На крајот на денот

15.03.2017 11:58
На крајот на денот

Историјата подучува дека во времето на промени, на крајот на денот, линиите на толеранција прилично се стеснуваат и сметките ги плаќаат сите, без оглед колку јаделе и пиеле!

На крајот на денот (омилена на ТодорОФФ, кој неодамна пророчки уживаше да ни предочува што ќе се случувало на тој крај на денот!) нештата ќе си „легнат“ најнормално, историски предодредено, како стопати, илјадапати до сега. Режимот ќе се препелка уште некој ден, хистеричната толпа стриповски ликови ќе се провресне уште неколку пати. Можеби ќе слушнеме уште некој преварант како оној од МПМ како се бламира, за да дефинитивно се убедиме во карикатуралноста и неморалот на оваа власт. И? Сè ќе тргне по единствениот можен пат – патот на правдата – којшто овие се обидуваат да го развлекуваат како гума за џвакање!

Но, кон крајот на денот, веројатно допрва останува трпеливо да ги чуеме и останатите бандити, но и нивните трабанти и армијата покондирени тикви како нивни следбеници, како (ќе) се правдаат дека нивниот ангажман контра македонската демократија и не бил баш таков каков што некој сака да го прикаже, дека тие биле само (не)заинтересирани поддржувачи – ама во првите редови, како оној од МПМ! – на некои граѓански иницијативи но не и организатори, дека биле заведени и слични будалаштини што обично следат кога битангите се фатени со рацете во медот. Биле и донатори, некои со 250.000 евра, други само со 250, ама и тоа било случајно!

И на некои тоа веројатно и ќе им помине, можеби. Впрочем, некои видови инволвираност, особено во вакви случаи, веројатно и не може – па и не треба – егзактно да се (из)мерат. Едновремено, верувам и дека има(ло) такви кои биле заведени со флоскулите за, на пример, спас на државата. Ама тоа повеќе може да се однесува на некои дечишта од типот на денешниве кои прво се топорат па потоа јадат шамари по паркинзи и тоа веројатно им е доволна казна за лесноумноста и глупоста. Ама не можете така да ги гледате и оние малоумници во црни мантии, на пример, кои наместо да богослужат во храмовите држат политички говори по улиците и го подбуцнуваат народот! Или онаа булумента „културни“ индивидуи кои се јавуваат дури и не само како мегафони туку и како организатори на агресивни протести кои што, видовме, завршуваат и со насилие кон „противниците“. Иако, сигурен сум, меѓу нив први ќе се јават такви кои ќе негираат дека имале некаква врска со гнасотиите што се случуваа(т) по скопските улици. Некои од нив, вешто и веројатно подучени, како оној нашион пуфле бароковозљубен авангардист Сарајлија и компанија, по правило веднаш ја вадат од џеб подготвената ограда на божем исклучиво граѓанска инволвираност, иако со години ги гледа(в)ме во првите борбени формации контра македонската демократија. Немаат дури ни минимална доблест да си ја признаат активата, да застанат пред судот на јавноста како што лекоумно стоеја во редовите на петтата колона!

Слично впрочем, дури и поодвратно, ќе биде и кога на крајот на денот ќе пропеат клучните луѓе – а и тоа дефинитивно ќе се случи, зашто и тие ќе мораат да си побараат олеснителни околности – и ќе ги посочат / откријат сите тенки и дебели врски, сите платени и преплатени контакти со широк круг персони кои така верно им служеа сиве години. За да скратат некоја година, или да добијат подобар третман, водачите на бандата ќе мора да ја пеат не само химната туку и многу други локални шансони каде главна улога, на еден или на друг начин, ќе имаат токму овие кои сега така надмено „патриотски“ се кочоперат низ улиците. Ќе мора да декламираат кому што му ветиле и колку од тоа исполниле, од срце и со душа ќе ја пеат „зошто си ме мајко родила“ редејќи ги по азбучен ред, па и на албански ако треба, сите членови на злосторничкото здружение и нивните заслуги. И придобивки, се разбира.

Зашто тоа е логичниот, и единствениот крај на трагедии како македонскава. И токму тие и такви се големите историски поуки кои нашиве самопрогласени и полуписмени квазиисторичари не ги научија од историјата. Дека сè има свој крај, а особено криминалните автократски режими и нивните водачи. Сосе следебениците. И дека историјата не дава пардон за божемен патриотизам во лоповски обланди, за квазипреродби со дебели конта во странски банки. Историјата едновремено подучува и дека во времето на промени, на крајот на денот, линиите на толеранција прилично се стеснуваат и сметките ги плаќаат сите, без оглед колку јаделе и пиеле!

И како и обично, во вакви времиња има луѓе задолжени да сеат магла, да го поттикнуваат „патриотскиот“ дух, дури да повикуваат на најцрни сценарија. А во нив ко мува без глава влетува токму сендвич армијата, силно бодрена од гаулајтерите и преторијанците распоредени низ сè уште тврдокорните медиуми. Ние против целиот свет? Да, може, ама само во цртаните филмови и празните глави. Впрочем, историјата подучува и за тоа, зашто и други будали пробале, многу поголеми и посилни од нас. И се знае како и каде завршиле. Зашто, едно се историски процеси и промени, сосема друго се геноцидни, хулигански и во суштината криминални колективни хистерии несвојствени за 21-от век!

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Bora Baskan

ОкоБоли главаВицФото