Лапсус театар

05.12.2017 15:50
Лапсус театар

На 07.12.2013-та со премиера на претставата „Вечната куќа“ беше отворен старо-новиот Македонскиот народен театар. Насловите во тогашните медиуми беа во стилот „Блеснаа светлата на новиот МНТ“, „Македонија отвара ново поглавје во театарската историја“, „Грандиозниот театар - фотографии од кои запира здивот“ како и „ГАЛЕРИЈА: Државниот врв ’скоцкан’ од глава до пети - погледнете како помина првата премиера во новиот МНТ“.

На отворањето се одржаа и говори „прикладни“ за таков историски настан. Елизабета Канческа Милевска, тогашна министерка за култура изјави: „Новата изградба го запазува архитектонскиот надворешен и внатрешен изглед, со најсовремена сценска технологија која што ќе даде една нова ера за нашите уметници, за нашата театарска уметност и култура.“

Тогашниот премиер Груевски во својот говор вели: „ За мене ова е уште едно исполнето ветување, што го дадов пред граѓаните и еден од многуте проекти за кој додека се градеше трпев многу критики, кога се изгради некое време молк, па потоа честитки.“

Таму бил и Трајко Вељановски кој предвидел дека токму во МНТ ќе има „случувања“: „Ова е прекрасно здание кое ќе остане во сеќавање на идните генерации кои ќе дојдат и секако за сите случувања кои во Македонија ги има“.


Од основниот договор кој бил склучен на 5 милиони евра, по серија анекс договори за „дополнителни и непредвидени работи“ цената на старо-новиот театар порасна на речиси 40 милиони евра (37.755.471 €).

После само пет месеци од отварањето, на изведба на истата претстава „Вечната куќа“ на 25 мај 2014 публиката беше евакуирана поради поплавување на подрумот на театарот.

Следниот ден мајстори ѕидаа нови ѕидови под решетките низ тунелот кој го обиколува театарот. Екипата на ТВ НОВА излезе на терен и зеде изјава од мајсторите: „Тука решетките направиле проблем. Гледате овде нема секаде ѕидови, на ова место баш има само решетки од подрумот и така се поплавило. Сега ја тргаме решетката и ставаме ѕид“ - објаснил еден од мајсторите.

Што значи, театарот сам најавил само неколку месеци после отварањето дека судбината му е неизвесна. Тоа се должи на непрофесионалната изградба и неквалитетот на употребените материјали. Пропусти има и кај идејното решение кое не предвидувало доволно простор за нормално функционирање на техничките простории.


После четири години не може да се очекува театарот да се излекува сам. Да си ги закрпи дупките, да си постави нови потпорни греди, да малтериса, да исчисти мувла и да си догради простории. Едноставно е. Ако некој (суперхерој) планирал да презема функција, требало да му ја мисли што ќе прави со одговорностите што таа ги носи.

Има една сцена во омнибусот Скопје Ремикс и оди вака. Лилиќ и Митковски (двајцата браќа Виктор и Томе) се на кров на зграда, доаѓа Мирко Попов, маскиран како Спајдермен. Лилиќ му вели: „Welcome to Skopje, we need your help and we need it now“. На што Попов (Спајдермен или третиот брат Васко) одговара: „Yes the time is now.“
Всушност тогаш и беше времето да се гукне, да се пушти глас, да се кажат работи, да се откажат претстави и да се протестира за важните нешта. Ама во тоа време Лилиќ беше директор на МНТ и еден од говорниците на отварањето на театарот (декември 2013), а воедно и еден од тие уметници кои протестираа една година претходно (декември 2012) загрижени за донесувањето на буџетот на РМ и своите плати.

 

На театар сум, ќе те барам

 

Периодов Канчевска, Груевски и ред останати највиновни за моменталната состојба се презафатени со одење по судови за да можат да си дозволат вечер во театар. А тука останавме ние како публика и актерите на кои може театарот да им се сруши врз глава.

„Да зборуваш денес за театар, каков што е заглавен помеѓу министерството и светот на „културната“ забава, нè обврзува да пишуваме еден вид манифест против мрзеливите.“ (Рапсодија за театарот, А. Бадју)

Пред само десетина дена на фејсбук профилот на еден од актерите вработени во МНТ тема беа контејнерите со сценографијата за претставата „Електра“, кои се се паркирани пред МНТ. Актерот, инаку доајен на театарот, алармираше дека таму сценографијата стоела подолго време. Па така во недостиг на јавни тоалети во градот, токму овие метални кутии полни со сценографија биле користени од минувачите. Објаснувањето зошто се сместени надвор е токму проблемот со недостиг на простор за уште една сценографија во подрумот/гаражите/депото на Македонскиот Народен Театар. Ама простор за складирање на сценографија не снема вчера или некој нешто пропуштил?

Меѓутоа, овој пост со се фотографиите, лајковите и коментарите по неколку денови од постирањето некако исчезна. Ама се појавија други по-вонредни вести за споделување.


Во исчезнатиот фејсбук пост се работеше за сценографијата на „Електра“. Претстава за која на 57 МЕСС во Сараево главната актерката Дарја Ризова ја доби наградата за најдобра млада актерка, за улогата во оваа претстава. Претставата е во режија на Андриј Жолдак и важи една за најдобрите на репертоарот на МНТ. Претстава на која сме горди. Претстава на која новиот ВД директор е горд (исто спрема објави на неговиот фб профил). Но на сајтот на МНТ Драган Спасов Дац не фигурира како ВД. Во описот стои само директор на Македонскиот Народен Театар. Огласите (со какви квалификации и по кој критериуми) за директори на театри и други културни установи се уште не се отворени.

Дац во МНТ дошол лани, во 2016-та година после цели 24 години (1992-2016) работење во Драмски театар. Според овој податок, не е ни чудно што не е запознаен со секој проблем на овој театар. Но, сепак поминаа повеќе од четири месеци од неговото назначување за ВД директор на МНТ во кои логично е да започне со некакви решенија за спасување на ситуацијата. И токму поради смелоста (или немарноста) кратенката до функцијата да биде изоставена.

Па како гордиот ВД/не-ве-де директор планира да го менаџира театарот? Театар (пред колапс) кој при тоа е Национален, кога во четири месеци не може да испланира каде да ја смести сценографијата на една толку значајна претстава за театарот? Што да очекуваме дека ќе се случи со сценографиите на оние понезначајните? Какви одговорности имаат овие челно-театарски улоги не само во МНТ туку во секој еден театар во земјава? Сигурно не се состои функцијата во целост од пишување досетки на фејсбук?


Меѓутоа, токму бројот на лајкови на фејсбук и степенот колку некој е вицкаст или фчерашен испаѓа дека е токму еден од најзначајните критериуми за доаѓање до „некаква-дојде-живот-функција“. Да си вицкаст е супер работа, ама дури откако си ја сработил онаа вистинската.

Па ако сакам да прашам каква визија има театарот кај нас, со кого треба да разговарам? Или прво треба да прашам кога ќе се купи сапун и тоалет за вецињата (за тие внатре во театарот прашувам)?

Не ќе беше проблем нашиот театар да беше дури и конзервативен. Театарот во Македонија е безидеен. Не знае што со себе. Ако се иземе и основното „менаџирање“, кај нас постои уште поголем проблем. Не постојат луѓе кои се занимаваат со репертоарска политика. Не постои некој чија задача е уметничко планирање. Не во сезони, туку во години. Што таа репертоарска политика сака да постигне? На која театарска публика ѝ се обраќа? Какви пораки пренесува? Каква естетика негува? Кој квалитет го бара и како планира да го задржи и надгради?


Пак ќе се навратам на Бадју: „За среќа, има малку, многу малку Театар, затоа што “театарот“ најчесто нè штити од него. Каков што е и случајот во денешната политика, идентична на секоја колективна инстанца на мислата во фиксно време и материјално место на дејствување, така и Театарот е речиси исчезнат, па е екстремно тешкода се открие и да се задржи. Исто како што парламентарната форма на политиката, таа комотност без концепт, со помош на широчината на консензусот што го организира, ја прави речиси невидлива и неодржлива вистинската политика способна да размислува на местото што го извршува, така и сеприсутноста на ’театарот’ ги прикрива високите, супериорните барања на Театарот.“

Неодамна побарав една наша режисерка за изјава. Изјава не добив, но на долго и широко во повеќе од три часа ги разглобувавме театарските (не)прилики изминативе години (некаков пресек од 2008 навака). Јас инаку не милувам да се запознавам одблиску со луѓе за кои имам почит за нивната работа, токму од стравот дека ако ги запознаам одблиску ќе ме разочараат.

И после разговорот се замислив: ако можеш да избираш, зошто би била Јокаста кога можеш да бидеш Антигона на Театарот? Зошто при очи да го заведеш овој Едип од театар со уште една претстава кога му ги гледаш раните (не само на нозете) туку по целото тело?

Враќањето назад во театарот не смее да биде враќање на старо. На театарот во Македонија му треба целосна реконструкција. Но најпрво му треба чистење до темел за да може да створи база од која ќе се вивне во височините што ги заслужува.

Фотографии: Кире Галевски, од претставата „Електра“ (2014)

ОкоБоли главаВицФото