Со слободна рака

27.05.2017 22:14
Со слободна рака

На 29 мај (понеделник) во Клуб ресторан МКЦ ќе се одржи промоција на тринаесеттата по ред книга поезија на Јовица Ивановски, „Со слободна рака“, која ја објави издавачката куќа Табернакул.

За книгата ќе зборуваат Оливера Ќорвезироска и Владимир Мартиновски, а песни ќе читааат Снежана Стојчевска, Ана Голејшка, Ѓоко Здравески и Владимир Лукаш.

Пренесуваме шест песни од книгата.

 

СРЕДОВЕЧНИ


Со секоја минута сме помудри,
а можеме да цркнеме за секунда.
Должината на денот зависи од
ноќта и вечерта.
Нема искуство што ни е туѓо
(затоа сме љубопитни ко деца).
Тинејџерот во нас одбива да
го запознае старецот во нас.
Спринтери сме, кои го
трчаат почесниот круг.
Не го бараме излезот, напротив,
уживаме шетајќи низ лавиринтот.
Сè уште сме на почеток,
на чекор до крајот.

29.05.2016

 

СРЕДИНА НА НОЕМВРИ


Религиозноста не е наследна,
исто како и талентот за уметност.
Смрзната бања, од носот капе вода.
Наутро шака апчиња, навечер ракија.
Рутините се линеарни, животот кружен тек.
Собните цвеќиња на терасата чекаат
температурата да падне под нула.
Покрај кејот трчаат вербата и надежта.
Ноември е секој божји ден месецов.
Прошетката по идеи завршува
со кристално празноумие.
Суви лисја ко паднати мисли 
што заслужуваат да се газат.
Во кафеаните не се пуши одамна.
Чист воздух со чад од ќумбе и реа од кујна.
Пушачите надвор цупкаат во место
и разговараат за уметноста
како за вечна пролет.

14.11.2016

 

ПОЕТ


Му треба почеток,
нешто, а не знае што.
Галеб-нуркач во аквариумот.
Дијалог со неговиот стрип-херој (во облаче).
Уште една „патничка“ на шанкот на небото.
Можеби ронка сочувство кон блиските,
стих со кој ќе ја нагласи љубовта кон
човештвото (и омразата кон себеси).
Нешто извлечено од валканата
фантазија, што ќе му предизвика
нагон за повраќање на општото мислење.
Шише виски и две кутии цигари.
Ненадејно патување со другоста.
Нешто од што ќе се згрозат соседите.
Му треба песна со која најостро
ќе се пресмета со денешнината,
со која ќе ги допре читателите
со она што најмногу
го мрази.

22.03.2015


УБАВИНАТА, СЕКОГАШ


Убавината, ѝ се препушташ
кога си опкружен со мачнина.
Ја изобличуваш стварноста
удавена во очната маглина.
Ти позира светот, а ти црташ
акт на девојка.
Песната е одраз на моментот
во кој се слеал сиот твој живот.
Нема беспаќе што не те нашло,
ни прав пат на кој не си заскитал –
ете зошто пишуваш за љубовта.
Животот е сликар кој црта на
твојата кожа – платно оптегнато
пред педесет и пет години.
Целиот си размачкан, ти течат
бои низ образите на прстите.
Не постојат уметници.
Само занаетлии обземени од
она без што не можат да дишат.
Ја сакаш, а црташ крст –
не во смисла: ѝ турив крст,
или како симбол пред
кој треба да се крстиш,
туку ко прегратка во
која би сакал да
бидеш распнат.

15.04.2017

 

НЕМА ЖИВОТ БЕЗ КАФЕТИН


Ене ми ја главата
на ТВ, куглаат со неа.
На другата програма еден
идиот ја џигери со бејзбол палка.
Некој ми кажа дека ја видел како
се тркала од врвот на Марково Крувче.
Можам да се пофалам дека имам здрава
домашна аптека, но кафетин нема ни за лек.
Ѕирнав низ прозорецот да ја проценам
вината на времето, ми падна од десетти кат.
Внимавајтеее, глава! – викнав на сет глас
престрашен да не повреди некого.
Пред аптеката децата играа фудбал со неа.
Се напив кафетин и почнав да навивам.
По петнаесет минути ко нечии невидливи
раце ми ја вратија на вратот,
онака како што се става
кацига на глава.

29.11.2016

 

НА УВИД


Лежат како заклани
на брачниот кревет.
Двајцата на грб, а не ’рчат.
Не мрдаат, дишат ли?
Два трупа задушени од
смрдеата на своите мисли.
Да беа голи ќе можеше веднаш
да им извршат обдукција.
Брачни другари кои со време се
сродиле (небаре први братучеди).
Две години немаат општено.
Да беа старци барем ќе се допираа.
Можеби се плашат од своите нагони,
небаре физичкиот контакт ќе ги
натера на срамни нешта,
на инцест, на блуд.
Лежат како заклани.
Жртви, а не се мртви.
Греотки, покутри
се само кога
се будни.

03.07.2016

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото