Јапонската урбана социологија и јапонската концепција на градот (2)

14.03.2018 02:02
Јапонската урбана социологија и јапонската концепција на градот (2)

Маќимура секако потсетува дека урбаната социологија ослабела во Втората светска војна. Градовите секако биле во хаотична состојба за време на војната и под американската окупација стагнирале и истражувањата во областа на урбанизмот. Меѓутоа, во педесеттите и шеесеттите години од 20 век, како што јапонската индустрија се искачувала до глобалниот врв и „повторно се раѓала“ урбаната социологија и тоа со практична примена. До осумдесеттите години од 20 век јапонското општество успеало економски и индустриски толку да се развие, што во многу сегменти и ги надминало индустриските гиганти како Германија или САД. Слично со француското општество, овој успех Маќимура ѝ го припишува на рапидната урбанизација. Во овој период, работната етика на Јапонците, која е сосема поинаква од протестантската етика на Вебер која владее на Западот, го достигнала својот врв, кој се одржал до денес. Меѓутоа, индустријата и економијата не се единствените полиња на кои рапидно се развивало јапонското општество. На полето на образованието, јапонското општество постигнало многу успеси. Јапонија уште од дамнешни времиња имала блиска соработка со Холандија и Франција, и француските автори како Анри Лефевр и Мануел Кастелс имале најголемо влијание во јапонското општество и ги инспирирале јапонските истражувачи. Во урбаната социологија после војната, главниот акцент бил ставен на политичките влијанија во локалните заедници, односно градовите. Во седумдесеттите години на 20 век, истражувањата на полето на урбаната социологија стануваат мошне популарни, заради развојот на градовите и заради нивната практична примена. Меѓутоа, имало премногу такви истражувања, а земјаќи ја предвид пренаселеноста и густината на населението во градовите, тие претерано се компромитирале. Затоа, во 1982 година е основана Асоцијацијата за Урбана Социологија на Јапонија. Оваа заедница управувала и ги координирала истражувањата на полето на урбаните проблеми, и во тоа име биле срушени многу конструкции во Токио заради новите индустрии, а многу индустрии повторно се подигале во градовите и многу градови биле 'реновирани'. Во периодот до деведесеттите години, Јапонија ја имала оваа можност. Меѓутоа, деценијата пред 21 век, јапонското општество влегува во период на глобализација и економскиот раст опаѓа. За јапонските градови деведесеттите години се нарекуваат 'изгубена деценија' зашто тогаш влегуваат во период на стагнација и изолација, со неможност да го следат светскиот тренд на глобализацијата. Овој тренд довел до деиндустријализација во Јапонија, што неминовно влијаело на јапонските градови, како индустриски центри, или дури индустриски творби. Доаѓа до големо зголемување на бројот сиромашни, домувањето станува проблем, популацијата расте, бездомништвото се шири.

Мариока Кијоши, од Отворениот Универзитет во Јапонија ги истражувал начините на кои јапонското општество успеало мошне брзо да се извлече од кризата. Дошол до заклучок дека истражувањата од урбаната социологија значително придонеле за тоа. Истражувањата се спроведени во шеесеттите години и се водени од страна на Мацубару Харуоа и Курасава Сусумуа. Тие, врз основа на теоријата на заедницата на Чикашката школа направиле една голема мрежна анализа. Со макотрпно истражување на населението и нивните меѓусебни односи, овие два социолози дошле до заклучок дека колективниот дух на Јапонците и натаму е присутен, дури и во најразвиените градови – како во нивните центри со станбени комплекси, така и во предградијата, што го негира големиот мит за градот како 'изолатор на индивидуи'. Кијоши го изнесува заклучокот дека овие анализи на урбаните социолози во голем дел придонеле подобро да се разбере градскиот живот во Јапонија. Со самото тоа, урбаното планирање и влијанието на политиката во градовите можат да ја спроведат урбаната социологија во практиката и да поправат многу урбани проблеми. Човечките меѓуодноси во јапонските градови биле од суштинско значење за истражувачите, иако на прв поглед не изгледа така.

Типологија на јапонските градови и денешните трендови

Јапонскиот град, како што веќе е споменато, конципиран е поинаку од класичниот западен град. Имено, мора да се земе предвид историскиот развој кога се зборува за градовите. Јасуши Мацумото е уште еден јапонски автор кој пишува за урбаната социологија во Јапонија. Тој ја споменува неизбежната типологија на Курасава на јапонските модерни градови, Курасава, судејќи според историскиот развој, ги поделил јапонските градови на шест групи каде некои имаат и заеднички карактеристики – традиционални потрошувачки градови (типовите А и Б), индустриски градови (Ц, Д и Е) и метрополи (тип М).

Градот од типот А е некогашен феудален град, кој се модернизирал после 1868 година и Мееѓи реставрацијата, а некои од градовите од типот А станале регионални 'лидери' со префектурални канцеларии. Градот од типот Б исто така бил феудален град, но се развил до ниво на мал центар за трговија. Градот од типот Ц е мал индустриски град, во кој се развива лесна индустрија (главно вајарството и текстилната индустрија) која Западот ја донел во Јапонија, а дотогаш во овие градови главно се развивале земјоделството или занаетите. Градот од типот Д е специфичен само за Јапонија и се создал со појавата на тешката индустрија во оваа земја – град на една компанија, едно семејство – град кој е создаден за производство на само една гигантска компанија (примери се Јахата, Тојота и Хитачи). Во градовите од типот Е се наоѓаат повеќе индустрии и во нив големите компании ги лоцирале тешките и хемиските индустриски комплекси, а создадени се за време на војната за да се зголемат продуктивноста и економскиот раст. Градовите од типот М се метрополите, кои поседуваат политички, трговски и индустриски центри и привлекуваат огромен број луѓе и се одлични места за штабовите на големите компании. Метрополите некогаш биле царски или градови на шогунската власт и до масовен пораст на популацијата во овие градови доаѓа после Втората светска војна, иако биле мошне населени и многу порано. Типот М денес во Јапонија е конурбација на централен град со околни градови. Оваа типологија важи и денес, иако е изработена во шеесеттите години на минатиот век. Исто така, на овој урбан модел во Јапонија е мошне применлива и теоријата на Зимел, според која индивидуата во метрополата има посебен ментален живот во однос на другите типови градови. Ова е точно и денес и во контекстот на јапонското општество.

Од оваа типологија, јасно може да се заклучи какви разлики постојат помеѓу градовите во Јапонија и Кина или Индија и во Јапонија и Америка или Европа, генерално. Урбаните социолози утврдиле дека јапонската работна етика влијаела на создавањето цели градови и дека меѓучовечките односи во градовите се круцијални за развојот на истите. Градовите со 'концентрични кругови' од Чикашката школа, овде не можат да се видат. Сфаќањето на компанијата како семејство е уште една фасцинантна појава во јапонската култура која заслужува поголемо внимание. Секако, и во другите општества во индустриското доба одредени градови имале одредена цел или намена, и посебна индустрија. Но, само во Јапонија можат да се најдат градови кои припаѓаат на една или повеќе компании кои имаат сопствена цел во производството или отстранувањето на отпадот и во нив нема услови за домување. Јапонското општество од примерот на Манчестер 'научило' дека домувањето и индустријата на едно место се мошне лоша идеја.

Во денешно време, целиот свет е сведок на брзото јапонско закрепнување после природните катастрофи. Земјотресите и цунамијата кои се мошне чести на Јапонскиот остров, ја уништуваат физичката структура на градовите, што со себе повлекува уништување и на сите останати структури. Земјотресот кој во 2011 година ја погоди Јапонија, како и закрепнувањето потоа беше мошне интересен феномен за урбаните социолози. Имено, посетителите и волонтерите во Ивата префектурата покажаа дека единството може да ја надмине секоја катастрофа. Асакава Тацуито од Мееѓи Гакуин Универзитетот смета дека главното прашање за урбаните социолози во Јапонија е следното: каков вид улоги треба да имаат градовите во рамки на регионалните аранжмани и урбаните мрежи? Тој потсетува дека исто така мораме да ги земеме предвид промените во структурите на социјалните светови во кои живееме.

Заклучок

Појавата и развојот на урбаната социологија во Јапонија била долга, но најпосле се исплатела. Јапонските урбани социолози 'го позајмиле' методот на Чикашката школа, но дошле до поинакви резултати. Секоја теорија од Западот не е строго применлива на глобално ниво, дури и ако се смета за најрационална, како што сметаат Бродел и Вебер. Чикашкиот модел на концентрични кругови не е применлив на јапонскиот град. Исто така ни 'мелтинг пот' теоријата не е применлива на јапонските градови, заради различните миграциски трендови. Кога се истражува еден град, мора да се земат предвид многу фактори. Но, јапонските урбани социолози, според стариот јапонски обичај, ги позајмиле методите и ги усовршиле и достигнале практична примена. Исто така, како зачетоци на урбаната социологија можат да се сметаат сите податоци за градовите и градскиот живот, кои ги акумулирало јапонското општество уште од првите империјални времиња. Сепак, ако се бележат големините на селските поседи, се бележат и податоците за занаетските, трговски и работнички домаќинства во градовите. Царовите и шогуните таквите податоци ги акумулирале и ги следеле трендовите на истите, иако тоа не било во форма на истражувањата што ги познаваме денес.

Денес, јапонските градови се меѓу најбезбедните за живот на светско ниво. Секако, сè уште има проблеми (како бездомниците во Токио и крајно суровиот, но редок криминал), но кој град нема проблеми денес? Секогаш треба да се има предвид дека урбанизацијата во Јапонија настапила рапидно – во втората половина на 19 век 80 проценти од населението на Јапонија живеело во рурални средини, а по Мееѓи реставрацијата урбаното население заземало 80 проценти од вкупното население. Токио уште во 18 век имал милион жители, и го следеле Осака со 500 000 и Кјото со 400 000 жители. Толку големата населеност во градовите едноставно бара одредени трендови на урбано планирање во областите на архитектурата, екологијата, индустријата, економијата, домувањето. Меѓутоа, јапонското општество отсекогаш имало силна колективна свест, лесно се прилагодувало на промените и лесно закрепнувало: речиси целата урбана архитектура е прилагодена на условите на силните потреси, домувањето е прилагодено на бројноста на луѓето, како и транспортните мрежи во градовите. Сепак, алтруистичните обичаи на јапонското општество се тие кои го изнедриле ова општество како во културолошка, така и во економска смисла. Ако не е колективниот дух, тешко дека еден град како Токио, со околу 13 милиони жители, би опстанал во овој постмодерен свет, како исклучително моќен центар на глобално ниво. Меѓутоа, како може таквиот систем да преживее во конфликт со опаѓањето на популацијата е прашање кое се поставува пред јапонските урбани социолози на 21 век.

Крај.

Кон првиот дел.

Литература:

Петровић М. и Вујовић С. (2005). Урбана Социологија, Завод за уџбенике и наставна средства, Београд

Yasushi Matsumoto (2000). Japanese Urban Sociology: Development and Current Trends, American Sociologist

Japan Association for Urban Sociology (s.a.). Lessons to Global Urbanization from Modern Japan's Problematic Experiences: Message to the World from the Japan Association for Urban Sociology:http://www.socconso.com/message/20UrbanSociology.pdf, Japan Association for Urban Sociology URL:http://urbansocio.sakura.ne.jp/english.html

Извор: http://casopiskult.com

Слични содржини

Свет / Историја
Јавни простори / Историја
Општество / Свет / Историја
Активизам / Јавни простори / Свет / Теорија
Европа / Свет / Историја

ОкоБоли главаВицФото