Филмовите со кои го опишував груевизмот (6 - СК014)

07.08.2015 15:59
Филмовите со кои го опишував груевизмот (6 - СК014)

Ноќта на ловецот / Рт на стравот

Има еден многу интересен ноар филм на Чарлс Лотон, „Ноќта на ловецот“ од 1955 година, во кој Роберт Мичам игра монструозен и психотичен свештеник кој прогонува две деца. Свештеникот е убиец, давител, кому на едната рака му пишува hate - омраза, а на другата love - љубов. Мичам тука ја најавува својата слична виртуозна улога во едно друго ремек-дело на ноарот, филмот „Рт на стравот“ на Ли Томпсон од 1962 година.

Постои и една посовремена верзија на „Ртот на стравот“ на Мартин Скорсезе, од 1991, со раскошно тетовираниот Роберт Де Ниро во улогата на суров осветник кој излегува од затвор. Мојот чудесновишен куклар, значи, не само што со двете спротиставени раце ги управува куклите и болвите, туку и самиот има спектакуларно ишарано тело, иако се наоѓа зад сцената. Има една антологиско парче во поновиот филм на Скорсезе, кога стариот Роберт Мичам и Ник Нолти го гледаат во полициска станица, зад стакло, соблекувањето на опасно набилданиот и со десетици пораки и цртежи истетовиран разбојник, Роберт де Ниро, кој згора на сè преку целиот рбет има врежан огромен крст.

Тешко дека некој може подобро да го долови планираниот спектаклук на градскиот плоштад од телото на Роберт де Ниро во Cape Fear - чиста ликовна еманација на лудило и агресија.

Спектаклук исто така е збор којшто кај актуелните дрматори успева да го долови чудниот спој меѓу нивната амбициозност и простаклук; зборот спектаклук токму ја објаснува малограѓанско-болшевичката потреба од големи гестови во кои се вградени (просто како скелет, како крстот на грбот на Де Ниро) импозантни количества примитивизам и насилие.

Спектаклук: болвја свадба

Граѓанинот Кејн

Зборот сполијација значи вградување одломки од постара градба или споменик во нов објект. Најпознатиот пример на сполијација се случува под закрилата на Француската револуција, кога бунтовниците го рушат злогласниот затвор Бастиља и потоа од остатоците на затворот создаваат мноштво мали „Бастиљи“, суштински создадени од истата супстанца на „споменикот-мајка“.

Еден од најнеобичните случаи на сполијација во дваесеттиот век е Hearst Castle во Сен Симон во Калифорнија. Тој објект го нарачал славниот новински магнат Вилијам Херст во 1919 година (и Херст и неговиот замок ни се познати од култниот филм на Орсон Велс, „Граѓанинот Кејн“). Во раскошните градби, базени и градини на „замокот“ биле вградувани одломки од стари европски градби, коишто Херст ги купувал од трговците со сполии низ цела Европа - готички дрвени плафони од Теруел во Шпанија, готичка камена фасадна пластика од Шпанија, фасади од влезен трем на антички римски храм, италијански барелјефи од 17 век итн.

Сполијација

Фантом на слободата

Никој досега посликовито од овдешниот режим не демонстрирал дека „македонскиот идентитет“ е крајно спорна категорија. Никој досега постојниот „македонски идентитет“ не го изложил на толкав степен на травестија и исмејување. Никој досега поубедливо не ги демонстрирал тезите за „македонскиот идентитет“ како вештачки и новосоздаден - од груевистите. Ми се чини дека груевизмот токму ги испреврте работите во симболичкиот имагинариум на нацијата, на сличен начин на кој во филмот „Фантом на слободата“ на Луис Буњуел во една незаборавна сцена се превртени односите меѓу јадењето и дефекацијата: луѓето седат на тоалетните шолји околу масата и си муабетат, а кога ќе посакаат да јадат, еден од нив тивко ја прашува домаќинката: „Извинете, а каде е трпезаријата?“ и тивко се повлекува во малата просторија во позадината.

Лудиот крал и неговите маски (2)

Таксист

Токму како што нашите скриени политички планери не успеваат да ги искомуницираат своите налудничави идеи (три години по почетокот на проектот никој всушност не знае што точно содржи Тројанскиот коњ наречен „Скопје 2014“), исто така и Тревис Бикл не знае да комуницира во градот; сите негови обиди за човечка размена се безуспешни: со службеникот во такси станицата, со работничката во порно киното, со Бетси и Ајрис...

И баш го гледам политичкиот планер на СК014. Седи крај маса во својата соба и чкрта во својата тетратка. Црта споменици и грми против предавниците, курвите и општиот неморал. Зад него се наоѓа прозорец со решетки. Пропаѓа и последната шанса да излезе од својот ум, да се отвори кон надворешниот свет. Тревис (т.е. политичкиот планер на Скопје, тајната кафкијанска фигура што ни ја зацртува стварноста) е заробен во својот стан, во својот ум.

Вкрстување на перспективите

Мирисот на жената

Значи, сограѓани, Македонци, на удар не се само репрезентативните објекти на македонскиот архитектонски модернизам, туку целото себеразбирање на неколку генерации Македонци. Она што му го направија на мостот „Гоце Делчев“, она што се спремаат да му го направат на објектот на Муличковски (начинот на којшто се маргинализираат и затскриваат од погледот зградите на театарот, поштата, оние од плоштадот итн.), е плукање на она што го живеевме до вчера. Плукање на она во што верувавме, до вчера. Плукање на нешто што е конститутивно, со што сме растеле, што нè учеле да го почитуваме, нешто што е, најпосле, нашиот идентитет.

Јасна Котеска еднаш праша: „Каде е Ал Пачино од филмот „Мирисот на жената“ (1992) од школските клупи да им ја плесне очигледната вистина на корумпираните членови на универзитетската комисија, преку легендарната реченица: ’Сум видел момчиња со откинати раце и пресечени нозе, но нема ништо пострашно од сликата на ампутираниот дух, зашто за тоа нема протеза’? Овој филм од школските клупи го постави прастарото прашање за етичкиот гест: ’Колку вредат твоите зборови во моментот кога може да го изгубиш личното добро? Дали си подготвен, ако околностите не ти одат во прилог, да ги изедеш сопствените зборови?’ И одговори дека постојат моменти, кога дури и по цена целиот твој видлив свет да се распаѓа, тоа што не треба да го распродадеш е вистината.“

Протези за ампутирани духови

Кинг Конг / Пајо Паторот, Мики и Шиљо патуваат...

Има еден стар цртан филм на Дизни: Пајо Паторот, Мики и Шиљо патуваат во својата неверојатна камп приколка. Ги гледаме на почетокот како се будат во една совршена куќичка од преградието, во прекрасна градина полна со зеленило. Набрзо се трга заднината, која всушност е фото тапет, и ние сфаќаме дека тие се наоѓаат среде индустрискиот пекол, на депонија.

Да видиме зошто Мики, Пајо и Шиљо во цртаниот од триесеттите наликуваат на (чаплиновски?) пролетери и какви се врските меѓу масовната култура на Холивуд и Дизни и развојот на Советскиот Сојуз по Октомвриската револуција. За тие врски (на пример, како филмот „Кинг Конг“ влијаел врз развојот на советската архитектура) пишува Сузан Бак Морс во својата извонредна книга „Светот на сништата и катастрофите“. Целта ни е да покажеме дека тоталитарната закана (и десна и лева) настанува низ миксот меѓу културата, пропагандата и политиката, во дваесеттите години на дваесеттиот век. И дека нашево е само јадна реплика, како мала црква изградена за тестирање во сеизмолошки институт, или како далечен сеизмички бран по голем потрес - овдешното пропаѓање.

Јуриш кон зимскиот дворец

 

(продолжува)

1- Идентитет

2 - Митови

3 - Пастирот

4 - Хорор

5 – Комедија