1031 hPa
48 %
16 °C
Скопје - Чет, 07.11.2024 15:59
Кога цветаа тиквите, вториот роман на познатиот југословенски автор, Драгослав Михаиловиќ има облик на монолошка исповед: некогашниот надежен боксер Љуба Сретеновиќ се сеќава на периодот од крајот на 1940-тите и почетокот на 1950-тите години кои го натерале да емигрира во Шведска. Објавен во 1968 година, романот го привлекува вниманието на југословенските власти, а претставата подготвена според романот е симната од репертоарот по само неколку изведби. Овој роман е едно од пресвртните дела од кои почнуваат нови тенденции во југословенската книжевност; важи за најзначаен роман на југословенскиот „црн бран“ и е едно од првите уметнички дела кои ја допираат темата на Информбирото во Југославија.
Романот дава едноставна, домашна приказна раскажана од еден емигрант кој се наоѓа на периферијата на животот. Без никаква патетика, без разубавување, но и без горчина, тој го раскажува својот личен живот, но низ него се прекршува една цела епоха. Обработувајќи обична тема која се случува во специфичен амбиент, романот се одликува со фасцинантен јазик, со брилијантни дијалози, со атмосфера што остава горчлив вкус и со галерија на силни ликови. Со ова дело Михаиловиќ зазел високо место во новата српска и југословенска книжевност. Од првата до последната реченица, книгата се чита во еден здив, како балада која го привлекува вниманието како со целата своја фабула, така и со одделни епизоди опишани во неа. Во романот, како низ чисто стакло се гледаат бројни вкрстени и сложени трагедии: на еден човек, на едно семејство, на едно време и на едно поднебје.
Извадок од романот може да прочитате овде.