Птици

29.12.2015 02:16
Птици

Сите го фалат сексот, а јас сè уште не сум сигурен дали лажат. Со девојките немам никакви проблеми сè додека не ги донесам во мојот стан. Кога соблекувањето ќе почне, сите птици се собираат на прозорецот и колваат по него со острите клунови, гребат, пискаат и гракаат. Ова ги плаши девојките, и тие си ги собираат парталите бегајќи од станот, врескајќи на начин кој во тие моменти совршено се вклопува со пискотот птичји. Слушам „манијак“ место „довидување“, слушам „планински човек“, „перверзник“, „болен птичар“, место „прекрасен љубовник мој“... Се обидувам да ги одвратам од нивната намера објаснувајќи им дека птиците всушност ја слават нашата љубов, танцуваат и пеат за нашето телесно спојување, а тогаш некое од стаклата ќе пукне, ќе се распарчи на подот, и птиците ќе почнат да јурат по нас кубејќи ни коса и откинувајќи ни парчиња месо. „Девојки, ајде не се будалете“, им велам, „па ова не е ништо“. Во тие моменти, ниедна од нив не верува во моите зборови.

Извор: Тритонус, Темплум, 2008, Скопје.
Слика: Leah Saulnier

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото