Изложба на Љубиша Камењаров - „Рамнотежист“

15.09.2018 02:29
Изложба на Љубиша Камењаров - „Рамнотежист“

На 15 септември (сабота), во 20 часот, во Мобилната/монтажна галерија ќе биде отворена изложбата “Рамнотежист“ на Љубиша Камењаров.

Делото Рамнотежист (борец за рамнотежа, паднат во битка за неа), не се занимава со мотивите и причините за ваквото општење на релација субмисивен-доминантен во уметноста, туку само ја забележува, потсетува за нејзиното постоење – ја прави очигледна нерамнотежата. Во еден мал дел се обидува да ја преврти таа појава, залагајќи се за врамнотежување, зошто со природниот тек на работите во вселената, секоја нерамнотежа тежнее кон врамнотежување.

Ваквата поставеност на нештата (нерамнотежата) се смета за неправилност – аномалија и го зема подредениот субјект за свој херој, преку кој ја отсликува таа сосотојба.

Со прикажување на човечка фигура, со поедноставени (апстрахирани) анатомски одлики, без точно одредена возраст, пол, раса, се нагласува само припадноста на човечкиот род (најзасегнатата странка во оваа замисла).

Изборот на местоположбата на фигурата (на високо издигната основа), го засилува нејзиното величење, херојски прикажува Паднат Борец за рамнотежа, притоа материјалот наменет за одводна инсталација се поврзува директно со (се користи за) уметничката инсталација градејќи го телото на херојот, паднатна колена, претворајќи го од субмисивен во субверзивен.