Знаеме што ќе памтите до следното лето

05.03.2018 02:35
Знаеме што ќе памтите до следното лето

„Mindhunter“ е серија која сигурно е нешто најдобро што го создаде ТВ продукцијата во 2017 година. Од кујната на Нетфликс пристигнаа десет епизоди чиј режисер е познатиот Дејвид Финчер, додека извршен продуцент исто така е ѕвездата Шарлиз Терон. Овие двајца „дисиденти“ од Холивуд се она сликовито пребегнување за кое веќе зборувавме, а тоа е дека голем број значајни филмски автори сега ја бараат авантурата во форматот на ТВ сериите, а не во филмот. Серијата се занимава со почетните денови на ФБИ единицата која се занимава со профилирање, односно скицирање профили на сериски убијци. Двајца агенти на ФБИ разговараат со затворени сериски убијци сакајќи да дознаат што ги натерало на злосторство и на тој начин да го најдат најкраткиот пат во фаќањето на идните убијци. Сместена во 1979 година, оваа серија ја наследува ерата кога се пушело во канцелариите и во останатите простории во кои денес тоа е забрането, токму како во хитот сместен децении наназад – „Mad Men“.

„The Handmaid's Tale“ е серија која годинава доби дури пет Еми награди. Главната актерка Елизабет Мос после толку чекање и претходно брилјирање во серијата „Mad Men“ најпосле успеа да ги пополни витрините и тоа дури после девет номинации во претходниот сериски живот. Ова е адаптација на совршениот роман на совршената книжевничка Маргарет Етвуд кој се занимава со тоталитарното општество во САД каде жените се присилени да им родат дете на своите господари. Популарноста на оваа серија во ерата на Америка на Трамп е случајност, или?

„Fargo“ е серија чии први две сезони ги голтавме исто како што наивно во еден здив поверувавме во воедната реченица на браќата Коен дека се работи за вистинска приказна... Секако дека сè е фикција и секако дека не ни е грижа за тоа, па го проголтавме и третото продолжение кое е посебна целина. Во овој дел брилјира Јуан Мегрегор кој игра двојна улога – „кралот на паркинг сервисот Минесота“ и неговиот брат.

„Big Little Lies“ е серија која доминираше во категоријата мини-серии на овогодинешното доделување на наградите ЕМИ. Главната актерка Никол Кидман ја докажа теоријата од почетокот на овој текст дека филмските суперѕвезди бегаат од Холивуд во светот на ТВ сериите. Инаку, серијата се занимава со омилената тема на американската продукција – четирите хероини чии животи се совршена фасада во навистина совршени фасади, а под сето тоа се наоѓаат несреќни судбини на домаќинки.

„The Deuce“ е серија која покажа дека се враќа ХБО, или дека никогаш не ни заминал и дека го пуштал само Нетфликс или се исплашил па се враќа со фуриозен камбек, а тоа го докажуваат ЕМИ наградите. Серијата го прикажува подемот на порно индустријата од седумдесеттите и осумдесеттите години и е сместена во денешниот светнат Тајмс сквер во ерата кога во тој дел од Њујорк владееле макроата и проститутките. Интересна е и зашто консултанти во работата на овој хит биле и сексуални работнички, како и според тоа што Џејмс Франко ги игра двајцата браќа близнаци (Поздрав за „Фарго 3“ и Јуан Мегрегор). Серијата ја потпишуваат „готвачите“ на ХБО класиката „The Wire“, а уште после емитувањето на првата епизода „The Deuce“ го однесе епитетот на најслободна серија досега.

„Line Of Duty“ е серија која покажа дека Тенди Њутн сè уште е секси како и кога првпат ја забележавме во фимот “Интервју со вампирот“ во кој Том Круз и Бред Пит ѝ ги зарија забите во убавото тело. Ова е британска серија во која таа глуми детективка која во возбудливата приказна брка сериски убиец.

„Dark“ е серија која, ако успеете да го занемарите германскиот јазик, покажа колку сериите станаа глобален феномен. Освен „Babylon Berlin“ донекаде кореспондира со „Сенките над Балканот“, и неколку години после прекрасната „Detuschland '83“, се појави „Dark“, неспоредливо подобра и подлабока научна фантастика од планетарно популарниот хит на Нетфликс „Stranger Things“. Приказната за исчезнувањето и убиството на деца во три различни времиња, раздвоени 33 години, во близина на нуклеарната електрана во зафрлениот германски град, е една од оние кои морате внимателно да ги следите и бинџувате.

„This Is Us“ е серија со романтични, повеќеслојни, уверливо напишани ликови, предодредена да го освои американскиот пазар, но и срцата на сите оние кои сфаќаат дека семејството, сепак, е над сè.

„Rick And Morty“ е серија што ја сакаат паметните луѓе, најдуховитата и најдобрата цртана серија уште од првите сезони на „Саут Парк“ и „Симпсонови“ од средината на деведесеттите.

Извор: Nedeljnik