Време е за преумување: Тврдоглави и необрезани по срцето и ушите

16.08.2019 02:21
Време е за преумување: Тврдоглави и необрезани по срцето и ушите

Според неодамнешните испитувања во Македонија во просек осумдесет проценти од населението се изјаснува како религиозно. Од тој број речиси сите припаѓаат на една од монотеистичките религии. Затоа сметам дека библиските цитати врз кои ќе го засновам овој напис може да бидат применливи безмалку на сите македонски верници.

Поводот на мојот текст е поттикнат од тековните политички превирања на аферата околу случајот „Рекет“, но тоа не е главната причина. Причината ќе се види од она што следи подолу, а овој повод го користам првенствено да им се обратам на сите тие декларирани верници. Целта не ми е да се пресметувам со главните и споредните актери во аферата. За нив се напиша и се пишува веројатно и прекумерно. Она на што сакам да се осврнам е вчудовидувачката состојба на Македонија во секој општествен сегмент. Како е можно во држава со толку многу религиозни луѓе, да има толку многу корупција, непотизам, дискриминација и протекционизам? Од тоа, за уште поголема жал, не се изземени ни самите религиозни институции.

Народ кој во толкав процент верува дека постои апсолутно, вечно, семоќно, сезнајно и во суштина седобро божество треба да разбере дека има објективен морал и доследна етика, доследна затоа што се темели на морални кодекси и етички принципи кои не зависат од арбитрарното расудување на ограниченото човештво. Токму затоа фрапира состојбата во која се наоѓаме. Еден крајно вознемирувачки показател за ова се милионите коментари на социјалните мрежи за овој случај, а и за многу други случаи на флагрантен криминал од лица на државни функции. Од најголемиот број коментари читателот не може да добие некаква поука, загриженост или пак, ангажман. Напротив, коментарите обилуваат со мајтапење, сеирџиство, ситење, па сè до омраза. Ова е случај не само со приватни лица кои во свое име и за своја сметка коментираат, туку и за лица кои ја претставуваат државата или религиозните институции.

Истовремено сите овие верници, со разна политичка определба најчесто се повикуваат на некакви меѓународно силни фактори, читај САД, Европската Унија и Русија, како на извор на конечен спас. Некој однадвор се смета за единствено решение за хаосот кој си го создаваме. За едните само приклучувањето кон НАТО и Европската Унија ќе донесе благосостојба во Македонија, додека за оние од спротивниот табор, само Русија (или некаква Евро-азиска унија) се вистинската иднина.

Драги мои (со)верници. Да ве потсетам на неколку важни стихови од Стариот завет. Тие доаѓаат од пророците и псалмите, книги кои се прифатени за свети во сите три монотеистички конфесии. Пророците пишуваат за големи империи. Некои од нив ги сметаат за орудија преку кои Бог го дисциплинира својот народ, Израилот. Со која цел? За да ги потсети дека ги напуштиле Божјиот морален кодекс и Неговите етички принципи. А каков е одговорот на народот? Едни се сигурни дека ова е само празна закана зашто сè додека во светилиштето на храмот стои ковчегот на заветот, тие се безбедни. Откако ќе видат дека ова не е празна закана, се свртуваат за помош токму од местото од каде што некогаш Бог ги ослободил од робување.

На таквите Бог им зборува преку пророкот Исаија, „Тешко им на непокорните синови, вели Господ, кои се советуваат, но без Мене, и склучуваат сојузи, но не според Мојот дух, за да додаваат грев врз грев: а да не ја прашаат устата Моја, одат во Египет, за да се поткрепуваат со силата на Фараонот и да се сокријат под сенката на Египет“, (Исаија 30:1-2).

Оние пак што се сигурни дека единствениот спас ни се западните сили треба да бидат потсетени дека Бог го користи Вавилон да го укори и да го наведе Израилот на вистинска вера и побожност, но истовремено го суди. Нема човечка личност или систем управуван од луѓе, а да не е корумпиран. Спасот не е ни во едните ни во другите. Вистинскиот спас е толку просто едноставен колку што е извонредно бескомпромисен. Псалмистот во псалмот 94 ги срочува едни од највпечатливите и најпознати зборови на оваа тема:

„Го газат Твојот народ, Господи, и го угнетуваат Твоето наследство; вдовица и туѓинец убиваат, и сирак усмртуваат. Па велат: Господ нема да види, Бог Јаковов нема да дознае! Вразумете се, вие што сте безумни! И дали вие, луѓе, некогаш ќе се опаме-тите? Оној, Кој го насадил увото, нема ли да чуе, и Оној што го поставил окото, нема ли да види? Оној, Кој ги вразумува народите, и Кој го учи човекот на знаење, зар нема да казни? Господ ги знае човечките мисли, знае дека се тие суетни. Блажен е оној човек, кого го вразумуваш Ти, Господи, и го поучуваш на Твојот закон“, (Псалм 94:5-12).

Верувам дека овие стихови, кои повикуваат на правилно морално расудување, се прифатливи за сите добронамерни граѓани на Македонија, верници или не. Но мојот апел во овој случај е особено до оние што веруваат во постоењето божество кое е извор на објективен морален закон.

Ова е особено применливо на оние што имаат каква било формална власт. Еве ја пораката за нив од пророкот Михеј: „Вие, кои го градите Сион со крв и Ерусалим со неправда. Поглаварите негови судат за подароци, свештениците учат за награди, а пророците пророкуваат за пари, и сепак се надеваат на Господа, велејќи: „Нели е Господ меѓу нас; затоа зло нема да нè постигне“, (Михеј 3:10-11).

Знам дека верниците не се изземени од прашањата како да се толкуваат светите писма за прашања кои се контроверзни, а секако не заговарам некаква теократија која го опфаќа секој личен и општествен животен стил. Напротив, на многу од тие теми и самиот сум отворен за разговор и разубедување. Но, нема ниту еден начин на кој прашањето на корупцијата, криминалот и општествените неправди, кои се тема на овој текст, би можеле да се релативизираат од кој било верник. Библијата за нив е кристално јасна. Оние верници што не се придржуваат до нив се богохулници од најлош вид. Тие го сквернават токму Божјото име на кое се повикуваат.

Но со Бог никогаш не е сè изгубено. Зборовите на пророкот Исаија се напишани како за тековните состојби во Македонија: „Измијте се, исчистете се; иставете ги од очите Мои лошите дела свои; престанете да правите зло; научете се да правите добро, барајте правда, спасувајте угнетен, заштитувајте сирак, застапувајте се за вдовица.“ Тогаш дојдете и ќе се пресуди, вели Господ. Гревовите ваши да се и како бакар, – како снег ќе ги побелам; да бидат црвени и како пурпур, – како волна ќе станат бели.

Почитувани (со)верници, одговорот на оваа ситуација според горенаведените стихови нè потсетува дека е време за она што во Новиот завет се нарекува „метаноја“, што во буквален превод значи преобразба или обнова на умот, а во пренесено значење се преведува како покајание.

На денот на Св. Стефан Првомаченик, наместо заклучок ги користам неговите зборови: „Тврдоглави и необрезани по срцето и ушите! Вие секогаш Му се противевте на Светиот Дух – како татковците ваши, така и вие. Кого од пророците не го гонеа вашите татковци? Тие ги убија оние што го предвестија доаѓањето на Праведникот, чии предавници и убијци станавте сега и вие, вие, што го примивте Законот преку ангелите, а не го одржавте. Кога го слушаа ова, срцата им се кинеа од јад и со забите крцкаа против него.“

На чија страна ќе бидеме ние верниците во Македонија денес? На страната на Стефан или на страната на оние „верници“ кои крцкаа со забите против него?

Време е за преумување!

 Слики: Brendan Monroe