„Да се има или да се биде“ - дебата во ЕУ инфо центар

06.04.2016 01:59
„Да се има или да се биде“ - дебата во ЕУ инфо центар

„ПРО-КНИЖИ ГО УМОТ“ („BOOKING YOUR MIND“) е платформа за креативен дијалог низ култни европски автори и дела. Како дел од „Културните приказни“ на Делегација на Европската Унија и ЕУ Инфо центарот во Скопје, проектот има цел низ интерактивни модели на културна продукција, трибини и дебати да одбележи неколку јубилеи и годишнини во 2016 година на европски дела и автори како Ерих Фром, Валтер Бенјамин, Џорџ Орвел, Олдоус Хаксли, Мишел Фуко, Жак Лакан и други. Трибините ќе бидат од отворен карактер и ќе се случуваат во различни градови како Скопје, Битола, Тетово, Велес и други. Панелисти ќе бидат истакнати уметници, писатели, професори, филмски и театарски режисери, литературни критичари, итн...

Првата дебата е закажана на 6 април, среда, во ЕУ Инфо центарот во Скопје со почеток во 20:00 часот, а во чест на авторот Ерих Фром и неговото култно дело „Да се има или да се биде“. Темата е „Антиконсумеризмот во ера на продавање брендови и души“. Панелисти се писателот Гоце Смилевски и писателот и професор Владимир Мартиновски.

Следната дебата е на 12 април во Центарот за култура во Битола, исто така со почеток во 20:00 часот, со Валтер Бенјамин како автор во фокус, а на тема „Технологија и уметност - Револуција или хуманизација“. Панелисти во Битола ќе бидат познатиот филозоф и професор Иван Џепаровски и културниот работник и истражувач Билјана Тануровска-Ќулавковски. Серијалот на дебати со различни автори и теми продолжува во текот на април и мај.

„'ПРО-КНИЖИ ГО УМОТ' е платформа за дискусија и критичко размислување. Авторите и книгите што ги одбрав се дела коишто со својата културно-историска важност одиграле голема улога во креирањето современи теории, идеологии и светогледи и биле мотив за важни општествени движења и слободи во Европа. Нивната книжевна тежина е само иницијална точка од која ќе се отвораат важни теми од денешниот социо-културен контекст. Како филозофска и политичка врска меѓу минатото и иднината, проектот има за цел поставување и на актулените прашања во општеството. Визијата на 'ПРО-КНИЖИ ГО УМОТ' е всушност преку културна репрезентација, дијалог и едукација да се раздвижи културата на дебата и да се потикне активното учество на граѓаните од локалните заедници во градењето на слободно, отворено и креативно општество.“ - вели Ана Јовковска, авторка на концептот и модераторка.

Трибините се структурирани во два дела: првиот дел од го сочинува креативниот дијалог и интерактивната дебата меѓу модераторот, панелистите и публиката, додека вториот дел ќе биде неформална социјализација во духот на европските култури и традиции преку различните специфики, како што се типична музика, храна и пијалаци за одредена земја според потеклото на авторот во фокус.

Влезот на трибините е бесплатен, а активноста на публиката добредојдена!