Ексклузивно: новиот парфем „Грујо“ доживеа фијаско

28.12.2015 03:12
Ексклузивно: новиот парфем „Грујо“ доживеа фијаско

Скопје, 28 декември 2015

Новиот парфем од модната линија „Грујо“, кој го носи прекарот на нашиот премиер во заминување и кој е инспириран од парфемот на рускиот претседател Владимир Путин, на својата премиера доживеал вистинско фијаско.

Како што дознаваат Пара вести од извори блиски до премиерот, мирисот на парфемот „Грујо“, кој бил замислен да асоцира на лидерство и моќ, смрдел на обичен пувеж.

Парфемот „Грујо“ требаше да се најде во македонските парфимерии од 25 април 2016 година, во ограничено производство од околу 170.000 примероци, поточно, за секој член на ВМРО-ДПМНЕ по еден примерок. Неговата цена требаше да биде околу 1.000 евра, а парите од продажбата требаше да отидат на личната сметка на Никола Груевски во Белизе.

Амбалажата на парфемот, како што дознаваме, требаше да биде кутија во црно-црвена комбијација на која ќе се наоѓа ликот на вмровското лавче со златна боја, а наместо лавовска глава требало да биде ставена главата на Никола Груевски, под која ќе пишувало „Грујо“ со старословенски фонт.

Меѓутоа, на затворената промоција на која се вршело „дегустирање“ на парфемот од страна на блиските друштвени кругови на премиерот настанал скандал, бидејќи најголемиот дел од нив се мрштеле кога ќе биле попрскани со мирисот. Дознаваме дека еден дел веднаш ја напуштиле промоцијата и не го дочекале доаѓањето на Никола Груевски кој доцнел цели три дена. Извори блиски до премиерот го опишуваат мирисот на новиот парфем како „обичен пувеж кој не вреди ни илјада денари, а не, пак, илјада евра“. Кога Груевски дознал за фијаското со парфемот, тој воопшто не се ни појавил на промоцијата, а за скандалот ја обвинил опозицијата која наводно му го саботирала извонредниот проект.

Пара вести дознаваат дека на креаторот на парфемот му се губи секаква трага. Последен пат бил виден како ја напушта промоцијата со исклештено лице.

Од МВР не го истражуваат случајот.

Слика: ВМРО на денот