди, и покрај своето заговарање плурализам, ниту некаков „натпревар“ за поетика и естетика. Школа на мислење, воопшто. Лесно замисливо е само натпреварувањето за сè пооскудни парични средства. Нека цветаат стотици цветови и нека се натпреваруваат школите на мислењата! Во културната контрареволуција изведена против културните револуции од минатото, овие, за секој случај, превентивно биле прогласени за тоталитарни. Па, сепак, „меѓутоа, би било добро да се имаат свои, односно наши ставови, оние кои пореално би кореспондирале со општествените и културните настојувања кои го карактеризираат овој простор, преку кои – во најсреќните случаи – културата би нудела сопствени решенија и нови општествени модели“ (Матвејевиќ).

Уметничкиот живот во смисла на животот на уметноста веќе не е можно да се одвојува од културната ситуација во општеството како таков. Тоа не е особено ново. Трендот дека уметничките дела и културното творештво воопшто, во иднина сè помалку ќе се врзува со нормативните естетски одредби, па дури и со рамките на самото дело како артефакт, како што е класично дефинирано, туку дека ќе прерасне во интерес за дејствување, практика сама по себе, надвор од статусот на разните облици, а кон обликувањето како такво, е забележлив уште од шеесеттите години. Она што е различно денес во однос на тогаш е тоа што таквиот тренд кај нас некогаш се доведуваше во врска и со преиспитување на самоуправувањето во културата. А, денес културните работници главно само рефлектираат нови облици на поробување, (само) експлоатација, „флексибилно“ вработување, однос на платен и неплатен труд итн., и според тоа, во својот авангарден „сектор“.

Тогаш, во каква врска се таквите апстрактни теми како што се исчезнувањето на нормативните естетики, распаѓањето на филозофските системи, неможноста ниту една поетика да се наметне како општо обврзувачка, со профаната тема на опшстественото самоуправување? Па, и во културата. Со темата која е наводно „заборавена“ во народното сеќавање, култура која сака многу повеќе да се „сеќава“ на она што ѝ одговара во моментот. За почеток можеме да тргнеме со широки замавнувања, бидејќи сè што е големо и почнува како големо: ако уметничките дејности сè повеќе се ослободуваат од нормативните ограничувања и ако уметничкото од една и културното создавање од друга страна сè повеќе се приближуваат меѓусебно, како сродни изрази на човечките можности, посебни облици на човечкото освојување на реалноста и човечката самореализација, тогаш естетските проблеми стануваат проблеми на култрурата. Но, и општествената проблематика во разни прилики може да се сфаќа и како културна проблематика! Така естетските чинови во одреден тотализирачки потфат го постулираат својот статус на општествени чинови. Уметничкото создавање се приближува до поимот труд или, уште подобро, творештво, на начин кој бара и општествено организирање. А, „да се менува светот“ од една и „да се прави поинаку“ од друга страна се постулати во својот позитивен волунтаризам заеднички за светот на културата и самоуправувањето.

Да им се наметнат некакви одредби на содржините кои ги води самоуправувањето, втемелени во каков било теоретски априоризам, ѝ противречи на самата идеја за самоуправно устројство. Бидејќи тоа тежнее да биде дел од работните луѓе и бара тие самите да одлучуваат какво ќе биде тоа. Еден од најзначајните теоретичари на советите Карл Корш му пишувал на колегата Панекук дека е „залудно да се посакува да се измислува создавање нови облици; тие се јавуваат само во реалната борба на работниците“.

Термините како што се волунтаризам, спонтаност, организација, дисциплина, авторитет, свест се во средиштето на општествениот интерес, кога општеството ќе тргне кон револуционерни решенија. Дали е случајно што во ист период од нашата историја на дневен ред дошло основањето работнички совети и отфрлањето на сталинистичките модели во културата, па така и на оној таканаречен социјалистички реализам? Кој, меѓу другото, овде никогаш и не бил прифатен посериозно во поголемиот дел од уметноста. Тогаш, дали самоуправувањето е еден вид култура? Одговорот зависи од тоа како ја сфаќаме и дефинираме културата. Матвејевиќ, кого често го споменуваме за овие прашања, во своето пледоаје за новото културно творештво се залагал за самоуправна синтеза на културата и политиката. Премногу лесно се заборава дека културата може, а тогаш и треба, да ѝ даде на политиката доза фантазија и мечта, која е повеќе од потребна за да им се спротивставиме на баналноста на работењето и рутината на работните денови. А, новите културни достигнувања се невозможни без самоуправувањето на оние кои учествуваат во културата. Денес како во повторно одвоена сфера на граѓанскиот живот. Веќе утре како во време во кое сите ќе ја создаваат поезијата.

За оние на кои сето ова им изгледа како апстрактно и(ли) утопистичко, па дури и ретроградно размислување, еве како изгледа алтернативата на оние кои веќе со децении упорно сакаат да останат во вечната сегашност: „Едвај ги сожалувам сите оние кои ќе останат настрана, вечно слегнувајќи со рамениците или преџвакувајќи ги старите и излитени приказни кои си станале досадни самите себеси, одамна застарени дури и од онаму од каде ги земаат“. (Матвејевиќ)

Извор: http://www.portalnovosti.com/

Слични содржини

Активизам / Култура / Теорија
Никола Гелевски
Општество / Историја
Општество / Култура
Општество / Култура / Теорија

ОкоБоли главаВицФото