НАСА конечно призна: светот има пирамидален облик

22.09.2017 12:35
НАСА конечно призна: светот има пирамидален облик

Претставувањето на светот како топка што лебди во вселенскиот безвоздушен простор е застарена концепција, велат од НАСА. Нивните најнови истражувања покажале дека нашата планета има пирамидален облик со остри врвови.

Група научници, заинтригирани од сè почестите тврдења дека светот е рамна плоча, во текот на изминатите неколку години вршеле испитувања што довеле до шокантно откритие – имено, дека светот нема тркалезен туку има пирамидален облик. И не само тоа: тие откриле дека врвовите на највисоките планини се, всушност, врвовите на самата пирамида, односно нашата планета.

На конференцијата за медиумите, што се одржа во седиштето на НАСА, тие ги изнесоа своите откритија и изјавија дека очекуваат овие најнови факти темелно да го променат досегашното поимање на светот.

Здружението на граѓани кои веруваат дека земјата е рамна плоча категорично ги отфрла најновите наоди на вселенската истражувачка агенција и тврди дека ова е дел од светскиот заговор што веќе неколку векови настојува да ги убеди луѓето оти планетата Земја не е рамна плоча туку нешто сосем друго.

„Првин се обидоа со тврдењето дека планетата е топка, а сега и дека е пирамида. Што ќе биде следното: дека е шестоаголник?“, саркастично изјави претседателот на здружението РМ (Рамна плоча), Атлас Глобусов. „Нема да им помине“, додава тој, „како што нема да помине ни теоријата за еволуција, како што не поминаа ни социјализмот, ни груевизмот, ни сличните заговори против човештвото.“

„Ние будно ќе го следиме развојот на настаните и ќе реагираме соодветно и навремено“, вели Глобусов. Тој најави конференција за медиумите во која ќе ја разобличи најновата теорија на НАСА и ќе докаже дека планетата е рамна плоча што плови по космичкиот океан на грбот на три големи китови кои зборуваат на клингонски јазик. „Човештвото конечно ќе ја дознае вистината“, уверен е Глобусов.

Од НАСА одбија да ги коментираат неговите изјави.